Клучни денови за олеснување на рестриктивните мерки

Герила акција за држење растојание поради корона

Владата најавува олеснување на мерките за коронавирусот во почетокот на мај, период кој речиси временски се совпаѓа со очекуваниот пик, кон крајот на април. И додека власта веќе прави планови, од Центарот за јавно здравје велат дека бројките од оваа недела ќе бидат клучни за тоа како да се постапи.

За десетина дена, според најавата од премиерот Оливер Спасовски во земјава ќе почне намалување на мерките што се преземаа за спречување на ширењето на коронавирусот. Тоа некаде треба да се случи веднаш во почетокот на мај, односно околу втори мај.

Прогнозите на министерот за здравство Венко Филипче, пак, остануваат дека во земјава се уште не е дојдено до пикот на заразени, а дека тој се очекува кон крајот на април, што временски би се совпаѓало со олеснувањето на мерките.

Видете и ова: 24 излекувани, 1 починат и 7 новозаразени во последните 24 часа

Директорот на Центарот за јавно здравје доктор Арбен Зибери, пак, спротивно од ваквите најави, вели дека се уште е рано за најава за намалување на мерките. Тој вели дека намалениот број потврдени случаи на коронавирус во последниве денови, в понеделникот 18 луѓе, a во вторникот седум, се должи на помалку тестови што се направени за празникот и не е реална слика.

„Сметам дека е рано да зборуваме за олеснување на мерките и оваа недела е клучна реално да оцениме дали треба и кои мерки треба да се олеснат“, вели Зибери.

Вицепремиерот Бујар Османи, пак, веќе објави дека една од идеите дискутирани на централниот кризен штаб формиран за мерките против вирусот Ковид-19 е измена на времетрањето на полицискиот час од 19:00 до 05:00 часот, место како досега да почнува од 16 часот. Инаку првично полицискиот час почнуваше од 21:00 часот, па потоа го зголеми и одлучи да почнува од 16 часот.

Олеснувањето на мерките и во ЕУ

Инаку, пред најавата во Македонија, дел земји од Европската унија веќе почнаа со олеснување на мерките. На пример во Германија од неделава се отворени продавниците со површина до 800 квадратни мерки, автосалоните, продавниците за велосипеди, книжарниците, а за во иднина се најавени и други олеснувања. Чешката влада, пак, излезе со детален план со датуми кога што ќе се отвори, слично е и во Шпанија, една од најпогодените земји од коронавирусот.

Видете и ова: Директорот на СЗО: Најлошото допрва претстои од пандемијата на коронавирусот


И во земјава, според најавите, ќе се оди со постепено укинување на мерките, а Куманово, Тетово и Прилеп, местата каде што веќе е задолжително да се носат маски на јавен простор, се сметаат за некаков вид тест како би се одвивала работата на ниво на цела држава. И додека Европа кова план за постепено олеснување на мерките, а дел веќе и ги презема, од Светската здравствена организација предупредија дека најлошото допрва претстои во пандемијата на новиот коронавирус. Генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус не прецизира зошто ситуацијата би можела да се влоши но рече дека многу луѓе уште не го разбираат овој вирус.

Економијата пред здравјето

Но, од друга страна на владите им тежнее и економската ситуација. Стотици илјади луѓе секојдневно губат работа, а Меѓународниот монетарен фонд оцени дека глобалната економија се очекува да се намали за три отсто годинава како резултат на колапсот после пандемија со коронавирусот, со што ќе се забележи најостр пад од Големата депресија од 1930-тите.

Економистот од Универзитетот за туризам и менаџмент Зоран Ивановски вели дека е јасно дека економијата е клучна за одлуките за намалување на здравствени мерки додавајќи дека, според него тоа и треба да биде така.

„Нема дилеми дека секоја мала можност за олабавување на здравствените мерки треба да се искористи за да се амортизира влијанието на коронавирусот врз економијата. Впрочем загубите кои се огромни во одделни сектори, а ја погаѓаат и глобално економијата бараат интервенција и што е можно побрзо активирање на економијата во светот“, вели Ивановски.

Во меѓувреме, во Македонија се уште се зборува за постепено отворање на рестораните и кафулињата некаде од средината на идниот месец. Засега не се зборува за отворање и на училиштата, нешто што веќе го најавија некои европски земји како Данска и Швајцарија, но наидуваат на отпор кај дел родителите, кои сметаат дека не е време нивните деца да тргнат на училиште.