СДСМ сега има апсолутна власт- извршна, локална и претседател што значи и сериозна одговорност, а ВМРО-ДПМНЕ не победи, но освои сериозен број гласови што има неколку значења. Во ваков контекст, ден по изборните резултати аналитичарите ги толкуваат позиционирањата на политичката сцена.
“Сега целата одговорност за се што се случува во општество и во државата е на СДСМ и веќе не може да се вадат на Ѓорге Иванов и на Никола Груевски”, вели Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје.
Видете и ова: СДСМ слави, ВМРО - ДПМНЕ најави политички пеколСпоред политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, пак и покрај победата на Стево Пендаровски, зад кој застанаа 31 политичка партија меѓу кои ДУИ и СДСМ како најкрупни играчи, упатената порака е дека треба нешто да се менува во владеењето на оваа гарнитура.
Но, Муслиу нагласува дека во доцните говори на Заев и на Пендаровски по победата препознал свесност и кај двајцата дека пораката за потребните промени е примена, а дека од премиерот и ќе биде сметана како приоритетна.
“И ДУИ доби порака дека тие промени и реформи ќе треба да си ги спроведе и во своите редови и мислам дека тоа беше главната порака која и тие ја добија. Од друга страна бројките на гласачи Албанци помогна бројката за победата да натежне на страната на Пендаровски, но мислам дека бројките не беа доволни за ДУИ да биде задоволна од својата работа”, вели Муслиу.
Видете и ова: Странски агенции: победата на Пендаровски, поддршка за владатаВо вториот круг Пендаровски успеа да го зголеми бројот на гласови за 113 631 глас во споредба со првиот круг и освои 436.212 гласови. Сепак тој не победи во голем дел скопски општини и во некои поголеми градови како Прилеп, Битола и Охрид.
Кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова, пак, освои 377.713 гласови. И таа ја зголеми поддршката за неа во однос на првиот круг за околу 60 000 гласа. Партијата која стои зад неа сега постојано повторува дека картата на земјава по овие избори поцрвенела со што се алудира дека тие преземале голем дел општини кои СДСМ ги доби на локалните избори пред две години. Но ваквите резултати, кои сепак се недоволни за победа, според аналитичарите, до ВМРО-ДПМНЕ, а најмногу до нејзиниот лидер Христијан Мицкоски праќаат неколку пораки.
“Мицкоски по овие избори веќе дефинитивно се зацврсти на позицијата и веќе нема никаков потенцијал од никого да го предизвика во однос на неговото лидерско место”, тврди Божиновски.
Муслиу, пак, смета дека освоените гласови носат и порака дека се неопходни реформи во опозициската партија не само во кадровска смисла, туку и во политичка смисла, оти како што додава треба да им стане јасно дека “еднонационалниот наратив не е тој што води до победа”.