Парно од 15 октомври ќе има, но енергенси само до крајот на месецов

Илустрација, Скопје

На само еден ден пред почетокот на грејната сезона ЕСМ ги доби лиценците за да ги снабдува скопјани со парно, гас e обезбеден за само 15 дена греење, ама надлежните се децидни дека парно од утре ќе има, па граѓаните треба да бидат спокојни.

Енергетската криза годинава ги помеша лончињата, а скапиот гас и неизвесноста дали воошто ќе го има, стави во незавидна положба 60.000 домаќинства во Скопје кои се греат на централно парно. Голем дел од нив се вознемирени дали воопшто ќе имаат греење и какво, бидејќи многу прашања лебдат во воздух на самиот старт на сезоната.

Па така, ако до лани БЕГ го снабдуваше Скопје со парно, годинава му е одземена лиценцата бидејќи претходната сезона не успеаја да испорачаат греење. Така, сега оваа дејност ја презема државната ЕСМ, кои дури денеска, на последниот ден пред почеток на грејната сезона, добија лиценци за работа од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), кои се предуслов за нивна работа.

Видете и ова: Ако нема парно ќе се грееме со ќебиња и јоргани

Како што изјави првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, доделени се три лиценци. Лиценцата за производство на топлина е издадена до крајот на април 2023 година, додека останатите две се доделени за максимален рок, за дистрибуција на 35, а за снабдување со топлинска енергија на 10 години.

„Со издавањето на овие лиценци се исполнети сите предуслови за започнување на грејната сезона во градот Скопје на 15 октомври, односно таа ќе започне од утре. Она што е битно е дека сите критериуми и параметри коишто важеа, остануваат и понатаму. Значи температурата гарантирана ке биде 21 степен целзиусов, и периодот на започнување на греењето е ист како што беше и претходно“, истакна Бислимоски.

Тој направи споредба со другите земји, како на пример Србија која ја одложи грејната сезона за една недела, но и Германија и Италија, кои гарантираат 19 степени во домовите што ќе ги греат. Притоа побара граѓаните да им веруваат на институциите кои уверуваат дека парно ќе има.

„Државата прави сериозни напори да најде природен гас по цена која би била пониска од таа во моментов“, истакна Бислимоски.

Поради руската воена инвазија врз Украина, Европа воведе санкции кон Русија кои меѓудругото се однесуваат и на снабдувањето со енергенси. Војната и санкциите ги вивнаа нагоре цените на гасот, а проблем се јави и во испораката. Така, Русија го секна гасот за повеќе држави,како на пример за соседна Бугарија поради санкциите и одбивањето на земјата да плаќа во руски рубљи, како што бара Русија. Македонските компании засега немаат проблем со ова, ама затоа пак гасот е многу скап.

Па така, според последните информации од ЕСМ, гас за парното имаат обезбедено за две недели од октомври. Тој доаѓа преку компанијата „Макпетрол“, по цена од 1.713 евра за 1000 нормални метри кубен гас.

Но што понатаму?

Од ЕСМ посочуваат дека сега многу работи зависат од компанијата ТЕ-ТО, која всушност е гасна централа за производство на струја, а како нус производ од процесот добива топлинската енергија што се користи за греење на скопјани. Оваа компанија со години е најголем производител на топлинска енергија за Скопје. Сепак, ТЕ-ТО е приватна компанија која работи на пазарни принципи, па оттаму велат дека немаат обврски во однос на грејната сезона.

„Грејната сезона е обврска на регулираните дејности од централното греење и тоа производство, дистрибуција и снабдување со топлина со кои ТЕ-ТО нема допирни точки“, појаснуваат од компанијата.

Според првиот човек на Регулаторна, ако Скопје можело да се грее без ТЕ ТО до 2012 година, ќе може и сега. Сепак забележува Бисломоски, проблем не се очекува да има во октомври и ноември, кои се потопли месеци. Грејната сезона трае до 15 април, па и подолго ако април е ладен.

ТЕ-ТО работи само на гас, ама покрај оваа централа, греење за скопјани се произведува и во топланите кои се регулирани производители на топлина, а кои покрај на гас, може да работат и на алтернативни горива, како мазут или нафта. Со скоро сите сега раководи ЕСМ откако го презема бизнисот на БЕГ, а во ек на кризна состојба ги зема под закуп и Топланите Скопје Исток и Запад кои лани ги купи компанијата Адора Инженеринг. Од ЕСМ не кажуваат дали и колкави резерви имаат обезбедено од алтерантивните горива, како мазутот. Единствено повторуваат – гас има за 2 недели од октомври.


Сега практично само со Топланата Скопје Север не раководи ЕСМ. Таа е дел од регулираниот пазар и грее околу 500 домаќинства во Чаир и околината кои за разлика од останатите скопјани имаа парно пред почетокот на грејната сезона. Според Законот за енергетика, ако просечната дневна температура се спушти под 12 степени, тогаш и пред 15 октомври треба да има парно. Ова како што појаснува директорот Куштрим Рамадани, беше овозможено бидејќи топланата има договор за гас кој е валиден до крајот на годинава. Ама и тука има проблем.

„Нашиот снабдувач бара овие количини да ги платиме однапред. Моментално сме во многу тешка финансиска состојба поради тоа што со одлука на РКЕ нас ни се одобрени трошоци за гас, во овој случај за гориво од 60-тина милиони денари, а со сегашните цени на пазарот ние би требало да платиме 120 милиони денари“, вели Рамадани.

Рамадани, кој до неодамна беше директор во МЕПСО, а претходно и дел од РКЕ, вели дека ги смета за сериозни изјавите од Владата дека парно ќе има.

Сепак, предупредува дека мора навремено да се планира, затоа што „колку што се доближува зимата, толку поскапо ќе чини“.

„Битно е како да се менанаџира, средствата кои ќе ги издвоиме да бидат разумни и да бидат навремени, тоа е многу битно, оти секој ден што ќе се доцни ќе не чини поскапо. Најбитното во овој момент е да се преземат навремени мерки за да не, по по некој месец, плаќаме дупло или трипати повеќе“, смета Рамадани.

Во однос на користењето алтернативни горива за топланите, сега сите надежи се во Собрание, каде пратениците од владејачките партии предложија Предлог-закон за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, за олеснување на справувањето со актуелната енергетска криза. Ако тој се изгласа, практично би значело дека државата без надомест би отстапила дел од дериватите во резервите за јавните претпријатија да вршат енергетска дејност.

Бектеши: Парно ќе има

Министерот за економија Крешник Бектеши во меѓувреме уверува дека се прават напори за обезбедување гас, а наведува дека било договорено Бугарија да го зголеми протокот во гасоводот. Тоа, како што појаснува, се прави за да се овозможи снабдување со гас и од други извори освен од Газпром, кој до 2030 година целосно го има закупено капацитетот на гасоводот. Синоќа порача скопјани да бидат мирни зашто ќе имаат топли радијатори цела грејна сезона.

Видете и ова: Што значи кризна состојба во снабдувањето со парно и струја?

„Од 15 октомври топланите Исток и Запад ќе произведуваат 100 проценти од потребите за топлинска енергија за град Скопје доколку не работи ТЕ-ТО. Ако, пак, ТЕ-ТО не може да обезбеди гас за работа, тоа може да го направи државата преку ЕСМ која е задолжена да раководи со производството и дистрибуцијата на топлинска енергија за Скопје“, изјави Бектеши во интервју за ТВ Канал 5.

Пред две недели актуелна беше најавата да разменуваме гас за струја со Србија, а топлината која ќе биде нус производ да се користи за греење. Ама тие најави во меѓувреме се стишија. Исто така, во потрага по поевтин гас беше најавено дека ќе се контактираат контактите на опозиција, а беше закажана и средба. Но и од тоа засега нема ништо конкретно.

Во секој случај, пратениците изгласаа продолжување на кризната состојба за парното во Скопје до крајот на април. Ова практично значи дека владата сама може да носи одлуки за греењето, така што ќе смее да користи ресурси од јавни, но и приватни комании. Не се исклучени ниту рестрикции, како и преземање конкретни мерки. Така, сега е дозволено греењето да се намали за два часа дневно, а во деловните објекти и органи на државната и локалната власт за 30% во однос на потребната топлинска енергија.