Партиските (не)работници најкоментирани

Протест во Скопје за Први мај во организација на ССМ. 01.05.2022

„Колегата што не оди на работа треба да добие отказ“, гласи еден од коментарите по интервјуто со претседателот на ССМ, Дарко Димовски, кој вели дека партиски вработени живеат на грбот на колегите кои вистински работат. Читателите на РСЕ коментирале и за преговорите на Владата со СОНК и споменикот „во чест на борците на ОНА во липковското село Слупчане“.

Во државава не е тајна дека партиски вработени живеат на грбот на колегите кои вистински работат, дури и такви кои не одат на работа, а примаат плата. Ова го потврдува и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски, кој гостуваше во неделното интервју на РСЕ. И вообичаено, вашите реакции изразени преку коментарите на нашата ФБ страница се многубројни и – различни.

Анна Јакимова смета дека „Колегата што не оди на работа треба да добие отказ“, но Горан Симевски со напад на првиот синдикалец: „Како ти што живееш на грбот на сите работници“. Исто како и Марјан Гроздановски кој напишал: „Трагикомедија... полтрон инсталиран од власта критикува партиски вработени паразити“, иако не кажува од која власт. Нада Гишева смета дека „Ова го има само во Северна Македонија“, но Горан Божиновски ја потсетува: „Не, не, грешка си, ова го имаше само во Република Македонија Фиром од 2008 година, и си продолжи и во Северна. Наследено е од поранешната влада на ВМРО и Груевски“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димовски - Бараме и сабота да биде неработен ден

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение ја напаѓа актуелната Влада, откако СОНК објави дека од Министерството за труд и социјална политика добиле известување за мирно решавање на спорот со Владата со што треба да се прекине штрајкот, и наведува дека медијаторот во спорот бил вработен во кабинетот на министерката за труд, па според Партијата не можел да биде објективен.

Видете и ова: Наставниците разочарани, учениците назад во клупа


Катерина Коловска со реакција: „Може ли барем 1 ден да не јадете трици“, и му се обраќа на Христијан Мицкоски: „Ти ги бутна во штрајк... ако ги жалиш професорите дај им плата од твоите хидроцентрали“. Благоја Мицкоски предлага: „Владата требаше хидромицко да го стави медијатор, тој е експерт за ’помирување‘“. Редовната Анна Јакимова и овде со коментар: „Неодговорно е да се штрајкува толку долго за плати во криза, а уште понеодговорно е опозицијата да создава хаос!“

Спомен кула во Слупчане


Споменикот „во чест на борците на ОНА во липковското село Слупчане“, како што напиша на ФБ градоначалникот на Општина Липково од ДУИ, Еркан Арифи, ги возобновува меѓуетничките дебати на социјалните мрежи, со непримерен јазик кои нема да ги цитираме, а се вмешуваат дури и граѓани од Бугарија. Апостол Чулев искоментирал: „Браво, шо сакаат си прават додека ВМРО и СДСМ се контрат кој ја пропаднал државата“. Ангел Радев од бугарскиот град Русе со мешан бугарско-македонски јазик и писмо на нашата ФБ страница коментира: „Сега ќутите, а за Ванчо Михајлов плукавте и пцуевте по Бугарија! Хајде да ве видим сега, ама немате гаќи!“ Томе Илиевски смета дека Радев не е запознаен со суштината, а потпишан со Злате Стефановски вели: „Овој споменик е од наши за наши граѓани, што не ти е јасно?“ Бардил Кука прашува: „А реинкарнација на Ќосето ќе има ли?“