Делчевскиот и пехчевскиот крај, кумановско, Старо Нагоричане, прилепско, скопско, кривопаланечко, светиниколско, охридско....вестите кои попладнево стигнуваат од земјава речиси и да не оставаат регион во кој нема активен пожар. Ситуацијата со пожарите, која почна од понеделникот со големиот пожар во Кочани кој се закануваше да го зафати и градот, не стивнува.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Состојбата се менува од минута во минута, а сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесоа за брзо ширење на постоечките пожари и појава на нови жаришта“, рече на попладневната прес конференција директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов кој поради променливата ситуација не можеше да прецизира колку вкупно пожари има во тој момент.
Тој изрази сочувство и до човекот кој вчера ја загуби сопругата во кумановски Челопек поради пожар.
Инаку, денеска најкритично, според информациите од надлежните е во делчевско- пехчевскиот крај. Таму се евакуирани селата Нов Истевник и Стар Истевник, а според попладневните информации, од маалата Балабанци и Куријачко Маало пожарот се доближи до селото Тработивиште.
Критично во делчевско
На терен се околу 200 лица, вклучително и противпожарни единици од регионот и Бугарија, армиски припадници и припадници на „Тигрите“ кои дојдоа напомош во гасењето на пожарот.
Видете и ова: Околу 200 луѓе од оган го бранат делчевското село Тработивиште„Ова е огромна стихија која ја гледаме само во научно- фантастичните филмови“, рече делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.
Огнената стихија се приближува и до селото Црник откако денеска околу пладне успеа да го „префрли“ појасот кај манастирот „Св.Петка“ во близина на патот Делчево-Пехчево.
„Пожарот потоа се приближи до месноста Ранол Дол и областа Шишорка кон селото Црник. Месното население веднаш се организираше во гаснењето на пожарот“, велат жители на селото.
Пожарот кај Охис изгаснат, еден пожарникар повреден
Во скопско се активираа 18 пожари од кои најкритични, како што информираше Ангелов, се во Кучково кон Горно Свиларе, меѓу Добри Дол и Ракотинци во Сопиште, како и во Горно Блаце.
Пожарот кај скопската фабрика Охис поради кој беше и затворен булеварот Борис Трајковски е целосно под контрола.
„Охис е обезбеден, пожарот е целосно под контрола и безмалку изгаснат, нема опасност за граѓаните ниту од експлозија, ниту од отровни гасови, ниту од ширење на пожарот“, напиша Ангелов на социјалната мрежа Твитер.
Видете и ова: Ангелов- пожарот кај Охис под контрола, нема опасност за граѓанитеЗаменик командирот на скопската пожарна Звонко Томески рече дека причината за избувнување на пожарот се уште не е позната, а дека во интервенцијата е повреден еден пожарникар вдишал чад и бил однесен со Брза помош во болница.
Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи на прес конференцијата кажа дека се дејствува по приоритети при што клучни се човечките животи и објектите, а нивите и нискостеблестите шуми се во втор план.
„Отсега определуваме приоритети. Очекуваме дополнително засилување на ветерот и отежнувачки околности во справувањето со пожарите, но не губиме надеж, остануваме на терен со сите расположливи сили. Можеме дополнително да обезбедиме уште 500 војници. Материјалните ресурси се максимално ангажирани“, истакна Стојановски.
Пожари во прилепско, кривопаланечко, кумановско, охридско....
Прилепскиот кризен штаб, пак, попладнево побара воздушна поддршка во текот на утрешниот ден за да се справи со двата големи шумски пожари во околината на градот. Таму едниот пожар е на потегот Ракле-Никодин и другиот, кој избувна ноќеска, во Смолани, каде во опасност е и борова шума. И двата се претежно во непристапен терен. Превентивно, попладнето се евакуирани двајца неподвижни жители од селото Ракле и полицијата ги префрли во Прилеп на безбедно. Цел ден со огнените стихии се справуваа 10-ина пожарникари, вработени во шумското претпријатие и 30 припадници на Армијата.
И во селото Киселица, кривопаланечко од попладнево е активен голем шумски пожар, зафатена е дабова шума, но има и ветер што дополнително го разгорува и проширува. Се јавува и за пожари во светиниколско, во селото Богословец каде се изгорени четири куќи и во селото Лешани во Дебарца, охридско.
Нови осум пожари се регистрирани во поширокиот кумановски регион односно во Зубовце, Сопот, Четирце, Зебрњак, Лојане, Орашац, Довезенце, Бељаковце. Зафатени се куќи и објекти во Сопот и Четирце, а испратени се 80 војници, а се очекува да бидат испратени дополнителн број.
Помош од Бугарија, Србија, Словенија, Австрија.....
Инаку како што информираа од Центарот за управување со кризи на терен покрај македонските човечки ресурси и капацитети дејствуваат три хеликоптери од Србија, а вкупно се четири на располагање, три за гасење и еден за извидување. Од Бугарија се дојдени 25 пожарникари со 11 возила, од Словенија 40 пожарникари со 16 возила и од Австрија се очекуваат 120 пожарникари со 40 возила. Австриската извидница е веќе кај Пехчево, Берово, Делчево, во пијанечкиот регион, каде бугарските служби дејствуваат. Се бара поддршка и со воздухоплови, но секаде има пожари.
Од денеска владата прогласи кризна состојба поради пожарите во траење од 30 дена што ќе овозможи поголемо ангажирање на армијата, другите надлежни институции и општините. Од вечерва пак Главниот штаб за управување со кризи ја презема целосната координација во борбата против пожарите и донесе Акциски план за превенција и справување со пожарите.