Во изминативе 18 месеци земјите од Западен Балкан работат на спроведување на мерки од регионалниот патоказ за борба против корупцијата и следење на нелегалните финансиски трансакции. Тоа е мултилатерален договор кој содржи конкретни мерки за борба против корупцијата со акцент на корупцијата во јавните набавки и регионална соработка.
Целта меѓу другото е да се спречи одлевање на фондовите надвор од земјите за кои се наменети. Регионален советник за антикорупција и враќање на имотот за Југоисточна Европа и шеф на програмската канцеларија од Агенцијата на ОН за борба против криминалот и дрога во Белград Константин Паликарски во разговор за РСЕ вели дека јавните набавки, менаџментот на конфликт на интереси и подобрување на конфискацијата на имот се детектираните области на кои им е потребно подобрување.
Кои се главните предизвици за да се исполнат обврските од патоказот ?
Патоказот се фокусира на три приоритетни области. Првата областа е јавните набавки, втората област е потекло на имот и менаџмент на конфликт на интереси, и третата приоритетна област е спроведување на законот . Активна работа се спроведува во сите земји и во регионот за да се адресираат овие три приоритети. Мислам дека е важно да се посочи дека борбата против корупцијата е секогаш насочена кон таргети кои бегаат. Многу е тешко да се каже дека сега ние ќе спроведеме одредени мерки и од тој момент нема да има корупција.
Видете и ова: Антикорупциска ќе проверува кои судии и обвинители предвреме положиле правосуден испитКриминалците секогаш смислуваат нови коруптивни шеми, смислуваат нови идеи како да го прекршат законот и како да профитираат незаконски од нивните криминални дејства. И за да може да го адресираме тоа потребно е и ние да смислуваме нови начини да го детектираме тоа, да го истражиме и процесираме. Важно е да го сфатиме тоа, затоа што често се има чувство дека ако се усвои закон и имплементира тој закон, тогаш нема да има корупција. За жал тоа не е случај, тоа што криминалците го прават, е кршење на законите, така што без разлика колку закони усвоиме, криминалците на крајот ќе ги кршат. Важно е да се идентификуваат криминалните и коруптивни шеми.
Кои се најдобрите алати за откривање на коруптивните шеми кои ги прават криминалците за да ги кршат законите ?
Има многу можни пристапи кои може да се користат, но без разлика кој пристап ви е омилен за употреба, важно е да има координација во употребата на тие пристапи. Антикорупциските тела во земјите, не само антикорупциската комисија, туку и полицијата извршува антикорупциска работа, највисоките институции задолжени за спроведување на редот се инволвирани во битката против корупцијата кои се грижат дека буџетите правилно се трошат, Парламентот си има свои обврски, целиот граѓански сервис треба да биде инволвиран во тој процес. Координацијата меѓу сите е важна, затоа што ако институциите кои се координирани меѓу себе, и можат да споделат информации и да учат од меѓусебното искуство. Кога нова корупциска шема ќе се идентификува и детектира таа информацијата ќе се сподели со другите и тие ќе можат да преземат мерки и да ја спречат таквата шема. Во отсуство на таква соработка, кога работите во изолација, резултатите ќе дојдат но ќе бидат многу помалку ефикасни.
Дали тоа значи дека институционалната соработка и кога секој ќе си ја заврши својата работа е најдобриот лек против корупција?
Тоа е предуслов, без тоа, што и да правите ќе биде многу потешко. И секако конвенцијата на ОН против корупција дава рамка за адресирањето на корупцијата, се фокусира на превенција и меѓународна соработка, спроведување на законите. Ако работиме во таа рамка нема сомнеж дека ќе видиме прогрес.
На конференцијата беше споменато дека во секоја држава од Западниот Балкан уште многу треба да се направи за граѓаните да видат резултати од борбата против корупцијата. Имате ли некој совет, што конкретно треба да се направи во Македонија за граѓаните да видат резултати од антикорупциската борба?
Ние не сме во позиција да даваме совети зашто во суштина веќе има многу јасно разбирање кај властите во секоја држава кои чекори треба да ги преземат за да се борат против корупцијата. Ние можеме само да препорачаме чекорите што се идентификувани да бидат во суштина имплементирани. Во имплементацијата на тие чекори, фокусот секогаш е на ефикасноста, фокусот секогаш е како чекорите што ги правиме може вистински да придонесат во намалување на корупцијата во дадена земја.
Интересно е што велите дека граѓаните треба да видат резултати. Секако, важно е да се видат резултати, но исто така е важно да го препознаеме напредокот што веќе е постигнат. Зашто, ако ја споредиме ситуацијата сега со ситуацијата пред една година, веројатно е тешко да се забележат драматични промени. Но, ако ја споредиме ситуацијата сега со ситуацијата пред 25 години, мислам дека сите ќе се согласиме дека има јасни и видливи промени во се, во целото општествено ткиво во земјите од регионот, и во начинот на кој работат институциите, и во начинот на кој функционира корупцијата. Нема сомнеж дека има многу развој во регионот. Сепак, борбата против корупцијата е процес, а не проект. Значи, ќе продолжи. Без разлика што ќе направиме, криминалците ќе измислат нови шеми, нови начини. Ние треба да се прилагодиме и да продолжиме да работиме да се бориме против тие шеми.
Во кое поле треба повеќе да се работи, на конференцијата беа спомнати јавните набавки, отворени дата бази и конфискацијата на имот стекнат со корупција, што треба во овие полиња да се направи повеќе за да се видат резултати од битката против корупцијата?
Веќе е многу е направено во секој од овие три правци. Кога зборуваме за јавните набавки, очигледно ова е чувствителна област, бидејќи тука се парите и ако криминалци имаат намера да украдат пари, тие ќе крадат од таму каде што има пари. Тоа е единствено логично. Корупцијата и јавните набавки секаде се проблем, секаде е таа потенцијална ризична област и треба да можеме да ги идентификуваме коруптивните шеми во јавните набавки и кога е можно да превенираме да се случат, а кога не е можно да ги детектираме и да ги запреме криминалците. Ова е навистина голема тема и тешко е да се идентификува една единствена мерка која треба да биде преземена.
Членот 9 од Конвенцијата на ОН против корупцијата предвидува дека системот за јавните набавки треба да биде базиран врз принципи на транспарентност, објективни критериуми во донесувањето одлуки и конкурентност. Ако успееме да воспоставиме системи за јавни набавки базирани на овие принципи, евентуално ќе има помалку корупција во јавните набавки. Кога зборуваме за враќање на средства, како што веќе беше спомнато на конференцијата, клучна е меѓународната соработка, бидејќи според начинот на кој работат криминалците, многу често тие ги носат приходите од криминалот надвор од земјата од која потекнуваат и сосема е можно да имате средства кои се украдени во Северна Македонија кои се однесени во бројни други земји и да завршат во земја.
И со цел да се трага по овие средства, да се идентификува каде се овие средства и евентуално да се вратат назад во Северна Македонија низ процес на конфискација, тоа бара соработка со бројни јурисдикции надвор. И капацитетот да се стори тоа, односите кои неопходни, тоа е многу важно. Без да се има силни капацитети за меѓународна соработка, без можност да се искористи меѓународната мрежа за соработка, како Глобалната мрежа на органи за спроведување на законот и антикорупциските власти, во кои учествува Северна Македонија, ќе биде навистина многу тешко да се следат овие средства и да се вратат назад во Северна Македонија.“