Патот за граничниот премин Mеџитлија не е реконструиран откако е направен. Патот од Битола за Прилеп е двонасочен со две до три ленти. Оној што Битола ја поврзува со Ресен и Охрид пред неколку години беше реконструиран, но без проширување, делови од делницата меѓу Ресен и Охрид се тесни и со кривини, па сообраќајот се одвива бавно. До Кичево патот води низ Демир Хисар и беше рехабилитиран лани после долги години, но во рамките на неговите претходни димензии, без никакви проширувања. И за најблиските општини до Битола, Новаци и Могила водат регионални патишта низ населени места.
„Регион втор по големина по БДП, но со главните инструстриски производни цели е прв. Со 300 000 литри млеко дневно, тоа е 90 проценти од цело производство. Со 1100 000 килограми јаболка што е 90 проценти од целото производство. Со тутун 65 проценти производство, енергија 90 проценти. Но, овие бројки би биле поголеми ако се слушнат нашите барања кои се повеќе од 15 години дека најзначајно за развојот и поврзување со Централна Северна и Југозападна Европа ни треба нас автопатско решение“, рече Мирко Велковски од Регионалната стопанска комора на Битола.
Видете и ова: Предизборните ветувања тргнаа од автопатот Битола - Скопје
И градоначалниците на Прилеп и Битола велат дека оваа патна мрежа во изминатиот период била запоставена, но дека за тоа е разговарано на сите нивоа во повеќе наврати.
„Познато е дека Пелагонискиот регион заостанува со патната инфраструктура. Да се направи напор час поскоро, што побрзо да се воспостави таа патна инфраструктура најбрзо и најдобро што може. Факт е дека е запоставена во изминатиот период, факт е дека се дебатирало на сите нивоа, се согледувале состојбите и се нуделе решенија. Но, ова е моментот кога имаме созреаност која ќе даде добра насока и експедитивност решенија сите нивоа“, велат Илија Јованоски и Наташа Петровска, првите луѓе на Прилеп и Битола.
СДСМ во изборната програма на последните парламентарни избори вети дека ќе изгради автопати во должина од 260 километри, меѓу кои и делницата Велес – Прилеп – Битола. Изградба на автопат беше и едно од клучните ветувања и на ВМРО-ДПМНЕ која не ги доби изборите.
Актуелниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, деновиве оствари средба со градоначалниците и стопанствениците од Препанско- пелагонискиот регион. Вети доградба на автопатот на делницата Градско-Дреново, а ќе се рехабилитира магистралниот пат Фаришка Клисура – Прилеп со што од Пелагонија побрзо ќе се стигнува до Велес и Скопје. Но, најпроблематичната делница кај Плетвар нема да има автопатско решение, туку трета лента.
„Практично третата лента на Плетвар. Тендерската постапка заврши, а постапката е во фаза на евалуација. Владата предвиди и изградба на автопатско решение од Прилеп до Битола. И на крај за оваа година предвидена е рехабилитација на државниот пат од Битола до граничниот премин Меџитлија. Уверуваме дека сите овие инвестиции ќе дадат силен инпут во економскиот раст и развој на Пелагонскиот регион“, рече министерот Бочварски.