Што доколку партиите не договорат владино мнозинство

Илустративна фотографија.

Државата ќе влезе во политичка криза доколку партиите не успеат се договорат за формирање на владино мноинство, велат експерти. Според нив, во таков случај нема да има друго решение освен распишување нови парламентарни избори.

И натаму течат преговорите меѓу политичките партии за формирање на владино мнозинство, откако на 4 август во Собранието беше одржана конститутивната седница за верификација на мандатите на 120 пратеници од новиот парламентарен состав.

До истекувањето на рокот за доделување на мандатот и натаму се отворени повеќе опции за тоа кои партии ќе направат коалиција за да го обезбедат потребното мнозинство од 61 пратеник во Парламентот, во услови кога на предвремените парламентарни избори на 15 јули коалицијата предводена од СДСМ освои 46 мандати, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса за Албанците – Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА освои еден пратеник.

Лидерите на најголемите партии неколку пати истакнаа дека преговараат за формирање на влада. Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека прави обиди за да обезбеди поголемо мнозинство од минималните 61 пратеник, а од друга страна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, исто така, рече дека преговара за формирање владино мнозинство.

Официјални преговори започна и ДУИ, како што информираше портпаролот на партијата Бујар Османи, но во јавноста се наметнува прашањето што доколку ниту една партија не успее да ја оствари таа цел?

Ако никој не обезбеди мнозинство ќе настанат проблеми и политичка криза, смета поранешниот претседател на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Новаковски.

Тој потсетува дека во минатото во земјава имало специфични ситуации кои биле проблематични за толкување, објаснувајќи дека во случај ниту една партија да не обезбеди мнозинство за создавање на влада, нема да има друго решение освен да бидат распишани нови парламентарни избори.

„Тука мора да се напомене дека во моментов немаме претседател на Собранието, имаме претседавач, а распуштањето може да се случи од страна на пратениците за распишување на предвремени избори. Тука роковите се скратени и нема друг начин да се излезе од тоа“, вели Новаковски.

Остануваат уште четири дена од десетдневниот рок по конституирањето на Собранието на 4 август, во кој претседателот на државата Стево Пендаровски треба да го довери мандатот за состав на Влада на кандидатот на партијата, односно партиите што ќе обезбедат мнозинство во Парламентот, според одредбите во Уставот.

Потоа мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, треба да му поднесе програма на Претседателот и да го предложи составот на новата Влада.

„Според праксата која ја имаме треба да се увери претседателот на државата дека некој обезбедил мнозинство. Согласно резултатите од изборите, тоа мнозинство, кој и да го обезбеди ќе биде тесно, а за избор на влада се потребни 61 пратеник. Тоаш доаѓаме во ситуација во која [претседателот] мандатот ќе го додели, претпоставуваме, на партијата или коалицијата која обезбедила мнозинство и тогаш доаѓаме во ситуација тоа да се гласа во Парламентот. Таа влада ако добие мнозинство нема да имаме никаков проблем и нема да настане никаква криза, но во случај да не обезбеди никој мнозинство за состав на влада, нема друго решение освен да се распишат нови избори“, вели Новаковски.

Османи - Започнаа преговори меѓу Ахмети и Заев

Според последните инфорамции од партиите, СДСМ соопшти дека продложува со разговорите за формирање на стабилно парламентарно мнозинство за владина коалиција со полн четиригодишен стабилен мандат.

„Во разговорите со политичката партија ДУИ целосно сме согласни за почитување на Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ“, се вели во соопштението од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа со барање СДСМ јавно да каже дали има мнозинство и да не ги манипулира граѓаните.

Од ВМРО-ДПМНЕ претходно соопштија дека имаат комуникација со сите партии за формирање мнозинсто, но не открија детали, за како што рекоа, да не им наштетат на процесите кои се во тек.

Голтање кнедли за формирање владино мнозинство

Но, дека земјата ќе влезе во политичка криза доколку партиите не успеат да се договорат за владино мноинство, смета и професор Нано Ружин од Универзитетот ФОН. Тој додава дека во таква ситуација државата ќе остане во моменталното статус кво до одржувањето на новите парламентарни избори.

„Од друга страна, според моите информации, до тоа нема да дојде, бидејќи има расположение, има разговори и одредени платформи околу создавање на тоа мнозинство. Единствена дилема е колкаво ќе биде тоа политичко мнозинство“, вели Ружин.

Тој вели дека тоа набрзо ќе биде познато и поради „големото влијание“ и активност на меѓународниот фактор, како што посочува, од каде се инсистира Северна Македонија побргу да излезе со стабилна влада која ќе може да се соочи со сите предизвици на идниот европски дијалог меѓу Скопје и Брисел.

„Се надевам дека набргу и овие проблеми кај нас ќе бидат решени за доброто на граѓаните и за европските интеграции, особено за поуспешно соочување со Ковид-19 и сите проблеми кои произлегуваат од пандемијата“, вели Ружин.

Десеттите парламентарни избори на 15 јули 2020 година беа одржани во услови на пандемија на коронавирусот. Тие траеја три дена, а се гласаше со маски и други превентивни мерки според протоколот што го утврдија здравствените институции.

Предвремените избори беа закажани поради тоа што државата не доби датум за преговори за членство во Европската унија во октомври 2019, по што лидерите на најголемите партии првично на лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски се договорија изборите да бидат на 12 април оваа година, но тие беа одложени за 15 јули поради избувнувањето на епидемијата на Ковид -19.