Плац по плац, отиде половина Водно

Плацот во сопственост на Маркеза на Водно

Со низа аргументи група на жители на Водно го оспоруваат одобрението за градба на фирмата Маркеза. Ќе ја добијат ли битката или ќе се отвори патот за градежна експанзија на сметка на зеленилото.

Со месеци група на жители на Водно се обидуваат да ја спасат шумата која се наоѓа над нивните куќи од градежната експанзија, а сега сите надежи им се свртени кон новиот градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Над улицата „Питу Гули“, се наоѓаат озогласените „Плацеви на Водно“ за кои се води и судски процес. Во друштво на овие плацови е и оној кој и припаѓа на
фирмата „Маркеза“, која е единствената што има добиено дозвола за градба и која жителите на оваа улица ја оспоруваат.

„Маркеза“ доби одобрение за градба од страна на претходниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ во април минатата година. Групата на жители на Питу Гули преку адвокат ја водат битката за поништување на дозволата за градба врз основа на неколку точки.

„Иако 20 години немаме мир од поединци со моќ и апетити да приграбат земјиште кое е од јавен интерес, сепак бевме шокирани од откритието дека Дозволата за градење е издадена без апсолутно никаква грижа околу безбедноста на постоечките семејни куќи на улицата Питу Гули. Освен шокот, разочарувањето е огромно. Иако отсекогаш бевме свесни дека на пошумениот рид над нашите куќи некој би може да добие дозвола да гради само со манипулации на законите и здравиот разум, никогаш не помисливме дека е возможно да се направи пропуст од оваа големина“, вели еден од жителите на улицата.

Тие се жалат на веродостојноста на документацијата, дека е пробиена максималната катност, до парцелата нема пристапен пат и според нив, не е јасно како на инвеститорот ќе му се овозможи поставување на водоводна, фекална и атмосферска канализација и друга инсталација, при што објектот е со друга намена, а основниот проект содржи грешки и недостатоци.

Плацот на Маркеза на Водно


Фиктивен елаборат?

Последен аргумент на жителите е дека фирмата приложила фиктивен елаборат, кој на 18 март како дополнување на барањето за поништување на одобрението за градба го приложиле во Општина Центар.

Низ целата документацијата од елаборатот кој го извела фирмата „Геотехника-Нова“ и до кој дојде РСЕ, како адреса на геомеханички теренски истраги и лабораториски испитувања е наведена улицата Петар Драпшин 19 во населбата Кисела Вода. Воедно тоа е и домашната адреса на управителот на фирмата Маркеза, Филип Костиќ. На оваа улица порано било заведено и седиштето на Маркеза, но, во меѓувреме фирмата се сели во Аеродром.

Елаборатот во кој е наведена улицата Петар Драпшин

Додека плацот на Водно се наоѓа на местото „Горно Курило“. Она што го поврзува елаборатот со парцелата на Водно е фотографијата приложена на првата страница од документацијата, која е извод од катастарскиот план каде всушност и треба да се изгради објектот за домување. Потоа врз истата фотографија од парцелата на Водно во документацијата се исцртани и трите локации на бунарите кои биле ископани.

Бунарите не се копани на Водно?

Групата жители ги застапува адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска која вели дека поради адресата тргнале да ја испитуваат веродостојноста на елаборатот, бидејќи според нив, три бунари со длабочина од 12 метри и еден метар пречник не се копани на локацијата на Водно.

„Соседите живеат во непосредна близина и тие од донесување на Дупот будно ја следат состојбата на планината и знаат точно кој влегува, излегува и поминува од таму. Три бунари со длабочина од 12 метри да се копаат, како што е наведено во елаборатот рачно, би требало многу долго време луѓе таму да прават голема галама. Така што не е можно соседите тоа да не го видат, особено што во елаборатот е наведено дека во септември 2020 се вршело копањето, а тоа е време кога сите бевме во карантин и е за време на ковид. Од друга страна фотографиите што се приложени во елаборатот од страна на наши независни стручни лица кои се занимаваат со слична проблематика ни е посочено дека вакви дупки не е можно рачно да се направени“, вели Јошевска Анастасовска.

За поништување на одобрението за градба тие се водат од членот 59, став 19 и 20 од Законот за градење. Во овие членови е наведено дека барателот одговара за веродостојноста на сите документи и доколку тие се невродостојни одобрението за градење е ништовно. Воедно е побарано од општината да бидат ангажирани независни стручни лица за да се утврди дали елаборатот е веродостоен.

На прашањето до Маркиза како ги коментираат обвинувањата ни одговорија со соопштението веќе испратено до медиумите.

„Жалиме што жителите на ул.Питу Гули со невистини ги доведуваат во заблуда и медиумите и целата јавност дека Маркеза Дооел Скопје превзема некакви незаконски дејствија кои се спротивни на јавниот интерес. Напротив, Маркеза Дооел Скопје има уредно одобрение за градење од 07.04.2021 година кое е правосилно на ден 08.06.2021 година и издадено во согласност со важечкиот Детален урбанистички план“, наведуваат од фирмата.

Бунарите кои се копани за изготвување на елаборатот


Од „Геотехника-Нова“ тврдат дека бунарите не се копале на улицата Петар Драпшин како што е напишано во елаборатот, туку на парцелата на Водно. Одговорните лица со кои разговаравме во фирмата притоа не сакаа ништо дополнително како нивен став да биде искористено.

„Геотехника-Нова“ воедно го правела и основниот проект за изградба на потпорен ѕид и во документацијата иако никаде не се споменува адресата, како место на секоја страница е наведена катастарска парцела.

Поврзаност со Ивица Георгиевски?

Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) – Скопје во ноември 2020 година изработил мислење за проектираниот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата.

Но, она што е интересно, не е мислењето, туку како е насловена доставената документација до ИЗЗИС од страна на „Маркеза“ за основниот проект и за одговорот на забелешките.

Како име на основниот проект на фирмата е наведено-Куќа Ивица БИСИ нас. Водно. Од ИЗЗИС ни потврдија дека фајловите кои ги испратила фирмата биле насловени како што се напишани во мислењето.

Мислењето од ИЗЗИС каде проектот е насловен-Куќа Ивица Биси нас.Водно

Во сторијата на Истражувачката репортерска лабораторија, објавена лани се открива дека „Маркеза“ има деловни односи со фирмата БИСИ ДООЕЛ, инаку во сопственост на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Фирмите на Георгиевски и Костиќ, како што се наведува во сторијата, имаат склучени неколку нотарски договори за закуп.

Од Маркеза не ни одговорија дали имаат некаква поврзаност со Георгиевски.

„Jавноста треба да биде точно информирана дека парцелата која сега е во наша сопственост секогаш била приватна сопственост на лица кои немаат никаква врска ниту со политика, ниту пак некогаш имале спор со било кој од соседите“, се посочува во соопштението на фирмата.

Дополнителни аргументи на жителите

Од увидот на проектната документација која сметаме дека е изманипулирана може да се заклучи дека има обид да се затскрие поголем комерцијален објект, вели Јошевска Атанасовска.

„Тие аргументи се наведени во самото барање дека во проектната документација има 20 паркинг места, што само по себе е чудно за едно семејство. Во разработката на санитаријата има 30 моноблок веце шолји што не е јасно за што ќе служат, а има седум купатила. Начинот на кој се изведени собните единици и колку се на број. Дваесет собни единици има во оваа куќа сугерираат на некакво апартманско сместување заедно со купатилата“, вели таа.

Од „Шанса за Центар“, која има тројца советници во општината и која на локалните избори меѓудругото вети дека ќе се залага против урбаната мафија велат дека општината треба да направи целосна ревизија на тоа како е издадена градежната дозвола и ако се потврдат прекршувања таа да биде поништена, а
одговорните да бидат соодветно санкционирани.

„Тврдењата кои се наведени во барањето за поништување се сериозни, детални и посочуваат кон повеќе можни прекршувања на правилата. Досега не слушнавме никаков демант на овие наводи, ниту од инвеститорот, ниту од општината“, велат од „Шанса за Центар“.

Потоа, како што додава Јошевска Анастасовска, одобрениeто за градба е дадено за еден спрат повеќе од дозволеното, односно е„замаскирано во „галерија”. Она што исто така е впечатливо и е од јавен интерес, е фактот дека до парцелата нема улица, до неа се стигнува пешки, додава Јошевска Атанасовска и доколку се изгради се отвора можност да се гради и на другите парцели и со тоа ќе биде уништена поголема квадратура на шума.

Се чека на одговор од општина Центар

Од општината засега жителите на добиле одговор, но, како што вели Јошевска Атанасовска, ќе треба да се формира комисија која ќе ги испитува сите точки кои ги оспоруваат жителите. За волја на вистината, како одобрение за градење многу тешко и ретко се поништува, но јас не го одобрувам тој аргумент, посебно кога тоа би било оправдано, посочува адвокатката.

„Спасот на Водно е доволен аргумент за овој пат да се потрудиме сите и да видиме дали постојат аргументи за поништување. Ние не бараме градоначалникот да излезе од рамките на законот. Во рамките на законот ако смета дека има доволен број на аргументи или овие барања кои се поднесени содржат доволно аргументи дека е законски да го поништи одобрението за градење колку сака нека биде ретко, нека биде и прв и единствен, тоа треба да го направи. На крајот ние ги бираме функционерите на такви позиции за кога ќе се носат тешки одлуки да бидат храбри и да застанат позади граѓаните“, вели Јошевска Атанасовска.

Изгледот на куќата која Маркеза тврди дека ќе се гради на Водно

Од „Маркеза“ пак тврдат дека ќе се гради семејна куќа за домување со намена А0 прикажана на фотографијата, која ни ја испратија по електронска пошта и која е поставена на тарабите со кои е ограден плацот. Воедно додаваат дека се придружуваат кон апелот до општината дека сите градби на Водно треба да имаат исклучиво намена А0, а во никој случај да не се дозволи градење на згради, големи објекти, хотели или било какви објекти со друга намена.

Од Општина Центар велат дека се постапува по барањето на групата жители.

„До општината пристигнато е дополнувањето на барањето за огласување на управен акт за ништовен од група граѓани за одобрението за градење на ДТУ Маркеза. Истото е прераспределено во соодветната општинска служба и е во постапка“, велат за РСЕ од општината.

Од „Шанса за Центар“ сметаат дека е особено штетно продолжувањето на секакви градежни активности на падините на Водно, а особено на локации каде ќе се жртвува дел од шумата.

„Јасно е дека доколку општината почне да го пробива патот по ридот кој треба да ги спојува градежните парцели, меѓу кои во погорните делови се и оние за кои во моментов се одвива судењето во случајот „Плацови на Водно“, ќе се овозможи и нивно реализирање. Со тоа целосно ќе се збрише шумата од тој рид и ќе се претвори во густа станбена зона. Цената на ова проширување ќе бидат илјадници возрасни дрвја посадени уште пред 80 години, ќе се зголеми ризикот за порои, а патот ќе биде огромна инвестиција на општината со оглед на тоа што ќе мора да се гради на исклучително стрмен и тежок терен. Секако таа „инвестиција“ на општината ќе ја платат граѓаните на Центар преку буџетот на општината. Реализацијата ќе значи пораз на јавниот интерес и вложување на јавни пари за остварување на апетитите за објект на Водно на неколку поединци“, посочуваат од „Шанса за Центар“.

Опасностите од сечење на шумата

Шумите на Водно се белите дробови на Скопје, а бетонизацијата која му се случува на градот не го одминува и ова место.

Професорот на Шумарскиот факултет, Николчо Велковски на барање на групата граѓани на крајот на декември, минатата година излегол на терен и изготвил свое мислење во кое се наведува дека на оградената површина каде треба да се гради се извршила сеча на дрвја кои биле на возраст над 50 години. Воедно евидентирано е и расчистување на природна обнова на дрвја и грмушки.

„Секое сечење на шумски дрвја треба да се врши согласно Законот за шуми, според кој, дрвјата кои се сечат треба претходно да бидат дозначени, сечата да биде одобрена од надлежен орган, а дрвната маса која се превезува треба да биде снабдена со документи за транспорт, издадени од субјектот кој управува со шумата. Тоа се однесува за сите шуми без оглед на сопственоста и намената. Сите градежни активности со кои се врши перманентно поткопување на земјиштето и расчистување на шумската вегетација на планината Водно, се потенцијална опасност од појава на ерозија, лизгање на земјиште и поплави“, наведува Велковски.

„Маркеза“, како што наведуваат во соопштението, со изградба на семејна куќа нема да наруши ниту зелен појас, ниту ќе создаде свлечишта, ниту пак има врска со било кои плацеви на Водно за кои се водат судски постапки. Оттаму посочуваат и дека во дворното место ќе пошуми поголем фонд од постоечкиот и со тоа ќе допринесе за заштита на животната средина.

Од Град Скопје кои се надлежни за прашањето не информираа дека фирмата за нелегалната сеча е казнета со 1000 евра, а управителот со 300 евра, кои во меѓувреме биле подмирени.

Од „Шанса за Центар “ велат дека постојаното подигнување на границата за градење сѐ повисоко во шумата нанесува ненадоместлива штета за жителите во целата општина, но и целиот град.

„Водно се белите дробови на Скопје, кој е еден од најзагадените во светот, и со секое сечење и бетонирање на падините само ќе се зголемува нашата агонија. Шумата има клучно значење за заштита на градот и граѓаните од порои и лигање на земјиштето. Затоа, ние се залагаме општината да пристапи плански кон овој проблем и да ја спречи градежната експанзија со тоа што ќе го суспендира урбанистичкиот план и со негова измена ќе ја заштити шумата и планината од кои зависи и нашата безбедност“, посочуваат оттаму.

Со години сите експерти предупредуваат дека Водно треба да се заштити - особено деловите кои до 2014 и донесувањето на спорните ДУП-ови влегуваа во зелениот појас, како што е случајот со оваа парцела, вели еден од жителите на Питу Гули.

„Не разбирам како може да се направи пропуст од оваа големина и вистински се надевам дека институциите имаат волја и доблест да ги признаат и исправат своите грешки еднаш засекогаш“, додава жителот, кој не сакаше да биде именуван, бидејќи се соочуваат со притисоци и тужби за клевета и навреда од страна на Георгиевски.

Групата жители на „Питу Гули“ е една од ретките која се обидува преку институциите да се спротистави на бетонизацијата и сега на потег е Герсимовски, кој треба да донесе одлука дали барањето за градба може да се поништи или пак ќе го отвори патот и за други инвеститори.