Скопјанка во ист ден добила различен резултат на ПЦР тестовите за КОВИД-19 во две различни лаборатории, еден позитивен, друг негативен. Нејзина сограѓанка се соочила со ист проблем, па затоа морала да се тестира во две лаборатории, откако и покрај симптомите добила негативен тест. Ова се само мал дел од поплаките во најголемата Фејсбук група за споделување искуства за Ковид во земјава.
„За жал само лоши искуства. И ние прво правевме брз тест кој излезе позитивен. Па потоа ПЦР земен од врвот на носот негативен. За по трет направен и тој да излезе позитивен. И притоа да нагласам со сите симптоми на КОВИД. За жал се е тоа само да се собира пари по народот. А да се ослониш на негативниот тест, ќе се шеташ и ќе се шириш зараза. Страшно е веќе не се знае ни на која лабораторија може да веруваш и притоа не значи ако платиш повеќе дека ќе добиеш и точен резултат“, стои во еден од коментарите.
Видете и ова: Расте бројот на хоспитализирани и на реинфекцииПроблемот со сомнежот во точноста на резултатите од тестирањата стои од почетокот на пандемијата. Ваквите тврдења ги подгреваат и резултатите од лабораториите кои на дневно ниво ги објавува Институтот за јавно здравје. Во земјава има триесетина овластени лаборатории кои имаат дозвола да прават вакви тестирања. Ако на пример се видат резултатите од минатата недела, од 3-9 јануари, периодот кога почна и новиот бран со зголемен број позитивни тестови, може да се забележи дека неколку лаборатории редовно излегуваат со бројки неколкупати пониски од просекот. Од лабораториите кои досега направиле барем 10 000 тестови, а според ниската позитивност на изработените тестови се издвојуваат неколку, како лабораторијата Лаор, каде просекот на позитивни тестови за изминатава недела изнесувал околу 0,5% иако, зависно од денот, се работеле и над 900 тестови на ден. Под 2% позитивни тестови извадила и лабораторијата ВФВ Медикал, а под 4% Ели Медика. Лабораторијата Ели Медика деновиве се споменуваше во медиумите и поради издавање тестови во казино во Дојран, за што случај отвори и Државниот здравствен и санитарен испекторат.
Во истовреме, останатите лаборатории пријавуваат двоцифрени бројки на позитивни случаи во екот на новиот бран, кои се движат во просек од околу 17% во Никоб, над 20% во Синлаб, Систина, Жан Митрев и Институтот за вирусологија, над 30% во Авицена, Биотек, Плодност, но и над 50% во Институтот за микробиологија.
Според Горан Кунгуловски, главниот директор на Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во „Жан Митрев“, ПЦР методите се најсензитивни и најспецифични за детекција на SARS-CoV-2 и теоретски може да детектираат и само една вирусна честичка во самиот брис. Добар ПЦР тест, појаснува тој, детектира 10-200 вирусни честички, додека за разлика од нив антигенските може да дадат позитивен резултат само доколку има минимум 10 000-100 000 вирусни честички во примерокот. Сепак, забележува тој, во сличен епидемиолошки контекст со голем раст заразени поради омикрон, се очекува сите ПЦР валидирани лаборатории да ги детектираат пациентите со висок, среден и низок број на вирусни честички во примерокот, а некои од лабораториите и тие примероци со ултранизок број на вирусни честички.
„И поради тоа може да се очекува некоја мала нескладност помеѓу лабораториите во зависност од типот на лабораторија (дали се наоѓа во болница или надвор од болница), типот на тест (производител) и градот во којшто се тестира, но не се очекува таа нескладност да биде голема. Ако ја земеме како старт референтната лабораторија во ИЈЗ-Вирусологија, би се очекувало сите останати лаборатории да гравитираат околку таа бројка, со максимална разлика во бројката на позитивни од 1-2 пати, но не и 10 до 50 пати. Ова се основи во биостатистика и веројатност. Дури и ако изминатава недела тестирате произволни луѓе на улица, стапката на позитивитет ќе биде меѓу 3-5%“, забележува Кунгуловски.
Видете и ова: Реално нереална слика за бројот заразени од КовидСпоред Кунгуловски, за да се надмине оваа состојба покрај проверката на реагенсите и машините, треба да се поработи и на подобро организирање на работата на самите лаборатории.
„Да се утврди според бројот на персонал и сменско работење на лабораторијата и нејзината опрема колкав е нејзиниот максимален дневен капацитет за издавање на резултати. Бидејќи може да се појават тесни грла во персоналот којшто зема примероци, персоналот и опремата во коишто се припремаат примероците и се вршат екстракции во лабораториите со висока биолошка сигурност, во персоналот којшто спрема мастер миксови за PCR реакција, персоналот и опремата коишто ја изведуваат PCR реакцијата и внесувањето и примопредавањето на резултатити. Сите овие аспекти бараат огромен фокус и стручно знаење“, забележува тој.
Нема совршени тестови но нешто е чудно
И микробилогот Никола Пановски е затекнат од овие состојби. За него е неверојатно како одредена лабораторија во ек на пандемија може да пријави само 0,2% позитивни тестови дневно, иако изработила стотици тестови дента. Оваа бројка, според него, е под нивото на статистичка грешка.
„Неверојатно е тоа. Тоа е да нема пандемија, па не може 0,2 да биде. И најдобриот тест барем 1% ќе бидат лажно позитивни. Тие лаборатории што даваат невообичаено ниска позитивност, очигледно не ги работат тестовите или имаат тежок проблем. И ако тоа го знае ИЈЗ и не реагира, тука е завршена приказната. Треба веднаш да се реагира на тоа“, дециден е Пановски.
Тој ,исто така, додава дека неочекувано е во бран со омикрон, додека државите како Словенија и Хрватска појавуваат 30%-40% позитивни тестови, кај нас таа бројка се уште да се движи околу 15%.
Од Министерството за здравство пак на прашањето на Радио Слободна Европа за тоа како се контролира квалитетот на тестовите во лабораториите и каде може да реагираат граѓаните ако имаат проблеми кусо одговараат дека за нив е важен позитивниот тест.
„Секогаш кога има различни резултати од тестови, се зема предвид позитивниот тест и согласно епидемиолошката анкета и анамнеза, лицето добива решение за изолација одреден број денови. Нашата земја ги следи и применува препораките на СЗО. Во дневната статистика на новодијагностицирани пациенти, како позитивни се евидентираат исклучиво лицата кои се тестирани во една од лиценцираните лаборатории кај нас. Секој позитивен резултат, ИЈЗ го идентификува како новодијагностициран пациент“, стои во одговорот.
За матичните доктори пак точноста на тестот е од особена важност. Како што објаснува Ирена Вељковиќ, специјалист по семејна медицина во амбуланта во Арачиново, кога пациентот има позитивен ПЦР тест многу е полесно понатамошното упатување на пациентот.
Видете и ова: Државата со амбициозни планови за пост ковид економско закрепнување, но какви се капацитетите?„За да може правилно да постапиме во до-дијагностика и понатаму во следење на пациентот и одредување правилна терапија, потребно ни е точен тест. Кога имаме докажан пациент со ПЦР за Ковид 19, ние имаме право како матични пациенти со ковид упат да направиме одредени лабораториски испитувања кои кај другите типови, грип, инфлуенца на пример, не можеме да ги направиме, како што се д-димери, ЛДХ... Од финансиски аспект е големо олеснување на пациентот. Кога ние се сомневаме дека е Ковид , а не е докажан, тие анализи треба да ги прави приватно“, вели Вељковиќ.
Деновиве во амбулантата во која работи вели дека е релативни мирно, за разлика од она што и го кажуваат нејзините колеги кои работат низ Скопје. Пик имало околу Нова Година, но раст на пациенти очекува пак, со бранот на омикром. Сепак е загрижена дека новата варијанта на вирусот потешко ќе се покажува на тестовите, пред се на антигенските.
„Имаме препокривање на пациенти со инфлуенца и со ковид, кога не можеме да ги тестираме, не можеме да докажеме за што се работи. Верувам дека ни следи еден малку потежок бран во однос на диференцирање на дијагнозите“, вели Вељковиќ.
Во моментот има два типа дијагностички тестови, молекуларните ПЦР и антигенските тестови. Примероците за овие тестови обично се собираат со брис од нос или грло, или со плунка. Во моментов, тестовите за КОВИД-19 го откриваат само вирусот САРС-КОВ-2, но нема можност да покажат која варијација ја има пациентот, како делта или омикрон. Општо земено, за дијагностички тестови, негативен резултат значи дека тестот не го открил вирусот САРС-КОВ-2, а позитивен резултат значи дека тестот го открил овој вирус и голема е веројатноста за развивање на болеста КОВИД-19.
Сепак, како што посочуваат и самите производители, ниту еден тест не е совршен и секогаш постои шанса да се добие лажен резултат. Поради ова, препораката е дури и при негативен резултат, да се продолжи со превентивните мерки, како што се држење дистанца, миење раце и носење маски.
Како што соопшти Светската здравствена организација, во моментов Европа е епицентар со алармантно високи бројки на новозаразени што придонесува да се зголеми бројката на хоспитализации и смртни случаи. Оттаму посочија дека ако продолжи ова темпо на ширење на заразата, се очекува повеќе од половина жители на Европа да се заразат со омикрон сојот на коронавирусот во следниве два месеца.