Последните препукувања за местенки на тендерот за пречистителната станица на Вардар во Скопје, со чија изградба треба да се реши проблемот со енормното загадување на најдолгата македонска река, праќа лош сигнал за земјава пред европските инстититуции, согласни се познавачите на состојбите. Тие алармираат дека ова може да ја оддолжи нејзината изградба, со што само ќе расте проблемот со децениското загадување на Вардар.
Како што појаснува Ѓорѓи Митревски, од невладината „Еко-свест“, граѓаните се тие што ги трпат штетите. Објаснува дека водите на Вардар се опасност како за живеалиштата, така и за земјоделското земјиште наоколу каде се произведува храна и за стоката и за луѓето, но и воопшто - опасност се за целата животна средина.
„Ние знаеме дека водите во Вардар се загадени од 4 и 5 категорија, што значи пречистителната станица е и повеќе од потребна. Она за коешто ние сме загрижени е тоа како ова ќе се рефлектира во однос на апсорпција на ИПА фондовите во државата. Сметаме дека мора експресно да се започне со нова тендерска процедура за да нема никаква импликација во смисла на администрирање на ИПА фондовите. И што е можно побрзо да се отпочне со изградбата“, дециден е Митревски.
Загадувањето од 4 и 5 категорија значи дека водата во реката не смее да се употребува за ништо, вклучително и за капење или наводнување, без претходна обработка. Состојбата е најалармантна во долното течение на Вардар во скопско, кај Трубарево, каде се излива целата скопска канализација, без никакво прочистување. Единствено решение се гледа во изградбата на пречистителната станица во овој реон.
Таа стана топ тема деновиве откако в.д директорот на ЈП „Водовод и канализација Златко Перински и секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски беа разрешени од функциите, а скопската градоначалничка Данела Арсовска ги обвини за несовесно постапување за тендерот за нејзина изградба. Тој е тежок 136 милиони евра, пари од кои повеќе од половината се европски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан - ВБИФ, додека остатокот отпаѓа главно на кредити од Европската инвестициска банка ЕИБ како лидер на проектот и Европската банка за обнова и развој - ЕБОР.
Носител на проектот е скопското претпријатие Водовод, а самиот тендер стигна во завршна фаза, откако беше отворен во март. Остана уште независната евалуациска комисија да ја избере компанијата што ќе го работи дизајнот и изградбата на станицата.
Е токму комисијата стана проблем, ако се суди по изјавите на градоначалничката и сега веќе поранешниот директор на скопски водовод. Перински тврди дека Арсовска барала промена на комисијата, додека ЕИБ не го прифатила ваквото барање. Арсовска пак обвинува за корупција и најави дека документите и сомнежите за тендерот за пречистителната станица ќе ги предаде на Обвинителството.
Од ЕИБ за РСЕ велат дека обидите да се ревидира стратегијата за набавки без како што наведуваат „соодветно оправдување во оваа фаза од процесот на евалуација, или неусогласеноста со важечките принципи за доверливост“, може да предизвика значително одложување во процесот на набавка и на тој начин да ја загрози достапноста на средствата.
„ЕИБ може да потврди дека од почетокот на проектот се почитуваат условите и преземените обврски за исплата на средствата. Набавките се спроведени во согласност со Водичот за набавки на ЕИБ и во согласност со одобрената стратегија за набавки. До денес, Комитетот за евалуација, потпомогнат од искусен тим од меѓународни консултанти, ги извршуваше своите задачи на посветен начин. Ја следеше тендерската документација и бараше совети од ЕИБ кога тоа беше потребно“, велат од ЕИБ, од каде додаваат дека очекуваат успешното завршување на тендерот, без никакво одлагање.
Сомнежите околу тендерите праќаат лош сигнал до европските институции
Стефан Ристовски од Институтот за европска политика ЕПИ вели дека ваквите превирања околу тендерите за големи проекти финансирани од европски пари се на штета на државата. Укажува и дека ако се случи да ги изгубиме овие средства, тоа може да има домино ефект и да доведе до целосно напуштање на проектот.
Видете и ова: Осип, пролив, конјуктивит - колку е добра водата за капење во реките и езерата„ЕУ и финансиските институции поврзани со Европската Унија коишто обезбедуваат средства се навистина важни затоа што ни обезбедуваат пристап до грантови и поволни заеми, што ни овозможува да ги планираме и да ги реализираме овие проекти. Сега нивното спроведување наидува на потешкотии и кога се во прашање сомнежи за спроведување на тендерските постапки е лош знак, лош сигнал којшто го праќаме до тие институции и секако може негативно да влијае врз спроведувањето на проектите“, вели Ристовски кој во овој момент стравува дека ваквите превирања може дополнително да ја завлечат постапката.
Тендерот за изградба на пречистителната станица беше отворен пред две години. Во последната фаза во игра останаа две компании, а крајниот збор го има комисијата за евалуација, во која членови имаат и Министерството за животна средина и скопски водовод. Како што брифираат за РСЕ извори запознаени со тендерската постапка, работата на комисијата се одвива во тајност, а за детали не смее да знае никој, ниту раководството на Водовод, ниту пак скопската градоначалничка. Дополнително, вели истиот извор, менувањето на членови на комисијата е исклучително сериозен процес кој треба да мине во ЕИБ, а за тоа да се случи мора да има сериозно оправдување. Во однос пак на изборот на компанијата која ќе го гради проектот не е пресудна само цената, туку и дизајнот на самиот проект. Токму од тоа ќе зависат оперативните трошоци за работа на самата станица, кои можат да се движат од неколку стотици илјади евра, до неколку милиони евра годишно.
Големите тендери и политиката
Во препукувањата за изградбата на пречистителната станица има и многу политика. Со нив ескалираше конфликтот меѓу градоначалничката Арсовска и градските функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Токму оваа партија застана зад кандидатурата на Арсовска на изборите во 2021 година, која се промовираше себе си како независен кандидат. Сега партијата која ја поддржа ја обвинува за лошо раководење со градот, а оставки дадоа и повеќе партиски членови кои беа поставени за раководители на градски претпријатија. Арсовска пак нив ги обвинува за несовесно работење.
Во меѓувреме, еден голем проект во Скопје, автобуското метро најавено како современо решение за јавниот превоз беше запрен од Арсовска која најави поништување на тендерот бидејќи бил прескап. Како што објави неодамна СДК, од државниот буџет сега се плаќаат по 350.000 евра годишно камата на ЕБОР бидејќи скопската градоначалничка не ги користи парите од овој кредит тежок 70 милиони евра за воведување на брзиот автобуски превоз.
Видете и ова: И досега имаше казни за екоцид, но никој не е казнетМакедонија и генерално има проблем со користењето кредити за големи проекти. Ова го воочи Државниот завод за ревизија во својот годишен извештај за работата во 2021 за капиталните проекти на државата кои одамна требаше, но сè уште не се довршени, иако веќе се подигнати заеми од меѓународните кредитори. За ова биле направени дополнителни трошоци од 58 милиони евра, иако проектите не се изградени во предвидениот рок, ниту пак има изглед кога ќе се изградат. Меѓу најголемите вакви проекти се автопатот Охрид – Кичево, пругата кон Бугарија, но и клиничката болница во Штип.
За штипската болница, Банката на Советот на Европа како финансиер најави повлекување од проектот поради доцнење на изградбата која почна пред шест години. Притоа беа искористени нешто над 50% од одобрениот кредит, а запрени преостанатите 13,4 милиони евра. Во меѓувреме цената на чинење на болницата порасна за скоро 50% од првичниот договор склучен на околу 30 милиони евра. Запирањето на изградбата на болницата се совпадна со промената на централната власт во 2017 година кога беше повлечен половина од кредитот, а во меѓувреме започна и судски процес меѓу грчката компанија „Интракат” како изведувач и првичниот подизведувач, компанијата „Бетон” од Штип.
Во Вардар може да останат само скопските фекалии
Предуслов за изградба на пречистителната станица во Скопје е да биде изграден колекторскиот систем во градот, големи цевки кои ќе ја соберат целата канализација и ќе ја однесат во Трубарево, во новата пречистителна станица. Но и тука се доцни повеќе од две години. Од Министерството за животна средина како причина за ова го наведоа лошото работење на потписникот на договорот и најавија дека има арбитража за раскинување на договорот.
Скопската пречистителна станица пак треба да се простира на површина од 13 хектари, на левиот брег на реката Вардар кај Трубарево и да има капацитет за опслужување 500.000 жители. На годишно ниво, ќе третира 51,3 милиони м3 непреработена отпадна вода и ќе покрие девет од десетте скопски општини. Планот е реализацијата на проектот ќе се одвива во две фази. Првата фаза предвидува обезбедување пред-третман и биолошки третман на отпадните води до 2030 година, а втората фаза отстранување на азотот и фосфорот од отпадните води, најдоцна до 2045 година.
Мила Јовановска од Гоу Грин, здружението за одржлив развој и заштита на животната средина, смета дека пречистителната станица е само почеток кон решавањето на загадувањето на водата на реката Вардар. Вели дека таа е од исклучително значење бидејќи најголем дел од загадувањето е токму скопската територија, и затоа мора и внимателно да се гради „но не и со децении, како што е случајот“.
„Без соодветен третман на отпадните води, а со најавените суши поради климатските промени - може да се најдеме во ситуација да остане коритото на реката Вардар полно со нашите фекалии“, заклучува Јовановска.