Од „шумата“ кривични за дрвокрадците, процесирани само деланки

Илустративна фотографија - сеча на шуми.

Со мито, корупција и политичко влијание главно се овозможува нелегалната сеча на шумите во Македонија, покажуваат истражувањата на невладиниот сектор. Кривични и прекршочни пријави има, но мал е бројот на процесирани случаи. Обвинителите немаат соодветна едукација за еколошки криминал.

Слаба е ефикасноста на обвинителствата во процесирање на пријави поврзани со нелегалната сеча на шумите во Македонија – бизнис од кој дрвокрадците секоја година заработуваат десетици милиони евра, според последните истражувања.

Дека фактите за судското гонење на бесправната сеча се загрижувачки, укажува Центарот за европски стратегии „Евротинк“ во ново истражување спроведено со теренска анализа на четири градови: Струмица, Велес, Прилеп и Гевгелија.

Податоците покажуваат дека само во изминатите десет години Шумската полиција и Јавното претпријатие „Национални шуми“ поднеле вкупно 5.017 кривични пријави за нелегална сеча, но основните обвинителства во овие градови процесирале само 41 кривична пријава за период од 30 години.

Мариглен Демири, истражувач од „Евротинк“, објаснува дека нискиот број на процесирани кривични дела е поради тоа што најмногу од поднесените пријави се прекршочни, а не кривични. Бројката на прекршочни пријави за бесправна сеча во истиот период изнесува околу 50.000, нешто што според Демири е овозможено и поради недоречености во законите.

„Голем дел од кривичните пријави се против непознат сторител и според нашата кривична и судска практика, веројатно виновникот никогаш нема да биде пронајден и случаите ќе останат нерешени“, вели Демири.

Видете и ова: Милионски профити од нелегална сеча на шумите со амин на државата

Друг аспект на проблемот е транспарентноста на обвинителствата. Јавното обвинителство од Прилеп на барањата на „Евротинк“ одговорило дека не е надлежно и не располага со информации упатувајќи на надлежните судови, вели Демири.

Инаку, за алармантната состојба со неконтролираната сеча на шумите во Македонија укажуваат повеќе граѓански здруженија низ земјава. Според податоците дрвокрадците имаат заработка од околу 60 милиони евра на годишно ниво.

Недоволно едуцирани обвинители за еколошки криминал

Поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски вели дека еколошкиот криминал од неодамна е инкриминиран во правосудниот систем во земјава, додавајќи дека јавните обвинители се уште немаат изострени критериуми при одлучувањето дали било извршено кривично дело, кој е извршителот и како настанала штетата.

„Затоа се пролонгираат јавно-обвинителските одлуки, во барање на нови податоци. Обвинителите сакаат да обезбедат и лична сигурност поради немањето доволно пракса од која би можело да се учи. Затоа сметам дека е мал процентот на поднесени обвиненија за овој криминал“, вели Трпеновски.

Тој посочува дека темата за заштита на животната средина станува многу актуелна, а обвинителите ќе мораат да ги променат критериумите низ едукација, дополнително и поради трендот на менувањето на политиките во оваа насока.

Мито, корупција и политичко влијание

Истражувањата на граѓанските организации укажуваат на голема распространетост на кривични дела поврзани со бесправна сеча, особено и дека според нив голем број на дела не се пријавуваат.

Во истражувањата на „Евротинк“ се укажува на недостатоци во системот за контрола на сечата: неправилности од типот на дозволена сеча без соодветни дозволи, а за возврат на вработените во шумските претпријатија им се нуди финансиски надомест (мито). Се издаваат и празни бланко документи без реален износ на дозволена сеча, се вели во истражувањето.

„Евротинк“ наведува две форми на кривични дела поврзани со бесправна сеча во Македонија: мали кривични дела водени од сиромаштија кои вклучуваат сеча на огревно дрво за лична употреба и бесправна сеча што се спроведува од организирани криминални групи кои вклучуваат голем број поврзани кривични дела, како учество во злосторничко здружување, примање украден имот, кривични дела за остварување приходи, измама, мито, изнуда, злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување.

„Бесправната сеча честопати е проследена со обемна корупција во сите фази на стопанисување со шумите. Политичкото влијание и митото често се користат за да се овозможи сеча без соодветни дозволи или за да се добие пристап до шумите“, се вели во истражувањето на „Евротинк“.

Податоците на оваа организација од 2021 година покажуваат дека ЈП „Македонски шуми“ годишно сече до 600.000 метри кубни огревно дрво, а истовремено, домаќинствата и јавните установи трошат до 1,6 милиони метри кубни дрво. Разликата, од еден милион метри кубни, влегува во џебовите на дрвокрадците.