ПИЈАНМАНОВ: Уметноста е една од последните сили кои можат да го спасат човештвото

Уметникот Никола Пијанманов со својата скулптура „Штркот и змијата“

„Штркот и змијата“ е насловена скулптурата од рециклирано железо на уметникот Никола Пијанманов што деновиве, со силна порака за зачувување на животната средина во овој дел од државата, беше поставена на автентична карпа во струмичкото село Колешино.

Никола Пијанманов е уметник од ков. Еден од оние кои како почетна точка на своето творечко битисање го одбрал родниот крај. Од таму, од самотијата на неговото ателје каде што се ројат идеите, визуелизациите и распостила неговата умешност тргнува и неговата акција. Потребата да се биде свој и да се менува околината, а потем и светот. Да му се даде поинаква боја на сивилото во кое сме закопани и во кое упорно не туркаат материјалистите од нашиот сокак, оние кои ја матат водата свесни дека така полесно ќе не ловат во своите сплеткарски води и политикантски интриги.

Роден 1981 година во Струмица, тој своето ликовно образование го почнал во Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“, а го заокружил на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Првата изложба „Илуминации“ ја работел инспириран од поезијата на Михаил Ренџов во 2007 година во НУБ „Св. Климент Охридски“, потем со „Крст од Топола“, во март 2008, се претставил во МКЦ, за да „Мирисот на времето“ се случи едно лето подоцна во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица. Истата 2009 година своите слики и ги претставил и на ликовната публика во родниот град, а во Скопје, во Музејот на градот, се во 2012 со „Исчезливо“. Следуваат едно подруго „Ризата на Саломе“ во Ликовниот салон на Народен музеј Велес, „Илуминирани книги“ во Галерија на музеј – Струмица и „Остатоци“ во НУЦК „Антон Панов“. Учесник е на повеќе групни поставки и колонии во земјава и во странство, а неговиот творечки печат може да се сретне и во сликарските проекти во претставите „Досие Стринберг“ на Владо Цветановски (НУЦК „Антон Панов“, 2010, Струмица) и „Бесови“ на Златко Славенски (МНТ Скопје, 2011), а потписник е и на сценографијата за „Второ пришествие“ на режисерот Васил Михаил. Пијанманов е автор и на монументални јавни дела: „Секира“, слика која се наоѓа во фоајето на МОБ,„Дрво на животот“, монументална скулптура од железо поставена во градскиот парк во Струмица, „Бршлен“, слика посветена на жртвите од карцином и „Старецот и морето“ – монументално дело поставено на фасадата на библиотеката во градот под Царевите кули. Во април 2018 година ја имаше самостојната изложба „Времиња“ во МКЦ во Скопје, беше учесник на 18. Зимски салон на ДЛУМ, а од неодамна стамено е исправен пред својата скулптура „Штркот и змијата“.

Деновиве на јавен простор во струмичко Колешино беше поставена твојата скулптура „Штркот и змијата“ како самосвоен творечки протест против отворањето на рудникот Огражден. Причината е позната, но од каде потребата кај Пијанманов за ваква акција и какви се првичните реакции на тамошната јавност?

- Уште од почетокот кога група освестени еко активисти почнаа борба со отворањето на новите рудници во струмичко, во сред зелена зона и земјоделски рајски оази, мојата визуелизација за таа борба беше автентичната птица штрк, како чувар на ова поднебје. Како еден архангел Михаил кој се бори со Ламјата. Тоа го замислувам како споменик на таа борба и на сите борби кои се водат против „отровните влекачи“ и змејови кои упорно се трудат засекогаш да го иселат автохтониот свет од овие простори. Приказната за „Штркот и змијата“ е токму таа борба која секојдневно ја војуваме, дали ќе летаме или ќе не држат приклештени за земјата? Ќе успееме ли да го победиме злото надвор и во нас? Во скулптурата не се знае сеуште кој е победникот. Змијата е зграпчена од канџите на штркот, а таа се подготвува за напад. Следува титанска борба.

Скулптурата „Штркот и змијата“ во струмичко Колешино

Може ли еден уметнички чин како оваа скулптура, слика... да придонесе за промена на состојбата. Ако ништо друго да поттикне на размислување за светот околу себе и секако потребни чекори за спротивставување на безумието и само деструктивноста на човекот?

- Скулптурата „Штркот и змијата“ е реализирана со поддршка на Здружението за култура Транзен преку Цивика мобилитас во рамките на проектот за децентрализација на културата и уметноста во југоисточниот дел на Македонија. Самата мисија на тоа Здружение со децентрализацијата на уметноста е веќе голема фактичка промена на терен. А уметноста може да не измени нас самите и преку нас таа промена да влијае врз околината. Јас секогаш се заљубувам во природата откако ќе видам слика од Ван Гог. После неговите слики, на човекот не смее да му биде дозволено од чудесните пејзажи да направи бетонски чудовишта и езера полни хемикалии. Во нашето ликовно образование за основна цел се смета учениците да научат да цртаат и сликаат. Не! Не секој е надарен за тоа и тоа е специфика за мал број таленти. Целта треба да е вљубување во уметноста во делата на големите уметници, во убавината! Затоа што кој ја сака уметноста тој ќе засака СЕ! Ако ние перцепираме креација, ние стануваме креативни. Таа е неисцрпна енергија и има голема моќ да дејствува, споро и бавно, но сигурно. Можеби звучам донкихотовски но навистина верувам дека уметноста е една од последните сили кои можат да го спасат човештвото и синтезата на убавото и вистинитото. И верувам дека е подобро да сме сиромашни со чист воздух и чисти реки и езера, зелени планини и полиња, отколку да сме богати и развиени во пустина.

Колку сме свесни за зачувувањето на животната средина во нашава микро средина? Еве посебно кај вас во Струмица, на истокот од Македонија. Треба ли да се потпираме на институциите на државата или ... да веруваме на ваквите поединечни чекори и на креирање на состојби на самоорганизирање и отпор кон нивното бирократско поведение?

- Дури и со толкав силен отпор против бирократските змии кои пуштаат отров насекаде, пак сме во ситуација кога зачувувањето на природните убавини и Еко системот е во колапс. Институциите целосно пот фрлија во тој дел и дури стравувам дека тоа прашање веќе не е ниту на дневен ред. Купиштата ѓубришта и депонии во кои се удави целата земја треба да стане приоритет број еден ако сакаме да останат живи суштества тука. Не само луѓе, туку и животни и растенија. Прогласувањето национални паркови и зелени заштитни зони во југоисточна Македонија е исто така врвен приоритет. А свесноста од на ден е се по замрачена, но тоа се должи на три децениското понижување во секоја сфера. Луѓето се поретко си ја сакаат земјата, ја осеќаат како привремена станица и ја затрупуваат со ѓубре. За жал тоа „привремено“ место останува наш дом.

Деновиве во ателјето на Никола Пијанманов се раѓа уште едно дело. И повторно скулптура... Ја продолжува ли тоа интенцијата на авторот да заокружи можеби цел еден циклус со јасни хуманистички и еко пораки или... ?

- Да. Овојпат по покана од градоначалникот на општина Велес Аце Коцевски и нивната благородна иницијатива за поддршка на уметници кои втора година по ред го полнат градот со дела на уметниците кои се поставуваат низ тамошнотто градско јадро во контекст на архитектурата и просторот. Просторното обликување на градовите е исто така голем проблем кај нас и иницијативите од овој тип се за големо поздравување. Се надевам дека и другите општини ќе го следат тој пример. Општина Струмица покажа голем интерес за поставување мурали и монументални ликовни дела на јавни површини, верувам дека ќе продолжи на тој начин да се гради идентитетот на современите македонски градови.

Дела од циклусот „Пасијата на Христос“ што треба да биде претставен во Културниот центар „Метаноја“

Веќе подолго време чекаш на презентација на својата нова ликовна, сликарска поставка која беше планирано да се случи во Културниот центар „Метаноја“ во Скопје. За што се работи и ќе има ли шанси наскоро да твоите дела да ги види јавноста?

- Тоа е изложба на серија слики поврзани во една тема „Пасијата на Христос“ на која работам три години. Со прекрасните домаќини и поддржувачи на уметноста од „Метаноја“, ја подготвуваме оваа изложба која треба да се случи во една од најубавите галерии за камерни изложби во Скопје на ул. Максим Горки како дел од книжевното катче на Центарот. Заради ситуацијата со пандемијата изложбата е одложена се додека не се оформат услови за нејзина физичка реализација. Не ги сакам он-лајн изложбите, има нешто оттуѓено во нив кое многу ме плаши. Делата се готови, и тоа е најзначајното, а нивното изложување е - второстепено како што би рекол Николај Берѓаев. Битна е творечката замисла, реализацијата во ателјето. Презентацијата може да се случи било кога. А уметноста трае вечно!

И, конечно кои се идните ангажмани на здружението ТРАНЗЕН – уметнички, еколошки...

- Здружението ТРАНЗЕН периодов кога речиси се е затворено заради ситуацијата со Ковид-19 работи интензивно. Се подготвува претставата „Каин“ според текст на Џорџ Гордон Бајрон во режија на младиот режисер Дејан Ангелов. Се снима документарен филм исто така во продукција на здружението, во кој ќе се судрат визијата на еден уметник и борбата за животната средина. Уметникот Владимир Илиевски од Скопје изработува монументална слика која наскоро ќе биде поставена на јавна локација и која носи моќна порака на суптилен начин вградена во ликовната композиција и изведба, младиот рок бенд ДАКТИЛИ ја реализираше промоцијата на својот прв албум... Ќе имаме богата културна есен и зима.