За министерката за образование Мила Царовска критиките и реакциите во јавноста за новата концепција за основно образование се комплимент, бидејќи како што вели, нормално е да има реакции кога некој работи и воведува суштински промени. Во интервју за РСЕ кое ќе го емитуваме во недела, Царовска уверува дека новиот концепт на учење ќе биде успешен и ќе продуцира квалитетни ученици. И покрај обвинувањата од стручната фела и од Синдикатот за образование, наука и култура дека не биле конултирани при правењето на реформите, Царовска вели дека сите забелешки биле земени предвид.
„Ова не е прв процес како министерка што го водам, а има реформски зафат позади себе, сум истерала многу процеси и сите тие биле успешни. Затоа и овој ќе биде успешен. Сите засегнати страни беа вклучени, унивезитетски професори, општествените дејности во МАНУ, наставници, синдикатот, директори, родители, ученици, здруженија на граѓани, сите оние кои можеа да дадат придонес, дадоа и голем дел од забелешките се прифатени, сите оние забелешки кои беа конструктивни се вградени во концепцијата и после тоа немаше веќе забелешки“, вели Царовска во интервјуто.
Но, забелешки сѐ уште има. Од СОНК велат дека најголемиот дел од нивните забелешки не биле прифатени и тврдат дека за концепцијата не биле консултирани, туку само им била презентирана откако е донесена.
"Нашиот став кој го баравме беше да има избор на неколку 10-тина училишата, да се пилотира со нив, потоа да се обезбедат просторни услови кои ќе ги задоволат капцитетите на работење на училиштата бидејќи се продолжува работно време во училиштата за најмалку по еден час. Се поставува прашање за руралните училишта кои немаат капацитет, за деца кои патуваат од едно населено место во друго, за опрема и затоа баравме да има пилотирање во 10-тина разни училишта, од градски, приградски и рурални училишта за да се види како тоа би функционирало", потсетува Неделков.
Видете и ова: Реформите во основно образование избрзани и неподготвениСепак, од први септември сите основци од прво и четврто одделение во сите училишта низ земјава ќе учат според новата концепција за основно образование.
Консултирани не биле ниту од Природно-математичкиот факултет иако една од промените се однесува на спојување на предметите биологија, физика и хемија во еден предмет природни науки.
„Официјално, никој од ПМФ зборувам за кадрите кои се занимаваат со методика на хемија, физика и останатите предмети кои се застапени во основното образование, не бил дел од оној состав на работната група кој и министерството го објави. Таму главно беа луѓе од Бирото за развој на образование, од Педагошки факултет, од психологија, но не и од ПМФ. Од министерката ни беше кажано дека професори од разни факултети ќе бидат вклучени во наредната фаза кога ќе се израборуваат наставните програми“, вели деканот на ПМФ, професор Александар Скепаровски.
Една од новините во новата концепција е спојување на неколку предмети во еден, и воведување на заедничко работење на повеќе наставници во делот на планирање на наставни содржини. Скепаровски вели дека поголемиот дел од професорите на ПМФ се залагале да нема спојување на предметите во еден предмет, пред се поради проблемите кои би можеле да се појават при реализацијата.
„Во принцип се залагаа луѓето за тоа да не се изврзи спојувањето пред се заради технички проблеми кои ги согледуваат и сметаат дека ќе се појават во фазата на реализација.Имаше и забелешки околу брзината дека не може толку брзо да се одговори на тие потреби, дека е тоа премалку време, дека треба да се почне со пилот проекти кои ќе дадат резултати кои подоцна ќе бидат реализирани. Но, сите сме свесни дека креирањето на образовните политики, е сепак политика во која е многу важно да бидат вклучени експерти за тие политики да дадат позитивни резултати“, вели проф. Скепароски.
Видете и ова: Нови програми-нови предизвици за наставницитеВклученоста на јавноста во креирањето политики - формалност
Според упатените, суштината на основното образование и резултатите што може да ги очекуваме од него, не е тоа дали ќе бидат предметите интегрирани или раздвоени, туку што ќе има во наставните предмети, во колкава мера наставата ќе биде поддржана со практична работа, дали училиштата ќе бидат опремени со кабинети, какви ќе бидат учебниците и каков ќе биде пристапот на наставниците.
Во меѓувреме комисиите кои ќе ги изработуваат новите наставни програми за учениците од прво до петто одделение веќе почнаа со работа. По изработката на наставните програми ќе следуваат обуки на одделенските наставници низ државата, кои според најавите треба да почнат овој месец, а ќе се одржуваат и во мај, јуни и август.
Некои од одделенските наставници стравуваат дека се што е напишано на хартија, нема да може да се примени доследно во пракса. Она на што укажуваат е потребата од евалуација на програмата, која ќе посочи што треба да се менува, а што да се унапредува.
Инаку, на конкурсот за ангажирање надворешни соработници што учествуваат во изработката на осум наставни програми за предмети во основното образование беше предвиден ангажман на 32 надворешни соработници, а се пријавиле повеќе од 100 наставници и професори. Штом ќе се изработат новите програми, ќе почне и подготовката на учебници.
Откако новата концепција за основно образование да се спроведе во прво и четврто одделение, наредната година, по неа треба да учат и учениците од шесто одделение. Етапно потоа, концепцијата треба да „влезе“ и во образовниот процес на седмооделенците, година потоа таа ќе „стигне“ до учениците во осмо одделение, па потоа и до учениците од деветто одделение.