Проблемот со соседна Бугарија, кој ескалираше во втората половина од годината, а резултираше со бугарската блокада на македонските европски интеграции во 2020 година актуализираше главно пет историски теми- чиј е Гоце Делчев, од кога постои македонскиот јазик, од кога постои македонската нација, каква е улогата на Бугарија во Втората светска војна и која е улогата на лидерот на поранешна Југославија Јосип Броз Тито во создавањето на македонската држава и нација.
Чиј е Гоце Делчев?
Во првата половина од мината година се чиниеше дека револуционерот Гоце Делчев е најголемиот проблем меѓу двете соседни земји. За неговото потекло и дело запнаа историчарите во заедничката мешовита комисија за историски и образовни прашања, па уште не е постигната заедничка позиција.
Видете и ова: Македонско - бугарската комисија со нула резултатОд она што е јасно по нивната последна средба која се одржа онлајн, како што соопшти копретседавачот од македонската страна Драги Ѓоргиев, е дека не се спорат фактите поврзани со Гоце Делчев, но дека проблемот настанува во суштинскиот дел, односно зошто е важен и како да го прифатат двете општества.
Македонскиот јазик
Македонскиот јазик, пак изгледаше како подзаборена тема во македонските медиуми, а се споменуваше најчесто на петти мај кога се одбележува Денот на македонскиот јазик и во контекст на навлегувањето на премногу странцизми во него. Тоа беше така се до објаснувачкиот меморандум на Бугарија кој го испрати до земјите членки на Европската унија. Меморандумот беше објавен во септември и од тогаш и за јавноста стана јасно дека разликите меѓу Софија и Скопје не само за славниот револуционер.
Бугарската влада тврди дека „создавањето на македонскиот јазик во 1944 година беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик“, а сега бара во Европската унија македонскиот јазик да има и додавка- според уставот на Република Северна Македонија.
Македонската нација
„Формирањето на македонската нација е проект на Белград меѓу двете светски војни за поткопување на бугарскиот идентитет и создавање на нов „јужносрпски“ кој бил неуспешен, но потоа комунистичкиот лидер Јосип Броз Тито по Втората светска војна, форсирал друг нов идентитет, овој пат македонски.
Видете и ова: Софија до ЕУ- Македонците се проект на Тито, македонскиот јазик е норма на бугарскиотМакедонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944.“, ги разјаснува своите позиции официјална Софија во меморандумот испратен до земјите членки на унијата.
Бугарија- окупатор или администратор?
Улогата на Бугарија во Втората светска војна во Македонија провејуваше низ изјавите на неколку бугарски политичари и претходно. Позицијата слушната од Софија е дека Бугарија не била тука окупатор, туку дека ја администрирала територијата по барање на Германија. Ова прашање, сепак, не е дел од официјалните позиции и барања на источниот сосед, но се актуализираше по контроверзното интервју на премиерот Зоран Заев за БГНЕС во кое тој рече дека „Бугарија не е фашизам, туку наш пријател, а дека имало некоја администрација во почетокот, а оти потоа Бугарија се дигнала заедно со антифашизмот“.
Јосип Броз Тито
Тито е последната тема која стана актуелна лани. До тоа дојде откако бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева рече дека не може да сакаш во ЕУ, а да го славиш Тито, а комунистичкиот лидер го спореди со нацистичкиот Хитлер.
Компромис? Аналитичарите скептични, политичарите оптимисти
Во сите овие несогласувања Малинка Ристеска Јорданова од Институтот за европска политика ЕПИ гледа можност ова да биде долг спор.
„Ова ќе биде долго, да видиме прво каков ќе биде резултатот од изборите во Бугарија, меѓутоа се покажа дека ова сепак не зависи само од изборите и можно е да биде еден подолгорочен процес кој што ќе бара навистина сериозно поставување од наша страна затоа што компромиси за бугарските барања не се можни “, вели Ристеска Јорданова.
Видете и ова: Нема заклучоци на ЕУ за Балканот, ниту датум за МакедонијаСлична прогноза има и Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први.
„Сфаќајќи дека е повеќе од извесно дека овој спор нема да се надмине до крајот на годината во рамките на германското претседателство со Европската унија, наспроти сите напори на Германија да ја откочи европската перспектива на Република Македонија постои голема опасност со ова прашање ние да се занимаваме во следните 20 години“, вели Спасеновски за Радио Слободна Европа.
За разлика од нив двајцата лидери кои го потпишаа Договорот за пријателство во 2017 година, Зоран Заев и Бојко Борисов се по оптимистични.Борисов изрази надеж дека во 2021 година ќе се најде заедничко решение за продолжување на процесот на интеграција на земјава во Европската Унија, а претходно и Заев даде слична изјава прецизирајќи дека очекува решение во првата половина од годината.