Историски чин е описот за одлуката за канонско признавање на Охридската Архиепископија од Вселенската Патријаршија во јавноста. Со денешната одлука,како што се оценува во Скопје, се отвора пат и за почеток на процесот за признавање на автокефалност на Македонската православна црква. Од возобновувањето во 1967 година, МПЦ-ОА беше меѓународно изолирана и непризнаена од православниот свет.
Видете и ова: СПЦ по изборот на новиот патријарх ПорфиријМакедонскиот премиер Димитар Ковачевски на својот официјален фејсбук профил упати благодарност до вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј за признавањето на Охридската Архиепископија за канонска. Тој во интервју за ТВ Сител изјави дека неодамна и тој испратил писмо до патријархот Вартоломеј.
„Иако со овој чин конечниот статус и име на црквата сѐ уште не се решени, најважниот и најголем чекор е завршен. Сега македонската православна црква е во заедница со сите православни цркви, и овој ден е историски ден после 7 децении тотална изолација“, напиша тој во својот пост на Фејсбук.
Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека одлуката на Вселенската Патријаршија за признавање на Охридската Архиепископија за канонска е една од најсветлите одлуки важна за нашата Света Македонска Православна Црква и македонскиот идентитет. Тој вели дека значењето на оваа одлука е големо затоа што доаѓа по повеќедецениското и повеќестрано негирање на македонскиот национален идентитет, меѓу кој е токму и улогата на нашата црква која несомнено по оваа одлука станува дел од големото семејство на православни заедници, независна и рамноправна на другите.
„Им честитам на истрајноста, мудроста и упорноста на поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан, како и сите останати владици и членови на Светиот Синод на нашата црква, на тој начин успевајќи да обезбеди континуитет на православниот идентитет како важен супстрат на идентитетот на македонскиот народ. Со оваа одлука се потврдува вековниот идентитет на македонскиот народ различен од останатите балкански народи“ вели Мицкоски во писменото соопштение.
Руската православна црква излезе со став дека ги признава само канонските права на Српската православна црква (СПЦ) во Северна Македонија.
„Руската православна црква ги признава исклучителните канонски права на СПЦ во Северна Македонија. Ставот на РПЦ, пред се ќе го земе предвид пристапот на тој проблем на Српската црква, на која и натаму и ги признаваме исклучителните канонски права во Северна Македонија“, изјави секретарот на Одделението за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук, јавува новинската агенција МИА.
Инаку, Вселенската патријаршија ја призна независноста на Украинската православна црква во 2019 година, додека Русија не ја признава нејзината автокефалност
Со денешната одлука МПЦ со Вселенската Патријаршија не се повеќе во шизма и раскол со севкупната православната Црква и македонските свештеници можат да сослужуваат со свештениците од другите православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.
Во однос на дополнителните преговори во соопштението на Вселенската Патријаршија е наведено дека и се остава на Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.
„Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено ѝ вети на Вселенската Патријаршија, која не го употребува терминот „Македонска“, или друга изведенка од зборот „Македонија“, се вели во соопштението.
СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината автокефалност. Разговорите што повремено се водат во изминативе години немаа позитивен исход, поради што МПЦ-ОА за решавање на својот статус се обрати до Фанар и вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Видете и ова: Може ли МПЦ-ОА да го фати „украинскиот воз“ до автокефалностИзминатиов викенд претставници на Македонската православна црква – ОА и Српската православна црква, по долги години прекин на комуникацијата, повторно седнале на заедничка маса. Веста за враќањето на дијалот на маса ја објави, Зворничко-тузланскиот епископ Фоти.
„Како дел од Синодот на СПЦ, бев во придружба на неговата Светост овие денови. Првиот ден имавме средба со претставници на Македонската Православна Црква во Нишката епархија. Тоа е еден интересен дијалог на љубов, вера и надеж и се надеваме, ако даде Бог, можеби може да се случи, но прво треба сите ние да се молиме на Бога, Македонската парваославна црква, односно Охридската Архиепископија, во мај месец на овој Собор во Белград, повторно да се врати во канонско едниство со Српската православна црква, а со тоа во канонско единство и со сите помесни православни цркви“, истакнал Фотиј по литургијата за Свети Ѓоргија.
Долгогодишниот новинар и верски аналитичар Бранко Ѓорѓиевски вели дека чинот на Вселенската Патријаршија е во корелација со Српската православна црква, особено по средбата која претставници на СПЦ и МПЦ ја имале во Ниш. Тој објаснува дека и тие ќе бидат вклучени во понатамошната постапка.
„Јас и натаму ќе останам скептик дека СПЦ толку лесно ќе се согласи на МПЦ да и даде автокефален статус знаејќи го распоредот на силите кој што постои во црковниот врв на СПЦ. Тоа ќе биде работа на преговорите. Ние имаме негативно искуство со нив поврзано со Нишкиот договор, па се надевам дека македонските владици од тој случај извлекле добра поука и дека нема да дозволат некакви облизи на канонско единство кое ќе значат не автокефален статус туку некаква широка автономија или слично“, вели тој.
Минатата година новиот патријарх на СПЦ Порфириј изјави дека смета оти од суштинска важност е да се надмине расколот со Македонската црква.
„Оваа тема останува отворена и верувам дека ќе се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без мешање на политиката,“ изјави тогаш српскиот патријарх Порфириј.
Во 1967-ма година, на двестегодишнината од укинувањето на автокефалноста, Охридската архиепископија прогласува автокефалност. Српската православна црква тоа не го признава и тој раскол се уште трае.