„Прилично сум сигурен дека Путин игра на картата дел од јавноста на Запад да се засити од војната во Украина, барајќи помош од нивните влади“, смета Захари Паикин, истражувач во Центарот за европска политика со седиште во Брисел
Тој очекува во одреден момент да се воспостави линија на контрола и прекин на огнот, но без да се решат клучните прашања во односите меѓу Украина и Русија, што значи дека тоа би можело да биде увертира во идна војна.
Паикин додава дека западните санкции ќе нанесат голема штета на економските и воените капацитети на Русија на среден и долг рок.
„Меѓутоа, темелите на режимот на Путин во моментов се силни и не верувам дека тоа наскоро ќе се смени. Можно е во одреден момент да биде заменет со некој кој е исто толку агресивен како него и нема да биде подготвен да соработува со Запад. Дури и по Путин на власт да дојде некој политичар кој верува дека инвазијата на Украина е грешка, сепак тој ќе наследи војна што ќе сака да ја заврши под услови прифатливи за Русија“, смета Паикин.
Русија од партнер до закана
НАТО соопшти дека Русија е најголемата закана за безбедноста и стабилноста. Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден најави зголемување на американските војници во Европа. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, изјави дека НАТО сега поминува низ најголемите реформи од Студената војна. Кои ќе бидат практичните ефекти од оваа нова стратегија на НАТО?
Мислам дека е премногу рано да се предвиди тоа, бидејќи усвојувањето на Стратешкиот концепт на НАТО е само првата фаза. Сè уште треба да се разработат уште многу практични детали. Кога станува збор за Русија, во овој документ во голема мера се повторени постоечките принципи на Северноатлантската алијанса.
На пример, се задржува политиката на „отворени врати“, со што се повторува одлуката од Самитот во Букурешт во 2008 година дека Украина и Грузија еден ден би можеле да станат членки на оваа Алијанса. Во исто време, променета е формулацијата во Стратешкиот концепт од 2010 година за Русија како „стратешки партнер“. Сега Русија се третира како „најдиректна закана“ за безбедноста на НАТО, но тоа не е изненадувачки.
Се повторува и ставот, кој првпат беше спомнат од администрацијата на Бајден минатата година, дека САД и НАТО се стремат кон предвидливи односи со Русија. Но, во продолжение на документот се наведува дека на самата Русија останува да ја промени својата политика, откако започна неиспровоцирана агресија.
Во такви околности не е лесно да се соопшти дека сакате „стабилни и предвидливи односи“, но на крајот одговорноста целосно се префрла на другата страна. Зборуваме за евроатлантскиот простор во кој НАТО не е единствениот актер и во одреден момент, веројатно кога Владимир Путин ќе си замине од власт, ќе треба да се воспостави меѓусебно разбирање за тоа како да се воспостави легитимна европска безбедност.
Меѓутоа, денес сме многу далеку од таа цел. Одлуките кои ќе се носат во наредните месеци и години ќе ја обликуваат геополитичката средина на среден и долг рок.
Рековте дека кога Путин еден ден ќе го напушти Кремљ, може да го наследи уште потврдокорен политичар. НАТО, пак, најави ставање во состојба на готовност на 300 илјади војници, за разлика од досегашните 40 илјади. Сепак, Столтенберг признава дека сега треба да се изработи план за постигнување на таа цел. Дали е тоа листа на желби или акционен план?
Мислам дека тоа е еден од попрактичните чекори. Постои оптимизам дека оваа цел ќе се постигне следната година и дека ќе може да се мобилизираат војници за 30 дена по издавањето на наредбата. Тие можеби ќе бидат сместени во нивните земји, а не во близина на кризни жаришта, но во секој случај тоа е значајна обврска која е преземена. Ќе бидат потребни неколку месеци за да се исполни и многу ќе зависи од политичката волја, се разбира, и од текот на војната во Украина.
Русија има појасни цели во Украина од НАТО
Дали ова ќе ја одврати Русија од понатамошни акции, или, всушност, дополнително ќе ја испровоцира?
Целта на оваа иницијатива и, што е уште поважно, на американското воено присуство во Европа, е да ги увери сојузниците во својата посветеност да ги брани во случај на напад. Мислам дека има разлика помеѓу таа цел и одвраќањето на Русија да го прави она што го прави во Украина, а Украина формално не е сојузник на Алијансата.
Многу медиуми и коментатори погрешија во пресрет на руската инвазија, кога САД сигнализираа дека ќе испратат дополнително неколку илјади војници во Европа. Тоа беше протолкувано како обид на Вашингтон да ја одврати Русија од воена кампања. Меѓутоа, целта беше да се уверат сојузниците дека Алијансата ќе ги брани ако треба, а тоа се две различни работи.
Русија има многу појасни цели во Украина во споредба со НАТО и ЕУ. Не е јасно кои се целите на Западот во Украина во моментов, дали тоа е - украинските сили да ја вратат контролата врз целата територија или на таа создадена по 2014 година, дали да станат прозападна, суверена земја без оглед на границите во кои ќе се наоѓа, понатаму дали да ги искомплицира плановите на Русија или да ги ослаби, како што рече американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Тоа зависи и од целите на Русија во Украина: Дали е тоа зацрстување на контролата над Донбас или нејзино проширување на југ, вклучително и во Одеса, или дури и поделба на Украина на два дела?
Мислам дека е јасно кои се краткорочните цели на Русија. Москва сака да ја консолидира својата контрола врз териториите кои сега се во нејзини раце и да го окупира цел Донбас. Обидот за освојување на Одеса засега не е во игра, но тоа ќе биде во одреден момент во иднина.
Дури и да има пауза во воените операции, од досегашното искуство знаеме дека суштинските политички спорови меѓу Москва и Киев не се решени. Затоа, тоа може да биде увертира за големи конфликти.
Непредвидлива ситуација околу Калининград
Бајден ја повтори посветеноста на НАТО да ја брани секоја педа од својата територија. Со оглед на зголемените тензии околу руската енклава Калининград, дали Северноатлантската алијанса би реагирала доколку Русија се обиде насилно да ја отстрани блокадата на снабдување на Калининград преку копнениот коридор наметнат од Литванија? Дали Русија би се осмелила на ваков потфат или, како што неофицијално се најавува, ЕУ ќе ги ублажи ограничувањата?
Мислам дека сè е можно во овој момент. Не можеме да предвидиме како Русија ќе реагира. Многу работи можат да се случат непланирано, ненамерно, па постои ризик од ескалација на конфликтот кој не бил пресметан. Ситуацијата е деликатна, бидејќи Калининград е суверена руска територија, која се граничи со членките на НАТО, Полска и Литванија.
Интересно е што Калининград не привлече премногу внимание во западните кругови на почетокот на оваа војна. Поради војната во Украина, природата на односите меѓу Русија и НАТО значително се промени, а тоа се одразува и на Калининград.
Дали Западот ќе ја релаксира контролата на коридорот до Калининград?
Според неофицијални информации, некои европски земји, најверојатно Германија, па Франција, се обидуваат да го омекнат ставот за блокадата на копнениот коридор кон Калининград, можеби стравувајќи од ширење на војната и проблеми во снабдувањето со енергија.
Апсолутно е легитимно да го сторат тоа, како и стравот од пресметана или ненамерна ескалација на конфликтот. Затоа треба да се преземат некои чекори за да се смири ситуацијата.
Дали со ова се испраќа порака до Русија дека се плашат и се повлекуваат пред неа и со тоа и даваат зелено светло да ја продолжи својата агресивна политика?
Мислам дека не се работи за тоа. Ако Литванија се обиде да ја спречи Русија да испорачува стоки на своја територија, Москва ќе го сфати ова како проблем. Мислам дека не треба да се смета за знак на слабост обидот да се спречи сегашната војна во Украина да се претвори во конфликт меѓу Русија и НАТО.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Ширењето на конфликтот надвор од Украина не е во интерес на Русија
Дали Русија засега ќе ги ограничи своите воени операции само на Украина?
Мислам дека во моментов Русија е фокусирана на кампањата во Украина. Не гледам дека планира ескалација на конфликтот и мислам дека тоа нема да биде во интерес на Москва. Сепак, како што реков, секогаш постои ризик дека неволните потези, бучавата во комуникациите да доведат до ескалација на конфликтот.
Дел од проблемот е што нема волја за дијалог од почетокот на војната. На Запад истакнуваат дека Русија е зло поради сè што направи во Украина - што е апсолутно точно. Од тие причини западните лидери не се подготвени да разговараат со официјална Москва додека таа не ја промени својата политика.
Сепак, имаме безбедносна криза на европскиот континент, поради што е неопходно да се намали ризикот од натамошна ескалација, за што се потребни разговори меѓу двете страни. Во исто време, Западот може да ја задржи својата позиција и да вети дека ќе обезбеди правда кога ќе заврши конфликтот, а во меѓувреме да дејствува одговорно и реално преку дипломатски канали во обид да спречи натамошно влошување на ситуацијата.
Германија принудена да се врати на јагленот
Како што рековте, Европа исто така трпи последиците од војната во Украина. Дали може да најде алтернативни извори кои би можеле да ја заменат руската енергија или тоа не е можно. Поради ова, некои земји, како Германија, можеби инсистираат Украина да прифати некаков компромис со Русија?
Ќе биде потребно време за Европа да се ослободи од зависноста од руската енергија, особено од гасот. Поради ова, Германија дури беше принудена да се врати на употребата на јаглен. ЕУ си постави цел целосно да се ослободи од зависноста од рускиот гас до 2027 година, а во меѓувреме се обидува да ја намали неговата употреба.
Во меѓувреме, Русија може да одлучи целосно да го прекине снабдувањето со овој енергенс, што ја отежнува ситуацијата.
Можно примирје, но без решение на клучните проблеми
Како ќе заврши оваа војна, постои ли ризик од ескалација, па дури и употреба на нуклеарно оружје?
Секогаш постои ризик од ескалација, би рекол шансите се 50-50 проценти. Затоа е важно да постои дијалог и комуникација за да се спречи овој ризик. Кога станува збор за војната во Украина, многу е тешко да се предвиди. Претпоставувам дека во одреден момент ќе се воспостави линија на контрола и прекин на огнот, но без решение за клучните прашања во односите Украина-Русија, што значи дека тоа може да биде увертира за идна војна.
Исто така, позицијата на Русија во Европа и нејзината безбедносна архитектура е нејасна. Затоа, прашањето за односот меѓу Украина и Русија, која смета дека делови од оваа земја се дел од „рускиот свет“ и позицијата на Русија како голема сила, останува отворено до степен до кој западните земји се подготвени да го прифатат тоа. Ова нема да се реши наскоро и ќе остане главна безбедносна дилема на источното крило на Европа во догледна иднина.