Во Белград денеска Конференција „Отворен Балкан – Патот кон стабилизација, соработка и просперитет на регионот“, на која на политичкиот панел покрај српската премиерка Ана Брнабиќ, онлајн ќе учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, албанскиот премиер Еди Рама и специјалниот американски пратеник за Балканот Габриел Ескобар.
На Конференцијата се презентираат резултатите од регионалното истражување на јавното мислење и резултати од економската анализа на иницијативата Отворен Балкан, а ќе се одржи и Панел на бизнисмени за економските ефекти од Отворени Балкан. Организатори на Конференцијата се Народното Собрание на Србија, Конгресот на српско-американското пријателство и независната меѓународна истражувачка мрежа East West Bridge (ЕВБ).
Како во практика функцинира замисленото?
Администрација со низок капацитет која не е способна во дело да ги спроведе политичките одлуки во сите држави од Западниот Балкан е главната причина што иницијативата „Отворен Балкан“ и по цели две години се сведува само на средби меѓу лидерите Македонија, Србија и Албанија, велат бизнисмени и транспортери.
Видете и ова: Подготвени ли се државите за отворен Балкан од 2023 година?Првата средба меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ со премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, на која беа претставени плановите за иницијативата, се одржа во октомври 2019 во Нови Сад. Оттогаш се одржаа уште неколку средби меѓу нив, како и средби на министерско ниво и меѓу бизнисмени.
Иницијативата си постави амбициозна цел до почетокот на 2023 година да нема граници меѓу трите земји и да има слободен проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Сепак, после повеќе од две години, резултатот е потпишани неколку меморандуми за соработка и најава за формирање работни групи.
Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека ова покажува дека политичката волја не е доволна за спроведување на регионални и меѓународни спогодби.
„Имаме слаби институции кои може да тераат меѓународни договори. Немаат капацитет за спроведување на преземените регионални обврски. Тоа е рефлексија на слабата администрација во сите земји од регионот и затоа не случајно сме надвор од Европската унија“, вели Исени.
Пред повеќе од две години беше промовиран „One stop shop“ на граничниот премин Табановце, односно граничната контрола заеднички да се извршува на едно место, наместо да се застанува два пати. Сега, ако одите од Македонија кон Србија има само едно запирање, но од Србија кон Македонија повторно има две гранични контроли како порано.
Билјана Муратовска од Асоцијацијата на превозници Макамтранс вели дека за нив најголем проблем е долгото чекање на камионите на границите.
„Имплементацијата е проблем, не е проблемот во некои решенија. Ако се воспостави некој систем за признавање на документацијата уште повеќе ќе се намали работата на инспекциските служби. Ако се признава ветеринарниот и фитосанитарен сертификат на стоката која трга од Албанија, и во Македонија и Србија, тогаш нема да има двојно застанување. Меѓутоа, тука се работи за надомест којшто се наплаќа од овие служби, па не лесно се откажуваат државите од некои средства коишто сега ги собираат“, вели таа.
Видете и ова: Годишнина на „Малиот Шенген“, успеси и неуспесиВладата очекува веќе од наредната година граѓаните да почнат да ги чувствуваат бенефитите од иницијативата „Отворен Балкан“.
Плановите за иницијативата беа претставени на првата средба на лидерите на трите земји во Нови Сад во октомври 2019 година. Оттогаш тие одржаа уште неколку средби, а летоска во Скопје се одржа и Форум за регионална економска соработка.
На последниот самит одржан во Белград пред две недели, лидерите не ја криеја фрустрацијата што договорите на политичко ниво не се целосно спроведени на терен.
Бизнисмените им се жалеле дека слободниот проток на стоки не функционира, наведувајќи го примерот дека ако камион стигне на царина во петок навечер, мора да чека до понеделник наутро.
„Не може во петок навечер да стигнете до граница и да чекате до понеделник за да се извезете млеко, бидејќи до понеделник млекото ќе се претвори во јогурт“, изјави албанскиот премиер Еди Рама.
На овој состанок, наместо премиерот Зоран Заев кој најави оставка по поразот на локалните избори, присуствуваше вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.
Десетина дена по самитот во Белград се одржа средба на министерско ниво во Ниш на која биле договорени активностите што треба да се спроведат до самитот во Тирана во декември. До крајот на месецов треба да се формираат работни групи, а во Тирана ќе се разговара што е направено во меѓувреме и кои се следните планови.
Една од првите работи е работното време на инспекциските служби на граничните премини да биде 24/7, а One stop shop да биде целосно функционален.
Муратовска, пак, вели дека на граничните премини од А-категорија и сега ветеринарната и фитосанитарната инспекција работат 24 часа, но проблем е бавноста.
„Ако министерствата кај што припаѓаат овие служби не ги контролираат ќе имаме застој“, вели таа.
Во владата ни одговорија дека се работи на усогласување на листата на растителни производи за кои е потребна фитосанитарна инспекција и фитосанитарен сертификат/хармонизиран со регулативите на ЕУ, признавање и прифаќање на лабораториски анализи, усогласување на списокот за болести кај животните итн.
Тие велат дека во Ниш биле поставени „амбициозни рокови за конкретни чекори за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки“.
Владата најавува дека во насока на исполнување на целта нашите граѓани да имаат слободен пристап до пазарот на труд во Србија и Албанија се работи на Договор кој ќе го овозможи ова и воедно ќе се креира Open Balkan регистрациски број.