Пензионерите се револтирани од покачувањето од 6,8 % кое ќе го добијат со месечната пензија, бидејќи како што велат, со 1000 денари во просек на сметката не можат да купат скоро ништо. Најзагрижени се оние со минималните пензии, кои ќе добијат околу 700 денари покачување, но во ништо подобра позиција не се ниту пензионерите кои земаат просечна пензија.
Таа годинава во земјава изнесува 16.348 денари, а со септемвриското покачување од 1.112 денари, ќе стигне до 17.460 денари.
За пензионерката Мирјана Хаџидимова, која ја сретнавме во Скопје кај Зеленото пазарче, ваквото покачување на пензиите е понижување за пензионерите. Вели дека се е скапо, а пензиите едвај стигаат за сметки, храна и лекови, но не и за да остане нешто за внуците или за други потреби.
Покачувањето од околу 1000 денари, вели дека ќе биде потрошено веднаш.
Видете и ова: Проблемите на граѓаните и фокусот од политичарите во расчекор„Што ќе купам, 5 кила брашно и 5 кила зејтин дали ке имам. Ама од тоа не се живее, треба и нешто друго, нели“, вели Хаџидимова.
Револт има и кај пензионерката Роска Велјановска. Има мала пензија, па вели дека покачувањето нема да се осети кај тие што примаат по десетина илјади денари. И тие пари, додава, се веќе испланирани предвреме, за сметки и храна.
„Сè се бунат, излегуваат по улици за покачување на платите, а пензиите никој не ги спомнува. А и ние сме луѓе што сме работеле по 35 години, лично за себе зборувам, 35 години приватно. И сум плаќала и сум работела. И сега со 10.000 денари пензија живеам, а секој месец 2.000 денари за лекови. Ни кај да се жалиш, ни кај да се фалиш, тоа е животот“, вели Велјановска.
Покачувањето на пензиите беше договорено во март, кога Собранието ги изгласа измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои се предвиде нова методологија за пресметување на растот на пензиите. Со неа, усогласувањето на пензиите ќе се прави два пати годишно – во март и септември, а тоа ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50%, и за просечна плата, исто така во висина од 50%.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Сепак, септемвриското покачување на пензиите веќе го изеде инфлацијата. Во август месец годинава, според податоците од Државниот завод за статистика цените пораснаа за 14% споредено со истиот месец лани. Сериозен проблем за пензионерите е тоа што овој раст е многу голем кај храната и сметките, за што одат најголем дел од пензиите. Па така лебот и маслото за јадење поскапеа над 40%, исто како и течните горива. И сметките за струја и парно годинава се поскапи за над 15%, а голем раст на цените има кај скоро сите производи, од лекови и бела техника, па се до тоалетна хартија.
Видете и ова: Државата се задолжува, а во иднина или помали плати или повисоки даноциЗа оние со високи пензии животот е полесен, а и покачувањето поголемо. Највисоката пензија која била исплатена во земјава во август изнесувала 60.294 денари. Неа ја зеле 57 пензионери. Со септемвриското покачување, таа ќе порасне на повеќе од 64.000 денари.
Над 50.000 денари во август земале 390 пензионери, додека под 11.500 денари дури 91.601 пензионер.
Од земјите од Западен Балкан на пример, највисоката максимална пензија се исплаќа во Србија и е во висина од нешто над 1250 евра, додека најниска минимална пензија се исплаќа во Косово и изнесува само 90 евра.
Следното покачување македонските пензионери ќе треба да го добијат во март, ако се следи методологијата усвоена годинава. Сепак, како што потсетија од Економскиот институт „Фајнанс тинк“ уште при гласањето во Собрание, решението не е ново и постоело претходно пред укинувањето во 2019 година, а предложената промена е само реформулација на решение кое е претходно беше во сила. Додаваат дека усогласување на пензиите е коректно поради тоа што не ја нарушува патеката на стабилизација на пензискиот фонд отпочната по 2019 година и обезбедува пристојно зачувување на животниот стандард на пензионерите.
Претходното покачување пензионерите го добија во јануари, од 2,9% како усогласување на пензиите со растот на трошоците. Дополнително, за месеците април, мај и јуни еднократно им беа исплатени по 1.000 денари, за полесно да ја пребродат кризата.