Основното јавно обвинителство чека осудениот Бојан Јовановски да го дополни исказот во веќе поднесената кривична пријава со новите наводи кои ги спомнува во своите писма, велат оттаму. Во одговорите за Радио Слободна Европа од Обвинителството велат дека по досега искажаните обвинувања за актуелни и поранешни функционери се проверуваат наводите и дека се уште не е донесена јавно обвинителска одлука.
Неодамна шоуменот и неформален сопственик на 1ТВ Јовановски познат во јавноста како Боки 13 објави отворено писмо до Обвинителство во кое пишува за разговори на функционери со бизнисмени, барања за сомнителни зделки и злоупотреба на правилата на игра. Јовановски е обвинет во предметот „Меѓународен сојуз“ и осуден за предметот „Рекет“. Боки 13 е во затворот Идризово каде што треба да одлежи казна од девет години поради за кривичното дело перење пари и примање награда за против законито влијание.
Видете и ова: Јовески - Обвинителството не е селективно, гони и актуелни функционериВо „Рекет“ покрај него осудена е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7 годишна затворска казна. Трето осуден во предметот е Зоран Милевски Кичеец, кој по признавањето на вината од судот доби три годишна казна затвор што требаше да ја одлежи во затворското одделение во родниот град Охрид.
Во писмата е презентирана слика од електронска комуникација меѓу, како што прикажува Јовановски, сега актуелниот министер за земјоделство Љупчо Николовски се гледа подготвеност за краток рок да се „среди“ пренамена на земјоделско земјиште во градежно без да се запазат процедурите. Од кабинетот на Николовски до објавувањето на овој текст не испратија реакциија.
„Господине Зоране Заев во писмото кое ви го упатив наведов дека јас лично сум ве споил со сега покојниот Жарко Луковски и наведов дека изработивте милионски проекти и дека наплативте милионски провизии во име на коруптивни награди за вас и вашиот Рашковски кои вие лично му го делегиравте на Луковски!,“ пишува во едно од неколкуте писма Јовановски.
Од власта досега не коментираа јавно содржината на писмата.
Од објавената комуникација за која досега само Боки13 тврди дека е автентична се забележуваат договори за средби, но не и контекстот кој што го нуди во писмата авторот.
Јовановски досега во Обвинелството има поднесено над 30 кривични пријави против актулени и поранешни функционери и бизнисмени, за злоупотреба на службена должност, изнуда и давање на лажен исказ и несовесно лекување.
Шефот на обвинителството Љубомир Јовески пред еден мeсец изјави веќе се постапува по кривичните пријави и серија обвинувања и напади за криење докази.
„На Бојан Јовановски (Боки 13) во неколку наврати му е овозможено на записник во Основното јавно обвинителство Скопје да ги изложи обвинувањата за повеќе лица, да поднесе кривични пријави“, вели Јовески.
Тој додаде дека наскоро ќе има и обвинителска одлука.
Од опозицијата обвинуваат дека писмата на Јовановски се само уште еден доказ дека главата на рекетарскиот октопод е Зоран Заев и како бизнисмени биле уценувани и рекетирани.
„Доказите потврдуваат како Заев дава насоки со кои од неговите пајташи е најпогодно да се договараат работите. Исто така граѓаните можеа да видат како пипците на октоподот продавале и трансформирале државното земјоделско земјиште во градежно земјиште. Додека земјоделците мака мачат како да преживеат, Љупчо Николовски за само еден ден трансформирал и продавал земјиште,“ се вели во едно од многуте соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ за оваа тема.
Видете и ова: Отворени прашања за случајот КичеецЈовановски и за време на судењето за предметот „Рекет“ како и на рочиштата за „Меѓународен сојуз“ во своите искази посочуваше дека во, како што вели „ бил сведок на криминални зделки меѓу бизнисмени и функционери“, за кои како докази ги наведува приватни разговори сочувани во неговиот телефон што беше долго време на вештачење.
Над 30 рочиштата за „Рекет“ поминаа во изјави на обвинетите кои повеќе се занимаваа со пикантерии во односите меѓу нив, отколку на суштината на обвинението и на одбраната.
Во предметот „Меѓународен сојуз“ Боки 13 е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината организација, и асистенката на Боки, Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.
Во овој предмет Обвинителството тврди дека двајцата бизнисмени, Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.
На 11 февруари е закажано презентирањето на одбраната на обвинетите во судот, заврши доказната постапка при што одбраната во судницата не предложи свои сведоци и докази.