Османи: Граѓаните се солидаризираат со Македонците поради директниот атак врз националните атрибути

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Османи: Според правилата на ЕУ, Бугарија може да не блокира и за тоа дали е Вардар чист или не

Ако има еден позитивен ефект од оваа блокада е дека граѓаните се сплотија во солидаризирање во случајот кон македонскиот народ бидејќи на некој начин под директен атак се неговите национални атрибути вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Министре, месеци по отворањето на разговори со бугарските колеги за затворање на отворените прашања со што би се деблокирала македонската европска интеграција јасно ви е за што точно разговарате?

Се разбира комплексно е прашањето. Одлуката за почнување на преговорите има три компоненти, има политичка одлука или согласност, има рамка и конференција. Одлуката ја добивме минатата година во март, таа што беше блокирана од Грција од 2009 година, сега сме на втората станица, преговарачката рамка која е текст од неколку страни на кои се утврдуваат принципите и правилата како ќе се одвиваат преговорите. Во предлогот што е даден од комисијата до земјите членки, во тој текст Бугарија спори три прашања- името, јазикот и гаранцијата за спроведување на договорот и тоа се прашања кои ги третира португалското претседателство со последниот предлог кој што ние го сметаме како добра основа за надминување на разликите и работиме сите заедно во однос на тој предлог.


Ве прашувам ова затоа што бугарските политичари тврдат дека македонските политичари лажат кога велат дека Бугарија ги оспорува македонскиот јазик и македонскиот идентитет...

Па сега тоа зависи како ќе го претставите. Во преговарачката рамка има една реченица со техничко значење во која што стои дека акито ќе се преведе на македонски јазик. Бугарија смета дека треба да се користи формулацијата од Договорот од 2017 година која што беше една реципрочна билатерална формулација за јазикот во кој што бугарскиот јазик беше напишан како бугарски јазик според Уставот, а македонскиот беше напишан како македонски јазик според Уставот или вториот пристап да се дефинира историскиот контекст на создавање на јазикот во некој билатерален договор. Така што да, спорен од нивната страна е тој момент за кое што португалското претседателство има решение за кое ние сметаме дека е добра основа.

Ама зошто тогаш тие тврдат дека не го спорат македонскиот јазик и идентитет?

Затоа што најверојатно сакаат да престават дека не го спорат денешното дефинирање на јазикот, но го спорат историскиот корен на јазикот. И во тој контекст тие го преставуваат како неспорење на идентитетските атрибути кој што сега ги има државата, меѓутоа тоа е доколку се има тој пристап на дефинирање на историскиот контекст. Меѓутоа со барањето да се дефинира согласно јазичната клаузула од Договорот од 2017 година очигледно е дека се редефинира и сегашното дефинирање на јазикот.

Јасен е ставот на Софија дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, а дека корените на македонската нација пред 1944 се бугарски. Ако историски, македонската страна го „признае“ ова, тоа нема да се одрази врз сегашниот идентитет?

Сигурно и затоа никогаш не било предмет на некакви разговори билатерални од наша страна во однос на јазикот. Ние да, сме прифатиле да разговараме за краткото име, оти да навистина ако има потреба од дополнителни објаснувања дека краткото име не се реферира на историскиот регион чиј дел е денес и во Бугарија и дека немаме никакви територијални претензии во името на државата, или, пак, да дадеме дополнителни гаранции во смисла на европски мониторинг во имплементација на договорот наспроти тоа што го имаме сега, а тоа е билатералниот мониторинг преку меѓувладината комисија, но никогаш не сме прифатиле да разговараме за јазикот бидејќи тоа е прашање што е право на секоја држава во рамки на своето самоопределување. Меѓутоа, португалското претседателство има предлог со кој може да се адресираат одреден чувствителности кој што ги има бугарската страна и да ја задржи својата позиција, меѓутоа ние не сме прифатиле да се разговара за тоа прашање во мултилатерален контекст.

Министре постои ли опасност во брзање да се постигне успех сега всушност да се направи долгорочен проблем и да се внесе во процес за ЕУ и формална можност за идни бугарски блокади?

Се додека одлуките за проширување се носат со консензус Бугарија може да не блокира за кое било прашање, за прашањето за реката Вардар дали е чиста или не може да најде причина и да не блокира, особено сега со новата методологија кога повеќе моќ е дадена на земјите членки на сметка на комисијата, плус и процесот има можност за реверзибилност тие може да го блокираат кога сакаат. Ние сме калкулирале и таа можност ја имаат 200 пати во тек на процесот. Сакам граѓаните да бидат уверени ништо нема да правиме на брзање, сосема сме свесни кои се интересите на граѓаните, кои се очекувањата на граѓаните, но исто така сме свесни колку е важно за нив членството во Европската унија. Ако има еден позитивен колатерален ефект од оваа блокада е дека граѓаните се сплотија во солидаризирање во случајот кон македонскиот народ бидејќи на некој начин под директен атак се неговите национални атрибути и тука се покажа вистинската слика на Република Северна Македонија за која што треба да се гордееме.

Целото интервју со министерот за надворешни работи Бујар Османи може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.