Надлежните институции бараат алтернативни начини за едукација на учениците со оглед на ситуацијата со коронавирусот, а веднаш по прогласувањето на оваа состојба најдени се некои начини овој период учениците да го користат за преку апликации да учат од дома, изјави на денешната прес-конференција, министерот за образование Арбер Адеми.
„На МТВ има веќе програма под наслов “ТВ Училници” . Учениците од училиштата организираат лекции и се вклучени во овој неформален образовен процес. За децата од предшколска возраст има едукативни емисии согласно нивната возраст. Ова ќе трае до стабилизирање на состојбата“, рече министерот.
Тој го посочи и примерот на Општина Карпош која започна со проект за дигитална платформа за комуникација помеѓу ученици и професори.
„Ги охрабрувам и другите училишта да го направат истото. Сепак ова е неформален начин на едукција. Очекувам и другите да се вклучат во овој начин на онлајн едукација. На некои универзитети веќе има онлајн настава со цел студентите да го совладаат материјалот. Треба да бидеме совесни и одговорни и да избереме најдобар начин за едукација за нашите деца и млади“, порача министерот Адеми.