Од првите денови на руската инвазија врз Украина, црноморските пристаништа во земјата стојат без работа, блокирани од руски мини и бродови.
„Сите украински пристаништа се неактивни од вториот или третиот ден од војната“, вели Андриј Ставницер, косопственик на товарното пристаниште ТИС во Јужне, во близина на Одеса.
„Има околу 80 бродови блокирани во украинските пристаништа. Некои од нив се празни. Некои имаат товар. Нивните екипажи се распрснаа низ светот. Тие се во суштина бродови духови кои не можат да ја напуштат Украина. Пристаништето во Јужне, најголемото украинско трговско пристаниште на Црното Море, не е исклучок“, изјави Ставницер за Current Time, канал на руски јазик предводен од РСЕ во соработка со Гласот на Америка.
Видете и ова: Украинскиот извоз на жито е прeполовен39 годишниот Ставницер е еден од 100-те најбогати луѓе во Украина, според магазинот Форбс, и ко-основач и косопственик на TransInvestService (TIS), кој управува со пет карго терминали во Јужне.
„Тоа е огромно парче инфраструктура. Сега е апсолутно тивко. Само галеби и гаврани. Пет илјади работници седат дома и се надеваат на нешто подобро“, рече тој. Затворањето на Црното Море за украинските бродови е тежок удар врз економијата на земјата, вели Ставницер, истакнувајќи дека во мирнодопски услови Украина годишно извезува околу 60 милиони тони жито и е на второ место по Соединетите држави.
30-те милиони тони жито што моментално се складирани во Украина би вределе околу 15 милијарди долари доколку земјата може да ги однесе на пазарот.
„Ова е колосален удар врз украинската економија и украинските земјоделци“, оценува Ставницер. Благодарение на добриот род во минатата година, украинските земјоделци и годинава почнаа да сеат, и покрај војната.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Тоа се храбри луѓе кои сеат секој ден под бомбардирање. Со многу од нив се дружам и ми испраќаат фотографии од ракети, шрапнели, неексплодирани убојни средства и кратери на полињата што ги работат“, вели Ставницер, наведувајќи дека е „реално“ да постои надеж оти превозот може да биде обновен, дури и ако војната продолжи.
Видете и ова: Украина ја обвинува Русија дека краде жито„Постојат преседани каде товарните бродови се придружувани од воени бродови. Тоа се случи во Сомалија. Ако, на пример, турски воени бродови би ги придружувале нашите бродови, Украина би можела да продолжи со извозот и да го храни светот. Ова може да се организира преку Обединетите нации. Еден вид хуманитарен коридор за да се пропуштаат бродовите“, вели Ставницер. Тој прецизира дека тоа ќе и овозможи на Украина да извезе 30 милиони тони жито.
Според него, ситуацијата е итна, бидејќи украинските капацитети не се дизајнирани за долгорочно складирање на жито.
Европската комисија на 12 мај ја претстави стратегијата за деблокирање на границите со Украина и зајакнување на капацитетот на патните и железничките патишта за извоз на жито, но тесните грла како што се различните железнички пруги претставуваат значителна пречка.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Според една проценка што ја објави Гардијан, само 20 насто од извозот што Украина вообичаено го испраќа преку пристаништата на Црното Море со бродови може да биде транспортиран со железница до пристаништата на Балтикот.
Русија продолжува да извезува стоки, вклучително и жито и нафта, од пристаништата на Црното Море преку Босфорот, вели Ставницер кој сега не бил во Украина.
Тој вели дека своето време го поминува организирајќи хуманитарна помош за неговата земја, често придружувајќи ги пратките до нивните дестинации во Украина.
„Испраќаме стотици и илјадници тони хуманитарни пратки од целиот свет во Украина. За жал, Обединетите нации, УНИЦЕФ, Светската програма за храна и УСАИД се бавни и не ја вршат својата работа“, рече тој.