Опозицијата брани и критикува - власта молчи за кандидатите за уставни судии

Собраниската комисија за прашањата на изборите и именувањата расправа за предлозите за нови уставни судии

Опозицијата дискутираше сама со себе во Комисијата за избори и именувања каде на дневен ред беа ставени два предлога за избор на уставен судија - актуелниот обвинител Јовески како предлог на власта и професорот Климовски, како опозициски предлог. Климовски не беше изгласан за уставен судија.

Предлогот на опозицијата професорот Саво Климовски да биде назначен за уставен судија не ја мина бариерата на Комисијата за избори и именувања. Владејачкиот предлог пак на ова место да седне актуелниот јавен обвинител Љубомир Јовески наиде на остри критики од опозицијата, но не и на одбрана од предлагачите.

На денешната седница на Комисијата за избори и именувања, каде требаше да продолжи дебатата за избор на уставните судии, во време кога судот цела година работи во нецелосен состав, можеа да се слушнат само обраќањата на опозицијата. Тие прво го бранеа предлогот за професорот Саво Климовски да стане уставен судија, истакнувајќи го неговиот професионален багаж како професор по уставно право. Побараа дебата со пратениците на владејачкото мнозинство за да кажат зошто предлогот е лош, бидејќи како што и самите рекоа пред гласањето, не очекуваат тој да помине бидејќи е опозициски предлог.

Видете и ова: Уставни измени се потребни, но со реална анализа и без притисоци

„На вам не ви се битни ниту имињата, ниту биографиите , ниту минатиот труд на кандидатите за кои ние зборуваме секојдневно, туку битно ви е тие да бидат корумпирани, подмитливи, да бидат неправични. Предлагањето на уставните судии коишто вие не ги ни браневте, морам да потенцирам, затоа што се срамите од нивните бедни биографии, за вас едноставно е една одлука која морате да ја изгласате. Затоа нема интерес од страна на пратениците да дебатираат“, истакна пратеничката од ВМРО ДПМНЕ, Ели Панова.

Во своето излагање пратениците од опозицијата побараа Закон за Уставен суд, за да се избегне, како што рекоа, владејачкото мнозинство да бира Уставни судии . Притоа ги критикуваа пратениците од владејачката коалиција што ги нема во салата во текот на дискусијата.

„Кого јас денеска да убедувам, каде е владејачкото мнозинство што треба да гласа, да го убедувам. Ова навистина нема логика, ова е крај на секоја една форма на замислена дефиниција на тоа што значи демократија“, се обрати пред пратениците опозициската пратеничка Бети Стаменковска Трајкоска.

Откако предлогот за Климовски беше одбиен, продолжи дискусијата за кандидатурата на Јовески за уставен судија. И тука, сите критики стигнаа од опозицијата, и поради квалитетот на кандидатот, и поради тоа што никој од предлагачите не го бранеше предлогот пред Комисијата. Од ВМРО ДПМНЕ побараа да се гласа против актуелниот јавен обвинител поради постапувањето за повеќе случаи, од оние преземени од СЈО, прислушкувањето во обвинителството, па се до истрагите за тетовската модуларна болница.

Пратеничката Ане Лашкоска, исто така од ВМРО ДПМНЕ, во кандидатурата на Јовески гледа продолжување на владеењето на поранешниот премиер Зоран Заев, во чие време беше поставен јавниот обвинител.

„Кандидатурата на шефот на јавното обвинителство Љубомир Јовевски е уште еден доказ за трас- трас судството на Заев. Јовески беше и е главен политички егзекутор кој Заев го прави уставен судија. Еве ова е првиот чекор , првиот филтер, собраниското мнозинство кое не собира храброст да се јави за збор и да каже за својот кандидат макар еден убав збор, којшто најверојатно го нема никој во државава, ќе го гласа на собраниска седница“, истакна Лашкоска од собраниската говорница.

Расправата за тоа дали Јовески треба да биде уставен судија ќе продолжи утре во 10 часот.

Видете и ова: Професори, обвинители и советничка- кои се предложените нови уставни судии?

До сега во собраниската комисија беа усвоени само предлозите на власта и тоа кандидатите Татјана Васиќ Бозаџиева, која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство и на граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје, Фатмир Скендер.

Останатите предлози во петокот не го минаа комисискиот филтер. Се работи за Тодор Витларов, вработен во Вишото јавно обвинителство во Штип, судијата во пензија Бранко Секуловски, Воислав Димовски, доскорешен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид и судијката од Управниот суд, Весна Јовановска. Досега е одбиена и кандидатурата на универзитетската професорка Родна Живковска, која исто така беше предложена од опозицијата.

Во моментов судот работи со само пет од девет судии, бидејќи на четворица им истече мандатот. Така кон крајот на мај лани истекоа мандатите на тројца судии – Сали Мурати, Елена Гошева и Никола Ивановски, а годинава во јануари и на судијата Јован Јосифовски.

Собраниската Комисија на 13 мај ја почна процедурата за избор на новите уставни судии, откако конечно беа надминати проблемите во нејзиното работење. Имено, проблемите со изборот на судии се усложнија по промената на владејачкиот состав на пратеници со локалните избори и реконструкцијата на Владата кога настана и „дупка “ во оваа комисија која претходно имаше мнозинство од 7 пратеници. Така, комисијата остана без претседател откако претходниот претседател Костадин Костадинов на локалните избори доби градоначалнички мандат, а пратениците на БЕСА кои имаат еден член во Комисијата го напуштија владејачкото мнозинство и преминаа во опозиција.

Владејачкото мнозинство во меѓувреме го одби и предлогот на опозицијата, предложените уставни судии сами да се претстават на Комисијата за избори и именувања.

Видете и ова: Зошто власта, а ни опозицијата не предлагаат нови уставни судии

Во меѓувреме претседателката на Уставен, Добрила Кацарска во повеќе наврати алармираше дека состојбата во Уставниот суд е сериозна, а граѓаните трпат штети, бидејќи нивни иницијативи и предмети се одложуваат.

„Доколку до декември не се изберат нови уставни судии, тогаш судот дефинитивно ќе се блокира и ќе треба да излеземе и да кажеме дека влегуваме во уставна криза, затоа што Судот со четворица судии нема да може да работи и одлучува“ изјави Кацарска уште во мај, по средбата со нависокиот државен врв каде го образложи проблемот.

Уставниот суд на Македонија е орган што ја штити уставноста и законитоста во Македонија односно го брани уставот како највисок правен акт на една држава. Составен е од девет судии избрани од Собранието на Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд е пропишано да избираат од редот на истакнати правници. Нивните кандидатури мора прво да го минат комискиот филтер, па потоа да се стават на гласање во Собранието, на пленарна седница.