По неколкумесечни несогласувања и препукувања пред јавноста, домашната политичка сцена доби нова фракција. Доскорешните „одметници“ од Демократската Унија за интеграција и официјално најавија дека ќе дејствуваат како фракција во партијата. Дека партискиот статут не дозволува фракционерско дејствување ги потсети лидерот на партијата Али Ахмети и порача дека секоја постапка надвор од Статутот е всушност анархија.
Иако во моментов фракции не се дозволени, Ахмети изјави дека не се зборувало за исклучување на членови од партијата кои се определиле да дејствуваат фракционерски.
Но не е само ДУИ, фракциите не се споменуваат ниту во статутите на најголемите партии во македонскиот блок. Пред 5 години членовите на ФРОДЕМ и на Иницијативата за реформи во ВМРО-ДПМНЕ побараа од новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да си остане на ветувањето дека ќе го усогласи статутот со статутите на сестринските партии од Европската народна партија, во кои ова дејствување постои како опција. Тоа сепак не се случи.
Во пречистениот текст на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, чии измени беа донесени во декември 2021 година не се споменува терминот фракција.
Видете и ова: Конфликтот во ДУИ кулминира во ЧаирВнатрешни превирања имало и во СДСМ, но дистанцирањето на некои членови и несогласувањата со раководството на партијата никогаш не биле на ниво на фракции. Исклучок беше јавно објавената фракцијата за локални избори во 2021 во Охрид. Зад мотото „Охрид пред сè“ тогаш застанаа поранешните функционери од СДСМ како на пример поранешниот пратеник Томе Чинговски. Но тие веднаш соопштија дека тоа не значело отцепување од СДСМ.
Во партискиот статус на владејачката партија ,исто така, нема член кој дозволува фракционерство.
„Статутот не кажува фракција експлицитно. Но ние важиме за партија која е позната по различни мислења и висок степен на демократичност. Дали тоа ќе го наречее фракција е неважно“, велат од СДСМ.
Аналитичари: фракциите се научна фантастика во Македонија
Политичките аналитичари не им предвидуваат светла иднина на фракциите. Во немањето политичка и демократска зрелост, тие ја гледаат главната причина поради која тоа што почнува како фракција најчесто завршува како нова партија.
Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања вели дека фракционерството во партиите бара повисок степен на демократија во партиите која, како што вели, во моментот ја немаат.
„Кај нашите партии постои одреден страв дека одредена фракција би можела да работи контра интересите на самата партија, односно да е како тројански коњ поставен од друга партија. Затоа треба од старт да се дефинира на кои принципи ќе работи таа фракција. Тоа фракционерство треба да биде во однос на идеја, а не на различни групи. Ова што ние го гледаме кај Огнените, всушност не станува збор за различно гледање за одредено прашање, туку за еден отворен судир, битка помеѓу различни личности внатре во самата партија“, вели Божиновски.
Видете и ова: Огнена борба за наклонетоста на АхметиПрогнозите на политичките аналитичари се дека најверојатно и оваа фракција ќе биде само „отскочна даска“ кон формирање на нов политички субјект во албанскиот блок.
„Мислам дека така ќе се случи и со „Огнената група“, која во спротивност на статутот дејствува како посебна група и не ги почитува одлуките на централните партиски тела. Тука се работи за концептуална и идеолошка разлика меѓу овие групи кои претпочитуваат поинакви коалиции со партиите од македонскиот блок. Може да се забележи дека огнените се идеолошки подесно, а ДУИ очекувано поради коалицијата со СДСМ се полево ориентирани, и мислам дека оттука извираат сите поделби“, вели аналитичарот Џељал Незири.
Дали фракцијата на Огнените ќе влијае на рејтингот на ДУИ, дали ќе ја разниша нивната комфорна позиција и дали ќе повлече дел од гласачите, аналитичарите велат дека ќе се знае пред следните парламентарни избори кога ќе се составуваат кандидатските листи и ќе се прават изборни коалиции. Според нивните очекувања барем засега Огнените ќе продолжат да ја водат битката внатре во партијата.
За поделеноста меѓу двете групи во ДУИ јавно се зборува во изминативе неколку месеци. „Огнената група“ е составена од поранешни министри, сегашни пратеници и градоначалници и е предводена од Изет Меџити, Муса Џафери и Блерим Беџети. Тие сметаат дека цел владин состав потфрлил и треба да се смени со свеж кадар. Во другата група се владините функционери Артан Груби и Бујар Османи кои имаат поддршка од претседателот на партијата Али Ахмети.