Патоказот како можност за решавање на проблемот меѓу Скопје и Софија поради кој се блокирани македонските европски интеграции се уште не е докрај јасен ниту содржински, ниту пак во каква форма би бил. Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, кој ја навести таква можност, засега не даде дополнителни детали.
Министерот рече дека ако се констатира дека Договорот со Бугарија не испорачува доверба може да се додадат механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, рече Османи додавајќи дека тој не треба да биде дел од Преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно, но дека би се договорил или „билатерално или во рамки на европскиот процес“.
Видете и ова: Викенд на интензивни пораки меѓу Скопје и СофијаМарко Трошановски од Институтот за демократија и Иван Стефановски од Центарот за европски стратегии Евротинк се воздржани за посериозни анализи поради штурата изјава на министерот кој не дава детали околу содржината на патоказот, ниту пак за начинот на кој тој би бил дел од евроинтегративниот процес.
Трошановски инсистира дека каков било патоказ треба да биде надвор од преговарачката рамка и дека тоа треба да биде македонската црвена линија, но нагласува и дека патоказ надвор од таа рамка, туку во пристапниот процес може да биде многу ограничувачки за земјава. Патоказот не би бил ограничувачки, вели Трошановски, само ако не притиска со рокови и наметнува решенија.
„Патоказот може да биде и голема замка и да значи всушност, де факто и де јуре, прифаќање на дебатата што ја наметнува Бугарија за идентитетот и јазикот, теми кои се надвор од Догворот за добрососедство. Ако роковите и насоките во тој патоказ упатуваат и на таква дебата, тоа треба да биде црвената линија и тој да биде отфрлен“, вели Трошановски.
И Стефановски е на ставот дека доста е проблематично ако патоказот стане дел од преговарачката рамка бидејќи како што вели и Европската Унија и претставниците на земјите членки веќе изјавија дека преговорите за пристапување кон унијата треба да бидат на принципиелна основа и врз основа на однапред утврдени критериуми кои веќе се содржат и во новата методологија за пристапување. Ако пак не е дел од преговарачката рамка, вели Стефановски, останува само на политичката војла на Бугарија да не блокира или не.
„Меѓутоа, ако стане дел од преговарачката рамка тоа значи дека тој напредок ќе биде под континуиран мониторинг од стана на Европската комисија и на државите членки“, вели Стефановски.
Инаку, предлог преговарачката рамка за земјава со унијата која во почетоков на месецов ја разгледуваа телата на Европската Унија не ги содржеше бугарските барања. Во неа стои дека регионалната соработка и добрососедските односи остануваат клучни елементи на процесот на проширување.
Што има сега во ЕУ документите?
„Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се вклучува во инклузивна регионална соработка и да ги зајакнува односите со соседните земји. Денес, се потсетуваме на важноста од постигнување опипливи резултати и спроведување, со добра волја, на билатералните договори, вклучувајќи ги Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“, стои во документот во кој имаше увид Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Предлог преговарачката рамка на ЕУ без бугарските барањаКога источниот сосед, подоцна месецов, одлучи да ја блокира преговарчката рамка, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева рече дека тие се одлучиле на тој чекор, оти во нив ги немало нивните барања и ги наброја: придржување кон формулацијата за јазикот од 1999 година, потврдена и со Договорот за пријателство и добрососедство, утврдување план за спроведување на Договорот од 2017 година и многу јасен и прецизен текст дека нема да има претензии за македонско малцинство во Бугарија.
По овој чекор на офидијална Софија тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји интензивно разговараат за да се дојде до решение кое ќе овозможи на осми декември, на последниот состанок на Советот за општи работи на Европската унија, Бугарија да ја дозволи преговарачката рамка со што првата меѓувладина конференција на земјава со ЕУ би се одржала во декември. На крајот на декември, пак истекува германското претседателство со унијата.
Германија досега силно се залага земјава да ги почне преговорите додека тие претседаваат со блокот.
Пораки од Рот и Рикер
Германскиот министер за Европа Михаел Рот неодамна во заедничко интервју со македонскиот видепремиер Никола Димитров за германскиот весник Дие Велт откри и дека на состанокот на Советот на министри скоро сите делегации уште еднаш ставиле до знаење дека билатералните теми помеѓу две земји би требало и таму да останат. Во однос на решавањето на билатералното прашање Рот кажа дека ги охрабруваат двете земји „да најдат решение кое овие билатерални прашања ќе ги доведе до еден структуриран процес, за да може да се решаваат чекор по чекор“.
Вчера владата објави и писмо испратено во петокот од помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања во американскиот Стејт Департмент Филип Рикер упатено до македонскиот премиер Зоран Заев. Во него, поранешниот американски амбасадор во Македонија, вели и дека остануваат оптимисти дека првата меѓувладина конференција ќе се одржи за време на германското претседателство. И тој споменува решавање на прашањето надвор од интегративниот процес.
„Ве охрабруваме и вас и земјите членки на ЕУ да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите“, пишува амбасадорот Рикер.