Пинг-понг со притворот на Мијалков – слика за македонското судство

Илустрација

Прво скопска Апелација го пушти поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков од притвор, но по реакциите во јавноста, Кривичниот суд во Скопје му определи притвор за друг случај. Случајот е многу добра илустрација за состојбите во македонското судство, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Апелација го пушти, но уште не излезен, Основниот суд Скопје го врати поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков во притвор. Апелациониот суд Скопје вчера одлучи да ја прифати гаранцијата од 11 милиони евра и му го укина притворот на Мијалков во случајот Трезор, каде што е осуден првостепено на 8 години затвор, за да може да се брани од слобода додека ја чека правосилната пресуда на Апелациониот суд.

За некои е индикативно што одлуката за пуштање на Мијалков се носи во ист ден кога премиерот Зоран Заев ја достави оставката до собранието.

Но, уште не излезен од Шутка, обвинителката Лиле Стефанова веднаш побарала притвор за Мијалков, поради опасност од бегство во случајот „Плацеви на Водно“, каде што тој е еден од обвинетите, а Основниот суд Скопје го прифати барањето и определи 30 дена притвор.

Министерот за правда Бојан Маричиќ жестоко реагираше на одлуката на скопска Апелација да го пушти Мијалков од притвор.

Дел од граѓаните на социјалните мрежи реагираа дека ова е недозволиво мешање на власта во работата на судството.

Други, пак, иронично забележуваат дека ова им ја враќа довербата во независноста на судството.

Трети прашуваат како еден државен службеник заработил 11 милиони евра за да ги понуди како гаранција.

Мијалков беше притворен во предметот „Трезор“, каде што е првостепено осуден на 8 години затвор. Против него се води истрага за предметот „Империја“, обвинет е во случајот „Плацеви на Водно“, а првостепено е осуден и за незаконското масовно прислушување во случајот „Тврдина-Таргет“ на 12 години затвор.

На 22 февруари му беше определен притвор на Мијалков, но тој „исчезна“ и 24 часа беше недостапен за полицијата у судот. Потоа сам се појави со образложение дека не избегал, туку имал симптоми на коронавирус и затоа се самоизолирал.