Само осум проценти од мерките за намалување на последиците од пандемијата кои ги спроведе Владата на Македонија се однесуваат за младите. Но, истовремено пандемијата најмногу влијаеше на младите, заклучија младинските организации во новото истражување претставено во документот „Млади во криза 0.2“ – Ефекти од пандемијата врз младите и препораки до институциите“.
„Владата во текот на пандемијата и во текот на кризата која се уште трае спроведе 99 мерки, од кои нас не интересираат оние кои што се конкретно наменети за младите односно онаму каде што се изрично наведени младите. Такви мерки беа осум, од кои седум се специфични, а осмата е продолжување на една мерка, која што е „Купувам домашно“, кои што беа анализирани врз основа на колкав опфат имаат и колкава е буџетската имплементација на истите. Од она што можевме да го видиме осум мерки се спефицични за младите, каде што изрично се наведуваат како таргет група. Тоа е околу осум проценти од вкупниот број на мерки кои што ги преземала Владата“, истакна Блажен Малевски, истражувач од Реактор на денешната презентација на документот „Млади во криза 0.2“ кој го изработија младински организации.
Според нивните анализи на владините мерки, најголемата мерка за младите била „Купувам домашно“, а останатите не биле целосно искористени. Тоа, како што вели Малевски, укажува на дека бирократскиот процес бил претежок или немале сите еднаков пристап.
„Владата немаше директен пристап до младите. Се фокусираше на студентите и средношколците, а генералната популација на млади не беше целосно опфатена особено оние кои изгубиле работна позиција, бидејќи ако имаме на ум дека мерката за финансиски средства за оние кои изгубиле работа поради кризата беше тесно врзана со стажот на младите односно на сите граѓани, моравте да исполнувате одредени критериуми кои што најчесто младите не ги исполнуваа и немаа пристап до таквата помош“, истакна Малевски.
Тој напомена дека Владата не се консултирала со младински организации и младински здруженија во креирање на овие политики, па и затоа мерките не се целисходни.
„На долг рок ваквата криза ќе има трајни последици врз младите, уште повеќе ќе го отежни пристапот до пазарот на трудот и до првото работно место и продолжување на своите кариерни цели. Така што би можеле да заклучиме од самиот пристап на владата дека, за жал, младите не беа дел од предвидувањето за штетните ефекти врз младите“, рече во заклучокот Малевски.
Анализата на Здружението за истражувања и анализа - ЗМАИ покажува дека платите на младите се намалиле за време на кризата. Падот на просечните месечни нето примања кај младите во јуни во однос на февруари е 2,6 проценти, додека на ниво на цела држава е 1,8 отсто. Бројот на млади кои имале примања под минималната плата пораснал од 27.149 во февруари на 31.755 во јуни, а нивното учество во целата популација на млади кои имале примања се зголемило од 32 проценти на 37 проценти. Стапките на пад на примања се најизразени кај младите и жените.
„Оваа разлика ја зголемува нееднаквоста меѓу нив и останатите групи, што значи дека мерките треба да бидат дизајнирани за нивна поддршка“, изјави Виктор Стојкоски од ЗМАИ.
Документот го изработиле 13 младински организации, во кој даваат и препораки. Генералната препорака е формирање на Координативно тело за младински прашања, со цел институциите да работат повеќе на нивната меѓусебна соработка за спроведување на мерките, како и обебездување и размена на информации.
„Кога испраќавме прашања според слободен пристап до информации, дојдовме до ситуација каде што голем број од институциите меѓусебно ја префрлаа одговорноста едни на други и увидовме дека не постои голема координираност на институциите во врска со тоа кој спроведува каква мерка која се однесува на бробата против негативните ефекти од КОВИД-19 кризата“, изјави Теодора Столевска од Младинскиот образовен форум.
Младинските организации препорачуваат да се олесни (ре)вработувањето на младите, но и да се поддржат преку поврат на персоналниот данок и ваучери за домашна потрошувачка на оние на кои им се најпотребни. За образованието да не биде прекинато за ниту едно дете треба да се обезбедат услови за пристап до наставата, особено за младите кои немаат дигитални уреди, кои не се во образовен систем и кои се од економски помалку моќни семејства. Образованието на далечина да стане достапно и за учениците со попреченост.
Видете и ова: Младите останаа надвор од владиниот економски корона чадорКризата и социјалната дистанца влијаат негативно на менталното здравје, за што стручните служби во училиштата мора да обезбедат активности за учениците, а државата да обезбеди сервисни линии за психолошка поддршка и линии за жртви на семејно насилство. Во однос на еднаквото образование за сите, воведување на сеопфатното сексуално образование во сите степени на образование е уште еден начин државата да докаже дека е грижлива за секој млад човек и сите млади имаат подеднакво пристап до информации кои се неопходни за нивното физички и менталено здравје. Законот за младинско учество и младински политики не треба да чека да заврши кризата, треба да се работи на неговата имплементација, заедно со младинските организации. Препорака има и до младите - волонтерството, младинската работа и активизам треба да опстојат.
Членки на иницијативата „Млади во криза“ се: Младински образовен форум, Реактор – Истражување во акција, Здружение за истражување и анализи (ЗМАИ), ХЕРА, Центар за интеркултурен дијалог, Сојузот на извидници, Младински сојуз – Крушево, Еквалис, Писхотерапика, ХОПС, Национален младински сојуз на Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и АРНО. Процесот на криерање на документот и анализите беше поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер преку Иницијативата за демократија на Западен Балкан.