Окупација, ослободување и сега поплавата: Повторно прекинат животот во Херсон

Чад над поплавената река Днепар може да се види од височината во паркот над Херсон.

Густ облак од чад што се протега низ хоризонтот зад преполниот Днепар и нивото на водата што го поплавува брегот на реката. Овие две работи сериозно го привлекоа вниманието на жителите на овој јужен украински град. Тие до сега имаа доволно среќа да ги остават своите домови непроменети додека околу нив се разви хуманитарна и еколошка криза по уништувањето на огромната брана .

За Карина Кубленка, тоа беше кошмар кој ја потсети на нејзиното детство. Таа на 7 јуни со нејзиниот сопруг Олех се искачила на ридот во паркот „Глори“ за да го види драстично променетиот поглед кон Днепар.

„Претходно на училиште нè учеа што да правиме во случај на пробивање на браната Нова Каховка. Иако тоа требаше да биде предизвикано од можен земјотрес, а не од руски терористички акт“, изјави таа.

Кубленка го повтори искажаниот став на украинскиот претседател Володимир Зеленски и милиони Украинци кои велат дека Русија намерно ја уништила браната како дел од нејзината војна против нивната земја.

Карина и Олех Кубленка го донесоа својот син Микита да погледне во реката што ја поплавува областа која се протега километри далеку од Херсон.

Карина и Олех, кои се на 30 годишна возраст, поседуваат кафуле во Херсон. Тие го донесоа својот едногодишен син Микита, кое е дете родено за време на руска окупација, да ја погледне реката што ја поплавува областа која се протега километри оддалечена од градот, што Украина си го врати при повлекувањето на руските сили за време на контраофанзивата минатата есен.

Само 24 часа претходно, тие ги пакуваа своите лични работи, плашејќи се дека ќе мора да го напуштат својот дом и бизнис.

„Но, водата не стигна до нашиот стан и ние нема да си одиме“, рече Олех.

Амир Сејтбеков и Љуба Лавриненко, друга двојка што седеше покрај брегот на реката, ја гледаа водата додека се креваше и ги покриваше голем дел од огромните скали кои се протегаа од брегот до споменикот на Вечниот пламен што го одбележува ослободувањето на Херсон од нацистичката окупација во Втората светска војна.

„Изгледа дека Русите се дават исто како нас, но и тие горат откако нашите момци ги удриле“, рече Сејтбеков, автомеханичар, покажувајќи кон столбот чад.

Амир Сеитбеков и Љуба Лавриненко седат на скалила што се протегаат од брегот до споменикот на Вечниот пламен.

Повеќе од еден ден по пробивањето на браната Нова Каховка, Днепар, најголемата река во Украина, што се влива во Црното Море, се претвори во огромен планински поток. Силниот звук предизвикан од изобилството вода што забрзано тече се помеша со она што стана познато како џагор во овој град на првата борбена линија, а тоа артилериските истрели.

Недалеку од паркот „Глори“, урнатините на Антоновски мост, кој беше разнесен додека руските трупи се повлекоа на источниот брег на Днепар во ноември, се чинеше дека потонаа подлабоко во реката додека нејзиното ниво расте.

Украинските војници мирно патролираа покрај улицата во близина на брегот на реката кој до неодамна беше под континуиран минофрлачки и снајперски оган од руските сили од другата страна.

Мостот Антоновски во периферијата на Херсон

„Тие ги преплавија сопствените позиции и ги оставија сопствените војници сами на себе“, изјави за украинскиот сервис на Радио Слободна Европа војник. Тој го прославуваше својот 34-ти роденден и беше расположен и покрај тековните поплави на градот.

„Русите стануваат очајни“, рече тој, додавајќи дека шпекулациите дека Русија ќе ја крене во воздух браната Нова Каховка постојат откако Русија ја презеде контролата над неа во првите денови од големата инвазија во февруари 2022 година.

Долгорочните последици од пробивањето на браната се непознати, како и причината за пробивањето. Но, само во наредните денови и недели се очекува тоа да има огромни хуманитарни и еколошки трошоци и може да влијае на текот на долгоочекуваната нова контраофанзива против руските сили кои држат делови од територијата во јужна и источна Украина.

На секои 15 минути спасувачки чамец поминува и спасува луѓе од полавените делови на Херсон

Големите поплави заробија илјадници луѓе во нивните домови при што загинаа многу луѓе. Украинските власти процениле дека околу 42 илјади луѓе во регионот Херсон се во опасност од поплавите.

Илјадници луѓе останаа без пристап до електрична енергија и чиста вода за пиење. Дополнително, Министерството за здравство предупреди за можна контаминација на водата во бунарите, реките и езерата во поплавеното подрачје.

Два дена по пробивањето на браната, нивото на водата сè уште расте, а се повеќе жители на Херсон, особено оние од најтешко погодениот кварт Корабел, кој се наоѓа на островот и насипот Днепар беа принудени да се евакуираат и да бараат засолниште.

Откако започна евакуацијата во Херсон, спасувачите донесоа групи луѓе кои останаа во своите домови, залудно надевајќи се дека надојдените води нема да стигнат до нив. Не можејќи да го спасат својот имот, тие доаѓаа само со документи во голи раце и исплашени, натопени кучиња и мачки.

Спасувачки тим евакуира мачки од поплавениот дел на Керсон.

Еден од нив, Микола Блонски, стоеше неколку метри подалеку од поплавениот дел на Херсон со кученце во рацете и кутија полна со жолти пилиња што црцорат. Неполн час претходно, тој и неговата сопруга Неонила го напуштиле својот нов дом на островот Великиј Потомкин, каде што се преселиле поради војната. Неонила држеше во рацете стара библија, единственото нешто што го зеде од куќата.

„Се надевавме дека водата нема да стигне до нас, но на крајот се качивме на покривот и чекавме да дојде брод за спасување“, рече Блонски. Постарата двојка сакала да се „скрие подалеку од војната“ во нивната затскриена летна куќа, вели Неонила, но сега нивниот „азил е под вода“.

Друг преживеан, 66 годишен Володимир Барсак изјави дека се разбудил пред неколку часа и сфатил дека првиот кат од неговата зграда е под вода. Барсак, поранешен пожарникар, го напуштил својот стан на третиот кат низ прозорецот, облечен само во куси пантолони и клучеви од станот.

Володимир Барсак го напуштил својот стан откако првиот кат од зградата бил поплавен.

„Сè уште не знам што ќе правам“, рече тој откако разговараше со семејството на мобилен телефон. Тој не го напуштил својот дом за време на осмиот месец руска окупација, која ја нарече „најлошиот период од мојот живот“, но сега од него го избркаа надојдените води.

„Она што се случува сега не е ни евакуација; тоа е спасувачка мисија за оние кои не се евакуираа кога сè уште беше можно“, изјави за РСЕ Евхен Ихорович (29), ИТ специјалист кој стана волонтер кој работи во Керсон.

Во окупираниот дел од регионот Херсон, властите инсталирани од Русија воведоа вонредна состојба на 7 јуни, објави руската државна новинска агенција ТАСС. Во исто време, тие рекоа дека не се планирани „големи“ евакуации, иако Украина вели дека тие се неопходни, а претседателот Зеленски ја опишува ситуацијата таму како „апсолутно катастрофална“.

Според Јевхен Ришчук, раселениот градоначалник на Олешки, град под руска контрола на источниот брег на Днепар, најмалку три лица загинале поради поплавите. Со раст на бројот на извештаи за поплавени домови, штети и евакуации, Керсон е подложен на уште една искушение.

„Но, ова не е ништо споредено со угнетувачката атмосфера на руската окупација“, рече Барсак.