Планот за справување повторно доцни, сушите и поплавите не чекаат

Невреме во Струмица откорна пластеници и предизвика големи штети кај земјоделците. 22 јуни 2021 година.

Државата и натаму не успева да го усвои Националниот план за адаптација на климатските промени, којшто треба да обезбеди долгорочна стратегија за адаптација и помош за најранливите сектори како земјоделието. Во меѓувреме, скоро секоја година на различни локации во земјава невремињата и сушите ги уништуваат земјоделските посеви.

Само во една недела овој месец селата во Општина Лозово беа погодени од три невремиња, од кои допрва ќе се утврдува колкава штета е нанесена врз земјоделските посеви, опремата и инфраструктурата.

Првото невреме беше со силен ветер, а потоа град и пороен дожд го погодија Лозово, по што земјоделците поднесоа околу 200 барања до општината за надомест за штетите врз нивите, лозјата и овоштарниците и уште 65 барања за штетите врз нивните објекти, возила и друга земјоделска опрема.

Со над 16 илјади хектари обработливо земјиште, населението во Лозово главно се занимава со земјоделие. Општината се наоѓа во централниот дел на Македонија и во неа има вкупно 11 села.

Градоначалникот на општина Бошко Цветковски за Радио Слободна Европа вели дека земјоделието во Лозово веќе ги чувствува последиците од климатски промени, каде освен невремињата секоја година се соочуваат и со долготрајни суши.

„Минатата година околу 65 дена воопшто не заврна дожд. Оваа година, освен невремињата, повторно се очекува да настане суша. Во однос на невремињата, разговаравме со мештаните кои велат дека вакво нешто не паметат дека се случило во изминатите 30-40 години – да паѓа град со ваква големина“, вели Цветковски.

За да им бидат насоместени штетите, земјоделците во Општина Лозово поднесуваат барања до општината која преку сопствени комисии треба да ја утврди висната на исплатата. Потоа за барањата заклучок треба да донесе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да го достави на усвојување во Собранието.

Но, активистите велат дека потребна е долгорочна државна стратегија за прилагодување на земјоделието и другите сектори на влијанието од климатските промени. Таква стратегија треба да биде донесена со усвојувањето на Националниот план за адаптација на климатските промени, со кое државата веќе доцни.

Видете и ова: Климатски промени: Штетите големи, државата доцни со планот за адаптација

Македониија е меѓу земјите кои се најранливи на глобалното затоплување кое предизвикува промени во климата.

Институтот на комуникациски студии овој месец објави истражување во чија изработка се вклучени експерти од државни институции, образовниот и граѓанскиот сектор.

Резултатите покажуваат дека земјоделството е меѓу најранливите сектори на климатските промени, како и водните ресурси на земјава, шумарството, здравството, биолошката разновидност, туризмот и културното наследство.

Експертите посочуваат дека климата во земјава се менува, температурите континуирано растат и се јавуваат екстремни временски околности: суши, топлотни бранови, поплави и бури.

Со климатските сценарија е утврдено и дека ќе се зголемуваат дневните екстремни врнежи поради од кои се зголемува ризикот од поплави.

И покрај тоа што земјоделците бараат да им бидат покриени штетите создадени од невремињата, граѓанските организации долго време алармираат дека државата нема соодветна стратегија за надомест на загубите кои настануваат како последица на екстремните временски настани.

Соодветна помош за нив, но и за другите сектори, треба да биде предвидена преку усвојувањето на Националниот план за адаптација на климатски промени.

Нацрт-проектот за планот во Македонија го работи Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Оттаму минатата година на прашање на РСЕ одговорија дека планот ќе биде подготвен најдоцна до август 2021 година.

Но, документот се уште не е усвоен. Радио Слободна Европа повторно праша зошто и натаму не е донесен планот. Од Кабинетот на Битиќи сега одговорија дека тоа ќе биде направено за неполни два месеци.

„Проектната апликација за Националниот план за адаптација се очекува да биде поднесена до Зелениот климатски фонд (GCF) до крајот на јули.“

Овој проект се финансира преку Зелениот климатски фонд, а државите го усвојуваа за полесно да можат да управуваат со ризиците во стратешките области како воздух, вода, отпад и јавно здравје.

Видете и ова: Македонија со големи амбиции зa напуштање на јагленот, но без јасен план

Усвојувањето на Планот е важно бидејќи поради климатските промени, се менува производството на храна, но и квалитетот на земјоделските производи кои нема веќе нема да може да ги добиваат количините на вода како досега.

Националниот план за адаптација (НАП) треба да помогне Македонија сеопфатно среднорочно и долгорочно да се адаптира на промените на климата.

Овој процес треба да биде базиран врз постојни активности за прилагодување на секоја земја и да помогне климатските промени да се интегрираат во донесувањето на одлуки на национално ниво.

Сите земји членки на Рамковната конвенција за климатски промени (UNFCCC) се обврзани да изработат Национален план за адаптација на климатските промени.

Македонија веќе скоро секоја година на различни локации е погодена од екстремни временски услови.

Лани земјоделските посеви на Струмичкото поле беа оштетени од силен дожд и ветер: уништени беа куќи, метални кровни и конструкции кои паѓаа врз оранжериите со насади. Големи земјоделски површини беа уништени и во општина Босилово, каде земјоделците се жалеа на огромни штети.