Парите на граѓаните кои ги користеле услугите на Еуростандард банка се осигурени и граѓаните ќе бидат обештетени. Народна банка на Македонија (НБМ) вчера и ја одзеде дозволата на Евростандард, оти не ги исполнувала минималните законски услови за работа.
Преку Фондот за осигурување на депозити (ФОД) ќе бидат обештетени граѓаните и тоа во износ до 30 илјади евра по лице. Исплатата ќе почне во рок од 20 дена. Во соопштението од НБМ и ФОД се наведува дека ќе бидат обештетени депозитите на 99,4 отсто од физичките лица – депоненти во Еуростандард банка АД Скопје. А вкупниот износ на депозитите на физички лица кои ќе бидат обесштетени изнесува околу 4,4 милијарди денари или 71, 5 милиони евра, заклучно со состојба на 31 јули 2020 година.
Банката е во сопственост на бизнисменот Трифун Костовски, кој за в петок најави обраќање до јавноста. Претседател на управен одбор на банката е Горан Трајковски, поранешен прв човек на Управата за јавни приходи (УЈП). Банката, според, НБМ, во изминатиот период поради поголема изложеност на ризици била под засилен надзор и се барало да ги острани ризиците и слабостите во своето работење.
„Клучните проблеми на „Еуростандард банка“ се одраз на слабости од минатиот период, а не на тековните состојби“, соопшти НБМ.
Штедачите ќе бидат обештетени до 30 илјади евра
Од ФОД велат дека исплатата на депозитите ќе се спроведе навремено. Ќе се обештети главнината на депозитот, договорената пресметана камата и непристигнатата камата заклучно до 12 август. Ќе се обештетат граѓаните кои имале денарски и девизни депозити и кои имале пари на картички, како идевизни приливи на физички лица и сертификати за депозити издадени од банката.
Фондот ќе ги извести корисниците кога ќе почне исплатата и преку која банка ќе биде. Доколку граѓаните корисници на услугите на затворената банка имаат прашања може да се обратат со Фондот.
За обештетување нема потреба од дополнително барање. Се смета дека тие се пријавени со денот кога ќе биде поведена стечајна постапка за банката. Обештетувањето е во денари и на депозитите кои биле во девизи.
Доколку некое физичко лице има повеќе од 30 илјади евра депозит во банката, обештетувањето на разликата од 30 илјади евра до целосната сума што ја има граѓанинот како депозит ќе може да си го оствари од стечајната маса на „Еуростандард банка“ АД Скопје.
Видете и ова: НБРМ ја затвори Еуростандард банка„Евростандард банка опфаќа 1,3 отсто од активата на банкарскиот систем, па укинувањето на дозволата не влијае на стабилноста на банкарскиот систем, кој и натаму останува стабилен и високо капитализиран“, се вели во соопштението.
Тие што имале сметка во банката да си отворат во друга
Физичките лица корисници на услугите на банката откако и е укината дозволата нема да може да ја користат својата трансакциска сметка во Банката. ОД НБМ посочуваат дека луѓето кои имале трансакциска сметка во Еуростандард да ги известат институциите и лицата од кои очекуваат прилив пари да им уплатат на сметка во друга банка. Ако немаат сметка во друга банка, да си отворат. Тие што земаат плата преку оваа банка исто да ги известат работодавачите дека отсега приливите треба да им го уплаќаат преку друга банка.
Пензионерите и корисниците на социјална помош, детска заштита и други видови на социјална помош треба да си изберат друг банка преку којашто би сакале понатаму да им се вршат исплатите.
Лицата кои остварувале други приливи по било кој основ преку сметка во „Еуростандард банка“ АД Скопје (пр. хонорари, закупнини, субвенции, стипендии итн.), треба да го известат исплатувачот на средствата во иднина уплатите да ги врши на трансакциската сметка во друга банка.
Тие пак што имале кредити преку банката, своите обврски ќе треба да ги измират во соработка до стечајниот управник,којшто навремено ќе сподели информации со нив.
Сефовите ќе се празнат кога ќе почне со работа стечајниот управник
Граѓаните кои имале сефови во банката ќе може да си ги подигнат своите работи, откако ќе почне со работа стечајаниот управник. Се што имаат во сефовите ќе може да си подигнат, оти тоа е нивна сопственост и не може да биде задржано во текот на стечајната постапка.
И правните лица не може да ја користат трансакциската сметка во затврената банка. И тие се упатуваат да отворат сметки во други банки и за тоа да ги известат сите правни и физички лица со кои соработуваат дека ја промениле сметката.
И другите доверител кои имаат средства, но не по основ на депозит, ќе треба да ги пријават своите побарувања во рој од 20 дена од отворање на стечајната постапка и тие ќе бидат обештетени од стечајната маса на банката.
И правните лица кои имаат кредити, враќањето на истите ќе го прават во соработка состечајниот управник, којшто навремено ќе сподели информации со нив.
АСО - Стечајот на Банката нема да влијае на осигурувањата
Од Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) велат дека одземењето на дозволата за работа на Еуростандард банка нема да влијае на стабилноста на осигурителниот пазар. Од АСО посочија дека според последните податоци, вкупната актива на осигурителниот сектор изнесува 26,4 милијарди денари. Осигурителниот сектор го сочинуваат 16 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а пет вршат работи на осигурување на живот. Само четири друштва за осигурување имаат парични средства и депозити во Еуростандард банка, а вкупната вредност изнесувала 31 милиони денари, што претставува 0,1 отсто од вкупната вредност на активата на осигурителниот сектор.
„Не постои никаков ризик дека отворањето на стечајна постапка на Еуростандард банка ќе влијае на исполнувањето на обврските на друштвата за осигурување кои произлегуваат од договорите за осигурување ниту пак ќе се одрази суштински на профитабилноста и солвентноста на друштвата за осигурување, заклучија од Агенцијата за супервизија на осигурување“, се вели во соопштението на Агенцијата.
Ангеловска демантира дека ја подигнала заштедата од Еуростандард банка
По веста дека и се одзема дозволата за работа на банката, од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение прашуваат дали министерката за финансии Нина Ангеловска намерно ги извадила своите пари непосредното пред пропаѓањето на Еуростандард банка. Потоа од Министерството за финансии демантираат дека министерката сторила такво нешто.
„Сите промени на имотната состојба на министерката се уредно пријавени во анкетниот лист и ги охрабруваме новинарите-истражувачи да ги погледнат датумите на пријавените промени. Потенцираме - промените се направени пред подолг период и јасно може да се увиди дека немаат никаква поврзаност со денешната објава на Народната банка“, стои во соопштението од Министерството за финансии.
Инаку последно поголема банка во земјава пропадна пред тринаесет години. Тогашниот гувернер на Народната банка Петар Гошев во 2007 година одлучи да ја ликвидира Македонка банка, а три години претходно, во 2004 година, друг гувернер, Љубе Трпески, ја одзема дозволата на Експорт-импорт банка.