Парада на кинеската воена моќ

„Парадата имаше за цел да ја покаже моќта и желбата на Кина да ги заштити своите прекуокеански интереси“, коментира за АП, Ју Ганг, пензиониран полковник и воен коментатор.

Десетици илјади пешадиски војници, авиони, оклопни транспортери и камиони кои носеа тешко вооружување, меѓу кое и нуклеарна ракета, дизајнирана да ги избегне американските одбрамбени системи, продефилираа денеска на централниот плоштад во Пекинг, како дел од големата парада со која беше одбележана 70-годишнината од основањето на Народна Република Кина, на чело со Комунистичката партија, пренесе новинската агенција Асошиејтед прес.

Покажувајќи ја својата моќ, кинеската армија продефилира пред претседателот Си Џипинг и другите функционери од кинеската Комунистичка партија, додека илјадници Кинези во публиката мавтаа со кинески знамиња, а борбени авиони им прелетуваа ниско над глава.

„Ниту една сила не може да го разниша статусот на нашата голема татковина и ниту една сила не може да го запре напредокот на кинескиот народ и кинеската нација“, рече претседателот Џипинг, облечен во сива јакна како што своевремено носел Мао Цетунг кога во 1949 година се формирала народната република на чело со Комунистичката партија, во својот говор, директно пренесуван на националната кинеска телевизија.

Војниците облечени во целосна воена опрема, марширајќи пред лидерот, извикуваа: „Здраво наш водачу и Служете му на народот. На што Џипинг им одговори: „Здраво, другари“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Воена парада во Пекинг за демонстрација на сила

На парадата беше истакнат брзиот развој на кинеската технологија за оружје, платена од воениот буџет на Кина, кој изминатите 10 години порасна за 400 отсто. Странските аналитичари велат дека Кина е блиску да биде на исто ниво со САД, Русија и Европа во доменот на проектили, беспилотни летала и на некои други воени полиња, пренесе АП, додавајќи дека Народната ослободителна армија на Кина е најголемата војска во светот со 2 милиони мажи и жени во униформа.

Меѓу големото вооружување, беше прикажана и ракетата „Донгфенг-41“, за која се верува дека има опсег до 15.000 километри (9.400 милји), што ја прави воена ракета со најдолг дострел во светот. Аналитичарите велат дека во неа можат да се соберат дури 10 боеви глави за да се погодат одделни цели.

„Парадата имаше за цел да ја покаже моќта и желбата на Кина да ги заштити своите прекуокеански интереси“, коментира за АП, Ју Ганг, пензиониран полковник и воен коментатор.

Во меѓувреме, анти-комунистички демонстрации во Хонг Конг

За време на парадата во Пекинг, антивладините протести во Хонг Конг продолжија со уште пожестоки судири со полицијата. Најголемата група демонстранти, која броеше неколку илјади, го зазеде најширокиот булевар во центарот на Хонг Конг, извикувајќи пароли против Комунистичката партија на Кина.

Во неколкуте судири со полицијата денеска, беа повредени и неколку лица, од кои едно било застрелано в гради, што го потврдиле и надлежните од болницата во која бил хоспитализиран повредениот.
На интернет се појави видео на кое наводно се гледа дека полицијата стрелата во демонстрантите, при што бил рането хоспитализираното лице, но се уште не е потврдена автентичноста на таа снимка.

Полицијата не одговорила на прашањето за ранувањето на демонстрантот, туку изјавила дека полицајците пукале во воздух како предупредување, пренесе агенцијата Ројтерс.