Центарот за менаџирање на дебелина кој се отвори во рамки на градската општа болница „8-ми Септември“ работи турбо. За нешто повеќе од еден месец откако се отвори, прегледани се над 260 пациенти. За да дојдат овде тие добиле упат од матичен лекар со дијагноза на обезност или Е66.
„Имаме голем одзив и можам да ви кажам и дека не можеме да постигнеме. И јас се чудам колку пациенти сме имале во Македонија. Претходно овие пациенти не се појавувале во нашите установи. Голем дел од нив или избегнувале или не сакале да зборуваат на оваа тема, за болеста. И досега за жал можам да кажам дека и ние како лекари не сме обраќале големо внимание на обезноста како причина за многу болести кои ги лекуваме. Всушност сме ги лекувале само компликациите на обезноста, додека основниот проблем, сѐ уште, еве, постоел“, изјави за РСЕ доц. д-р Танер Хасан, ендокринолог во болницата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Речиси една третина од прегледаните пациенти во центарот биле тинејџери на возраст од 14 до 18 години.
„Во светот застапеноста е околу 40 % кај детската популација. Во 2030. година, според проекциите на Светската здравствена организација, се очекува оваа стапка да порасне на 50 % - секое второ дете да има прекумерна телесна тежина или обезност“, истакна ендокринологот.
Тој смета дека во Македонија почнува да се прифаќа дека обезноста е хронична болест која треба да се лекува. Оние кои се мотивирани да го направат првиот чекор, во Центарот за менаџирање на дебелина бараат помош од тим на експерти. Од нив тие добиваат планови за исхрана, лабораториски анализи, психолошка поддршка и едукација.
„Секогаш бев 'дебелото' дете“
Македонскиот конзул во амбасадата во Бон, Германија, Боро Мирчески, со години имал вишок килограми.
„Проблемот со телесната тежина ми е уште од основно училиште и отсекогаш сум бил 'дебелото дете'. Така го поминав и средното училиште и студентските години и сите следни до минатата година“, вели тој.
Овој татко на две деца, решил конечно да ја избрише придавката која го следела од дете, кога ги изгубил своите родители кои имале по неполни 57 години, и двајцата со прекумерна тежина. Сфатил дека мора веднаш да направи нешто за да биде здрав и долговечен. Oткако добил дијагноза пред-дијабет и имал крвен притисок кој оди до 220 со 140, со интензивна физичка активност и здрава исхрана симнал 44 килограми.
„Луѓето мора да сфатат дека дебелината не е проблем само за физичкиот изглед, туку е многу сериозен проблем за тоа колку ќе ти биде животниот век и колку ќе може ти кога најмногу треба да придонесеш, да помогнеш на своите деца во нивниот раст и развој“, потенцираше 36-годишниот Мирчески.
Стигматизација на обезните
Мирчески вели дека цел живот мечтаел да изгледа како што изгледа денес. Транзицијата од 120 килограми до нормална телесна тежина ја поминал во две општества, македонското и германското. Забележал разлика во перцепциите за обезните.
„Разликата е огромна. Во Македонија постојано се чувствуваат осудувачките погледи од народот и стануваш главна тема за тоа како ти изгледаш, без притоа никој да посвети посебно внимание на твоите вредности како човек, кои всушност се клучни карактеристики што еден човек го прават добар или лош. Тука апсолутно изгледот воопшто не е важен. Никој не те осудува, никој не те забележува и таа стигматизација е далеку помала, односно чувството дека си дискриминиран поради изгледот како и да не постои“, вели македонскиот конзул во Бон.
Токму стигматизацијата е една од главните причини поради кои обезните имаат проблем да направат нешто околу проблемот. Се изолираат и не сакаат често да се појавуваат во јавноста, вели ендокринологот Хасан. Тој верува дека ако се надмине пречката многу повеќе луѓе ќе побараат помош и очекува отворање на уште еден Центар за менаџирање на дебелина на Клиниката за ендокринологија. Пред отворањето на центарот во „8-ми Септември“, Македонија и Црна Гора беа единствени земји во Европа во кои немаше ваков центар, забележува докторот и додава дека живееме во пандемија на обезност.
Поддршка наместо осуда
Обезните треба да имаат чувство дека се разбрани, а не осудени, порачува докторот по јавно здравје, Александар Митов.
„Моето искуство покажува дека луѓето многупати брзаат и веднаш носат одлука и го поврзуваат зголемувањето на телесната тежина пред се со начиност на исхрана, без да размислат дека можно е човек да јаде поради различни причини, да има зошто, што го тера на тоа и едноставно да не е толку еднодимензионално, туку да е малку покомплицирано. И тука треба да го разбереме човекот пред сѐ, а секако да не го осудиме“, вели доктор Митов за РСЕ.
Тој забележува дека обезните некогаш имаат преголем притисок дури и во кругот на семејството каде постојано се споменува проблемот. Ова може да го отежни патот, иако најблиските имаат намера да помогнат. Но, човек треба да си даде некој среден рок без притисок од себе и од околината, за да ја постигне целта.
„Сакајќи да помогнат доаѓа до ситуација често да му спомнуваат на човек којшто има проблем со телесна тежина. И тоа постепено да речам дури и ескалира. Доаѓа до ситуација кога се нарушуваат меѓусебните односи заради тоа притискање. И тука патот, според мене, треба да биде пат на охрабрување, на поддршка и на свесност дека намалувањето на тежината под 'а' бара време и под 'б' бара промена на навиките. Не е ова решение - ајде сега ќе се ставам на диета, еден месец, два месеца и ќе го решиме проблемот. Не! Треба и семејството и човекот кој го има проблемот да разбере дека суштината е да се променат навиките во исхраната и навиките во степенот на физичка активност“, додаде докторот.
„Државата не треба да гледа немо“
Ако се свртите кон Европската унија, нема да најдете една земја која не спроведува некој вид на кампањи за заштита на јавното здравје од миење раце, па сѐ до начинот на исхрана, навиките и слично, заклучува Митов. Тој е дециден дека државата треба да води сметка за ваков тип на прашања и дека е потребна државна стратегија.
„Ова е јавно здравствен проблем. Еден од најголемите. Лесно е ние од една страна само да додаваме пари во болниците каде ги решаваме последиците на проблемите. Мора од јавно здравствен аспект да се поведе сметка за тоа да се крене свесноста, да се едуцира населението. А јавноста просто треба да разбере една едноставна порака - дека секому може да му се случи да му се зголеми телесната тежина“, вели докторот по јавно здравје.
Некои од оние кои пред пандемијата не верувале дека секој може да влезе во борба со килограмите, се уверија дека е така откако таа почна, забележува докторот. Пандемиската изолација и промената на навиките донесе огромен бран на зголемување на телесната тежина. И тука државата не треба да гледа немо, туку мора активно да постапува во едукација на населението, порачува доктор Митов.