Oткако видеото на РСЕ со долгокосиот основец Максим Каески предизвика голем интерес во јавноста, го прашавме главниот јунак какви се реакциите.
„Возрасните ми кажаа дека сум станал како главна ѕвезда. А децата ми кажаа дека сум како популарен“, изјави 9-годишниот Максим за РСЕ.
Но, вели, неговата цел не е популарноста.
„Го правев заради друга цел, заради мојата коса. Сакам да сфатат децата кои ме задеваат за мојата долга коса дека и машките може да имаат долга коса, не мора само женските да имаат. Поважно ми е да го прифатат мојот предизвик и да ја растат својата коса за да се направи перика која ќе се донира за некое дете болно од рак“, потсети малиот Максим.
И додека чека неговата коса да стигне до 25 сантиметри должина во плетенка, за да ја скрати и донира, веќе размислува за ново видео со кое сака да ја подигне свеста за друго прашање.
„Следната цел би ми била да се обратам на оние кои пушат цигари да не фрлаат пикавци во близина на деца, на игралишта“, вели тој.
Максим ни кажа дека откако постои видеото, никој не му дофрлил нешто за неговата коса па се надева дека околината конечно сфатила.
Каде може да се донира коса во Македонија?
Триесетитригодишната кавадарчанка Сашка Кузманова е единствена во Македонија која изработува перики од природно влакно. Според нејзините информации, изработка на една ваква перика во фабриките во странство чини од 500 евра па нагоре, во зависност од должината густината и слично. А периките од природно влакно во специјализираните продавници кај нас чинат и по 1000 евра. Но, Сашка ги изработува бесплатно и ги подарува, а нејзина наградата се солзите радосници на пациентите.
По диплома е професорка по англиски јазик, а позната е како хуманитарката која помага на социјално загрозени семејства. Откако нејзина пријателка добила карцином, таа решила да им помага и на онколошките и хематолошките пациенти.
„Почнав да размислувам како да им станам една светла точка во тоа црнило што го поминуваат и затоа почнав да изработувам перики“, вели Кузманова за РСЕ.
Тука немала од кого да учи, па вели, едвај нашла некој од кого ќе добие практично знаење. За време на пандемијата, Македонка која живее во странство онлајн ја обучувала како да ги изработува периките. Пред година и половина ја направила првата перика, а веќе се 46 на број. Би биле и повеќе, бидејќи има коса „на залиха“, но процесот е долг и макотрпен.
„Бидејќи периките се изработуваат рачно 100 %, потребно е 21 до 31 ден за една перика. Кога ќе седнете да изработувате перика сакате побрзо да биде. Но, некогаш минуваат и по 10 до 12 часа на ден во изработка, бидејќи се работи влакно по влакно“, истакна хуманитарката.
На списокот на Сашка веќе има 88 луѓе кои чекаат за перика. Моментално изработува три, а има уште триесетина парчиња коса кои чекаат да станат перики. Но, не запира со собирање на донирана коса. Секој што сака да подари може да ја контактира Кузманова на нејзиниот профил на Фејсбук.
Кои се условите за донација?
Не е услов косата да ја има природната боја, но има услов за должината порачува Сашка.
„Може да биде и бојадисана поради тоа што, на пример ако на некоја пациентка претходно косата и била руса или црвена, правиме и бојадисана перика. Кога се крати, треба да биде врзана во коњско опавче или плетенка и да биде подолга од 25 сантиметри“, изјави Сашка.
Видете и ова: Ракот на дојка не прашува за годиниКако се стигнува до перика?
Секој пациент кој сака бесплатна перика од природно влакно може да се запише на листата на Сашка, но децата имаат предност поради возраста.
„Секој што има потреба од перика, може исто така слободно да ме контактира на мојот Фејсбук профил. Условот за добивање на перика е само еден - да приложи документ дека е онколошки или хематолошки пациент. Јас ги запишувам, си има редослед според список. Кога ќе стигне на ред, секој од запишаните си добива перика“, порачува таа.
Редицата е долга, а Сашка е една, па периодов обучува две млади девојки да ѝ помагаат, бидејќи повеќе раце значат и повеќе перики. Во проектот ѝ помагаат и две млади битолчанки од акцијата „Сите заедно во борба со канцерот“. Косата која ја собираат тие доаѓа кај Сашка. А таа се надева дека со зголемување на тимот кој изработува перики за скоро ќе се насмевнат многу повеќе лица.