Дали е преамбициозна идејата за отворен Балкан од први јануари 2023 година и што се треба државите да направат за да осигураат безбедно кревање на граничните рампи е прашањето што се поставува по најавата од лидерите на Македонија, Албанија и Србија дека тоа ќе се случи за помалку од година и пол. Зоран Заев, Еди Рама и Александар Вучиќ не ја криеја разочараноста од бавниот пат на трите балкански земји кон Европската унија, а во регионалното поврзување гледаат начин за зголемена соработка.
Видете и ова: „Отворен Балкан“ за европска иднина на регионотНо, дали постои опасност и од „зголемена соработка“ на шверцерските и други криминални групи? Поранешниот министер за внатрешни работи и пратеник од владејачкото мнозинство Павле Трајанов во изјава за Радио Слободна Европа на прашањето што треба да се направи за од 2023 година да се контролираат и криминалните активности меѓу трите држави одговара- па и сега никој не ги контролира границите, а граѓаните од трите земји минуваат само со лични карти.
„Има опасносност и за зголемено движење на безбедносно интересни лица, на терористи, на криминалци, но тие и досега безбедно се движат, добиваат пасоши од легални институции, или фалсификувани итн. Значи, тој криминал и натаму ќе постои, мора да се организираме и да се бориме, но заради претпоставки дека криминалците исто така полесно ќе се движат не можеме да го блокираме демократскиот и економскиот развој на балканските држави“, вели Трајанов.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој смета дека за да се надминат евентуалните проблеми треба да се преземат веќе изградените системи од Европската унија во која големи држави ги отворија границите и нема контрола меѓу нив. Трајанов потстетува дека и досега со сите држави Македонија има договори за соработка во сузбивање на тешкиот облици на задграничен криминал, дека постои и центар за борба против организиран криминал во Букурешт и додава дека треба да се направат уште некои преструктуирања.
Инаку досега, Македонија со двете соседни земји има потпишано низа договори за соработката во борбата против криминалот. На пример на први јуни годинава македонското и албанското обвинителство за гонење на организиран криминал потпишаа меморандум за соработка, а договор за основање и функционирање заеднички контакт центар за полициска соработка двете земји имаат уште од 2012 година.
Година претходно, во 2011 година, тогашните министри за внатрешни работи на Македонија и на Србија Гордана Јанкулоска и Ивица Дачиќ потпишаа билатерален договор за полициска соработка, а двете земји исто такаа имаат други договори, како на пример за радмисија. Пред две години со Србија, Македонија потпиша и договор за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе и криумчарење мигранти.
Видете и ова: Егрлиќ: Огромна штета е што БиХ не е во „мини шенген“Договорите за меѓусебни соработки ги споменува и аналитичарот од Асоцијацијата за демократски иницијативи Алберт Муслиу. Тој нагласува и дека трите држави се членки на ИНТЕРПОЛ. Според него, трите држави повеќе работа ќе имаат во усогласувањето на економските политики за да обезбедат непречено движење на стоките.
„Според мене ќе треба да има промена во данокот на додадена вредност, даночните закони, верувам дека цела низа на работи ќе треба да се сменат, но ако веќе се посветиле веројатно се сериозни за тоа што го ветуваат“, вели Муслиу.
Заев, Рама и Вучиќ на економскиот самит кој се одржа во Скопје неделава ветија заеднички регионален пазар кој ќе понуди подобар живот на граѓаните и многу поволности за нив, како на пример нула минути чекање на границите, а да не постојат царини меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија. Рокот кој си го зададоа истекува на први јануари 2023 година.