На ниту една од средбите кои претседателот Стево Пендаровски ги имаше со словенечкиот претседателот Борут Пахор во изминатиот период, не е разговарано за темата можно прекројување на граници на Балканот. Ова е одоговорот од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски на прашањето на Радио Слободна Европа дали при посетата на Скопје на словенечкиот претседател Пахор зборувале на таа тема.
Прекројувањето на границите на Балканот најмногу поврзано со Босна и Херцеговина, но и споменувањето на земјава во тој конкекст е актуелно неделава откако балканските медиуми објавија дека словенечкиот премиер Јанез Јанша неодамна му предал на претседателот на Европскиот Совет (ЕС), Шарл Мишел нонпејпер во кој ,според пишувањата на медиумите, наводно се споменува прецртувањето на границата меѓу Србија и Косово и предвидува можност за отцепување на ентитетот Република Српска, припојување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство кон Албанија, и припојување на западна Херцеговина кон Хрватска“.
Видете и ова: Пахор: Не сум случајно тука. Да не се одлага меѓувладината конференцијаПахор во Македонија престојуваше лани во септември, а некои босански медиуми пишуваа дека тој на средбата со македонските политичари ги распрашувал за мислење за прекројување на границите.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски велат дека без разлика дали постои таков документ или не ставот на претседателот е одамна познат.
„Тој е дека секое прекројување на границите на Балканот нема да придонесе за стабилизација на регионот.Претседателот Пендаровски е убеден дека ваквите идеи за прекројување на границите на Балканот нема да добијат поддршка од Европската Унија. Единствениот пат кој води напред кон подобар живот и благосостојба на граѓаните и државата е преку исполнување на неопходните реформи, клучни за наше придружување во европското семејство“, велат од Кабинетот на претседателот.
И вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров го кажа својот став. Тој рече дека не треба да се бега од дебата и од изразување на јасна макадонска позиција по ова прашање, бидејќи се работи за пресериозна теза.
„Јас повеќе би сакал шпекулациите и наводите во медиумите ширум Балканот да ги искористиме да поразговараме за теза, бидејќи таа теза ќе излезе малку, па пак ќе се врати. Ние за жал сме регион каде крајот на минатиот век имаше многу злосторства, жртви, војна. Кога границите следат етнички линии тоа е пракса од времето на колонијализмот. Во Европа нема баш промена на граници. Мислам дека било кој што малку се грижи за стабилност и иднината на Балканот би требало да верува во европската теза – ние треба границите да ги направиме што помалку видливи и релевантни“, изјави Димитров во интервју за Утрински брифинг.
Инаку, официјални претставници на Европската унија изјавија дека не се запознаени со постоење на нон-пејпер од словенечката страна. Питер Стано, портпарол на ЕУ, за новинарите изјави дека претставниците на Брисел биле информирани за пишувањата во медиумите, но дека „не е познато дека таков нон-пејпер постои“.
„Дефинитивно не сме примиле, не видовме или не знаееме за таков нон-пејпер, така што нема да ја коментираме претпоставената тема за содржината на овој документ“, изјави за новинарите портпаролот Стано.
Тој додаде дека ЕУ ја отфрлува идејата дека воопшто може да се разговара за промена на границите на територијата на поранешна Југославија.
Од Кабинетот на претседателот на Европскиот совет Мишел им беше соопштено на новинарите дека „не можат да потврдат дека добиле таков нон-пејпер“.
Јанша пак, на својот профил на социјалната мрежа Твитер не ги потврди ниту ги демантираше тврдењата за постоење нон-пејпер. Во понеделникот вечерта, тој изјави дека станува збор за активности насочени кон „штета на Словенија во ЕУ“.