Пепи Урошевиќ, сликарот со длабоко емотивен немир, постхумно во Галерија МКЦ

Уметникот Предраг Урошевиќ - Пепи

Во Галерија МКЦ во Скопје, од 27 април до 12 мај, се одржува четвртата по ред постхумна ретроспективна изложба на академскиот уметник Предраг Урошевиќ – Пепи. Идејата за поставката е да бидат прикажани повеќето негови досега неприкажани и за јавноста непознати дела.

По цели 12 години од неговото трето постхумно ретроспективно претставување во организација на Културно-информативниот центар на Србите во Македонија - „Спона“, делата на македонскиот академски уметник Предраг Урошевиќ – Пепи еве ги повторно пред публиката и посебно домашната културна јавност. Овој пат изложбата, чиј наслов е всушност неговиот слоган од средношколските денови „Треба да се љуби уметноста во себе, а не себе во уметноста“, се одржува од 27 април до 12 мај во Галерија МКЦ.

Главниот слоган на Пепи уште од средношколските денови беше: Треба да се љуби уметноста во себе, а не себе во уметноста“. Веројатно, следејќи ја таа идеја во понатамошниот живот и во неговото творење многу тешко се вклопуваше во секојдневното клише на животот. Беше автор кој тешко, а веројатно и воопшто не се вклопувше во институционалните оквири на еден успешен уметник кои беа наметнати во тоа време. Приказната за Пепи е приказна за уметник кој тешко се препознава, а за кој уште потешко се признава неговата посебност. Беше автор свртен кон себе и кон малите минливи работи. Неговата приказна нема среќен крај, туку е приказна на талентиран уметник кој не успеа да ги оствари сопствените творечки можности во полна мерка, затоа што беше заглавен во нашата провинциска кал. Како постар брат вреден за восхит тој остави голема трага во мојот живот и во животот на оние кои го познаваа. Идејата да ја организирам оваа ретроспективна изложба, четврта по ред постхумна, произлезе од повеќето негови досега неизложени и за јавноста непознати дела, вели Роберт Урошевиќ.

А, неговата колешка и долгогодишна пријателка уметничката Тања Балаќ истакнува дека Пепи Урошевиќ, иако едноставно не наметлив, сепак творечки бил силно присутен на домашната ликовна сцена.

Предраг Пепи Урошевиќ мојот другар и колега беше талентиран, нежен, одмерен и многу благ карактер. Едноставно не наметлив, а сепак силно присутен. Со својот продорен, прозирно син поглед, едноставно пленеше. Навидум спокоен и мирен, но истовремено ни откриваше една огромна енергија преку неговите цртежи на милион раздвижени линии кои како да се натпреваруваа да излезат од ограничениот формат на хартијата. И тоа всушност зборуваше за неговиот длабоко креативен немир.

Ги помнам честите дружби во нашите ателјеа, заедничките настапи и изложби. На ум ми паѓа големиот мурал на ѕидот на Старата железничка станица, кој заедно го работевме едно долго топло лето 1993.

И одеднаш тишината се продлабочи до неизмерна болка и неверување во оној момент кога не напушти тивко и достоинствено како што и живееше. Не напушти еден вистински „убав човек“. Тој така не нарекуваше и поздравуваше нас блиските. Со „Кај си бе убав?“.

После толку години станува обврската на сите нас да го чествуваме творештвото на Пепи Урошевиќ, еве и со актуелната изложба во МКЦ, и да сведочиме за едно автентично и впечатливо присуство на македонската ликовна сцена, заклучува Балаќ.

Дел од муралот што на ѕидовите на Старата железничка станица во Скопје во 1993 година го насликале Пепи Урошевиќ, Тања Балаќ и Мирослав Масин

Роден 1963 година во Скопје, Предраг Пепи Урошевиќ дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек Сликарство со сценографија, во класата на професор Родољуб Анастасов. Истата 1987 година, станал член на ДЛУМ и за време на својот краток и бурен живот реализирал 19 самостојни изложби во земјата и во странство.

Учествувал и на повеќе групни изложби, како и во работа на неколку ликовни колонии како Интернационална колонија Смољан во Бугарија 1993, потем Лесново две лета подоцна, Чеплес 1996, па Кичево 1999, во Охрид 2001 и на Јоаким Осоговски-мал формат наредната година.

Бележити се неговите интервенции во простор во Кул-парк, пред Културно-информативниот центар во Скопје во периодот 1991 и 92 година, а наредната 1993, по повод 30 години од земјотресот во Скопје, на перонскиот ѕид на Старата железничка станица заедно со колегите Тања Балаќ и Мирослав Масин изработиле мурал кој за жал денес остана да живее само на ретките снимени фотографии од тоа време.

Значајни циклуси од неговото творештво се „Линија и простор“, „In-Out“, „Геопоетика“, „Цртање на животот“, „Енергија во молив“... а во областа на графичкиот дизајн има изготвено 13 книги (од издавачката продукција на куќите “Комунист” и “Млад Борец”) како и 13 каталози за ликовни изложби.

Почнувајќи од 1997 година, работел и во графичката техника, при што за одбележување е интересот и успехот што го постигнал со трите изложби на монотипии, од циклусот “Геопоетика”, одржани во Скопје, Белград и во Куманово.

Пепи Урошевиќ од 2000 до 2002 бил ликовен педагог во клубот при Домот на културата „Кочо Рацин“ ( каде патем бил куратор на првата групна изложба на ликовниот клуб одржана во јули таа година) и член на уметничкиот совет на ДЛУМ.