Вести од ЕУ, нуклеарките на Путин, бродовите на Трамп...

МАКЕДОНИЈА - Во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот Таргет-Тврдина на СЈО со сослушување на сведокот Сашо Трајковски, вработен во УБК. Трајковски истакна дека во УБК се прислушувало незаконски и дека само еднаш видел судски налог. Според него и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски имале компјутери кои биле поврзани со еден од системите за прислушување Најс.

ГЕРМАНИЈА / ЛУКСЕМБУРГ / МАКЕДОНИЈА - Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот по пристигнувањето на Советот на министри на ЕУ во Луксембург истакна дека на Бундестагот му е потребно време да го разгледа извештајот на Европската комисија и да даде зелено светло. Тој рече оти се надева на позитивен одговор за датум за преговори за Северна Македонија.

ЛУКСЕМБУРГ - Септември, октомври или без точен термин за одлучување за датумот за почеток на преговорите со ЕУ, беа трите опции кои кружеа како можни во европските кругови во пресрет на состанокот во Луксембург.

ГЕРМАНИЈА / УКРАИНА / РУСИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека западните санкции против Русија нема да бидат укинати, доколку суверенитетот на Украина не биде вратен. Меркел по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека тие разговарале за мировниот договор во Минск.

РУСИЈА - Руските пратеници гласаа за поддршка на декретот на претседателот Владимир Путин за суспендирање на учеството на земјата во договорот за нуклеарните сили на среден дострел (ИНФ) од 1987 година. Руската Дума со големо мнозинство од 417 пратеници го поддржа декретот, а само еден беше воздржан

КАЗАХСТАН - Казахстанскиот министер за внатрешни работи Ерлан Тургимбаерв изјави дека бројката на демонстранти уапсени за време на петдневните протести против резултатите од претседателските избори се искачила на речиси 4000 лица. 

САД - Пентагон објави нови снимки за зајакнување на обвинувањата дека Иран бил одговорен за нападите врз два такера за нафта во минатата недела во Ормускиот залив. Во истовреме, Пентагон соопшти дека ќе испрати дополнителни илјада војници на Блискиот Исток поради најновиот инцидент со танкерите. Притоа се наведува дека трупите ќе имаат одбранбена цел.