Сателитски снимки покажуваат дека конвој оклопни возила и артилерија што се протега на повеќе од 65 километри се наоѓа на неколку километри од главниот град Киев. Украинските вооружени сили во тоа гледаат обид руските сили да го опколат и да ја преземат контролата над најголемиот град во земјата.
Развојот на настаните дојде откако не се постигна напредок во разговорите за прекин на огнот меѓу украинските и руските претставници на 28 февруари, иако и двете стани се согласија да се продолжат преговорите.
Најмалку 70 украински војници загинале кога руски војници гранатирале воена база во градот Охтирка, кој се наоѓа меѓу Харков и Киев, соопшти денеска шефот на регионот Суми, Дмитро Живицки.
Во денешниот напад на Харков повредени се 20 луѓе, соопштуваат од тамошната Брза помош, пренесува Би-Би-Си. Претходно Министерството за внатрешни работи на Украина наведе дека десетина цивили загинале откако Харков, вториот по големина град во земјата, е гранатиран на 28 февруари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Градоначалникот на Херсон, Ихор Колихаев на Фејсбук напиша дека руската војска поставува контролни пунктови на влезовите во градот.
„Херсон бил и ќе остане украински“, напиша Колихаев.
Херсон се наоѓа северозападно од Кримскиот Полуостров, кој беше илегално анектиран од Русија во 2014 година.
Шефот на регионот Доњецк, Павло Кириленко, денеска на Фејсбук напиша дека Мариупол остана без струја по нападите на руските сили. Според него, овој град сè уште го држат украинските сили.
Шефот на сепаратистите во источниот регион, Денис Пушилин, рече дека целта е до крајот на денот да се опколи стратешки важниот град кој се наоѓа на Азовското Море.
Зеленски - Ударот на Харков е воено злосторство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во видео обраќање пред Европскиот парламент нападот го Харков го нарече воено злосторство. Тој вели дека одбраната на главниот град од руската војска е главен приоритет.
„Ударот на Харков е воено злосторство. Ова е државен тероризам од страна на Русија“, рече Зеленски.
Руското бомбардирање на цивилни цели во Харков ги крши меѓународните правила на војување, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел.
„ЕУ непоколебливо стои на страната на Украина во овие драматични моменти“, рече Борел по разговорот со украинскиот министер за надворешни работи.
Харков стана едно од главните боишта откако Русија започна воена инвазија на Украина на 24 февруари.
УНХЦР- Над 660 илјади бегалци ја напуштиле Украина
Агенцијата на Обединетите нации за беглаци УНХЦР објави дека досега преку 660 илјади бегалци од Украина стигнале во други земји, од почетокот на инвазијата. Ден претходно имаше околу 500 илјади беглаци.
„Со оваа брзина ситуацијата ќе стане најголемата бегалска криза во Европа во овој век“, изјави портпаролката на Високиот комесаријат на ОН, Шабија Манту.
УНХЦР апелираше владите да дозволат пристап до сите оние кои бегаат, вклучително и на државјани од трети земји.
На состанокот на Советот за човекови права на ОН во Женева дипломати го бојкотирал говорот на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. Тој пред полупразната сала во video изјавата рекол дека Киев се обидува да набави нуклеарно оружје. Според него тоа е опасност која треба да се спречи.
Во меѓувреме продолжува меѓународниот бојкот на рускиот спорт, култура и забава. А Гугл Европа соопшти дека ги блокира каналите на Јутуб поврзани со руските прокремљовски медиуми РТ (Раша тудеј) и Спутник за време на руската инвазија врз Украина.