„Нуклеарна опција“: Што ќе се случи ако Русија биде отсечена од системот СВИФТ?

Вашингтон и сојузниците најавија санкции врз Москва како одговор на евентуалната руска агресија врз Украина. Една од мерките би била и отсечување на Русија од најкористениот систем за електронско плаќање во светот. Дали е тоа „нуклеарна опција“ како што тврдат некои? Тод Принс

Некои ја нарекуваат „нуклеарна опција“. Сепак, тaа не вклучува оружје. Со оглед на тоа што администрацијата на претседателот Џо Бајден смета дека економските закани ќе го спречат новиот план на Кремљ за инвазија на Украина, постои една опција која наводно е на потесниот список: отсекување на Русија од глобалниот систем за електронски пораки за плаќање познат како СВИФТ.
Тоа би бил потег без преседан против една од најголемите светски економии.

Белата куќа не потврди дека се заканува дека ќе ги исклучи руските банки од SWIFT, што е кратенка од Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication.

Франција и Германија со предупредување до Русија за Украина

Како и да е, самиот Бајден неколку пати повтори дека доколку рускиот претседател Владимир Путин одлучи да ја нападне Украина, Соединетите држави и сојузниците ќе ѝ удрат санкции на неговата земја „какви што досега не видел“.

Иако аналитичарите се согласуваат дека таквиот потег би предизвикал економска болка за Русија, некои велат дека влијанието на отсекувањето на земјата од СВИФТ е претерано, поради различни причини.

Што е СВИФТ и зошто е важен?

СВИФТ е безбедна комуникациска платформа што ја користат банките, брокерите и другите финансиски институции за испраќање и примање информации, како што се инструкции за пренос на пари во странство или за подмирување на тргување со хартии од вредност.

Видете и ова: САД најавуваат можни санкции за Русија

Да речеме дека една германска компанија купува руски природен гас и треба да плати за тоа. Може да префрли пари од својата германска банкарска сметка во руската банка на руската фирма со внесување на бројот на сметката на примачот и кодот СВИФТ.

Германската фирма потоа испраќа порака од својата германска сметка, преку СВИФТ, до руската банка во која вели дека доаѓа трансфер на пари. Потоа, кога електронски ќе пристигнат средствата, ќе ѝ бидат достапни на руската компанија за повлекување.

Употребата на стандардизирани кодови за инструкции им овозможува на банките брзо да ги обработуваат плаќањата. Околу 11.000 финансиски институции лоцирани во повеќе од 200 земји и територии користат СВИФТ.

Платформата обработува повеќе од 10 милијарди пораки годишно, олеснувајќи трилиони долари прекугранични плаќања.

Пред СВИФТ, кога банките сакаа да комуницираат од едно место до друго, користеа „телекс“ систем, базиран на стари телеграфски кола. Но, тоа беше бавно, незгодно и несигурно.

Така, СВИФТ беше формиран во 1973 година.

Знак на SWIFT во Киев


Денес, СВИФТ е на големо присутен во индустријата за финансиски комуникации благодарение на неговата леснотија на користење, брзина и безбедност.

Може да им помогне на банките да ги завршат прекуграничните плаќања за помалку од пет минути и нуди целосно следење.

„Тоа е најдоверливиот вид на систем за пораки за прекугранични плаќања и затоа е многу важен“, вели Брајан О'Тул, поранешен висок советник во Министерството за финансии на САД.

Кој е сопственик на СВИФТ?

Со седиште во Белгија, организацијата е во сопственост на банки-членки и управувана од 25-член одбор на директори, во кој моментално има еден руски државјанин.

Бајден: САД и европските сојузници се „целосно“ согласни за пристап кон украинската криза

Организацијата е надгледувана од централните банки на Г10 – Белгија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Холандија, Британија, САД, Швајцарија и Шведска – како и Европската централна банка.

Дали СВИФТ некогаш отсече некоја земја од нејзината платформа?

Во 2012 година СВИФТ ги исклучи иранските банки откако тие беа на црната листа на Европската унија и поради притисокот од Соединетите држави.

„Сепак, Иран беше и онака во голема мера изолиран од глобалната финансиска мрежа, така што целокупното влијание беше пригушено“, вели О'Тул, сега соработник на Атлантскиот совет, тинк-тенк во Вашингтон, додавајќи: „Тоа секако го направи животот многу потежок за иранските банки кои сè уште беа поврзани со меѓународниот финансиски систем, но прекинувањето во суштина само ги затвори тековите“.

Може ли САД да го принудат СВИФТ да ја исклучи Русија?

„СВИФТ се придржува до белгиското и европско право, а не на американските закони, така што „всушност не мора да ги слуша Соединетите држави“, вели О'Тул.

Сепак, Соединетите Држави имаат моќ да ја извртат раката заканувајќи се со санкции против самата платформа како што направија кога сакаа да го исклучат Иран“, вели О'Тул.

Што би се случило ако Русија биде отсечена од СВИФТ?

Русија е многу поголема економија од Иран и длабоко интегрирана во глобалната финансиска заедница, така што влијанието на прекинот на СВИФТ би било многу поголемо отколку во случајот со Иран.

Видете и ова: Блинкен ги отфрла повиците за превентивни санкции за Русија поради Украина

„Русија би се соочила со значително економско нарушување за одреден временски период, особено во однос на прекуграничните плаќања, бидејќи се прилагодува на новите платформи“, вели Елина Рибакова, економист во Институтот за меѓународни финансии со седиште во Вашингтон, додавајќи:

„Нарушувањето може да предизвика намалување на руската економија и да доведе до пад на рубљата на краток рок. Меѓутоа, бидејќи водечкиот руски извоз - нафта и гас - се од клучно значење за егзистенција на Европа, двете страни ќе бараат некакво решение“. Според неа, влијанието исто така ќе биде намалено, бидејќи Русија гради сопствен систем за финансиски пораки.

Уште во 2014 година, откако Русија го анектираше украинскиот полуостров Крим, имаше барања Русија да се исклучи од системот. Така, Кремљ го поддржа развојот на домашна платформа за финансиски комуникации за да се заштити себеси.

Позната како Систем за трансфер на финансиски пораки СПФС, руската платформа има повеќе од 400 банки членки - вклучително дваесетина од поранешните советски држави - и управува со една петтина од сите домашни финансиски комуникации.

Значи, тогаш Русија е заштитена?

Не целосно: рускиот систем има свои недостатоци. Со оглед на тоа што СВИФТ работи 24 часа на ден, СПФС може да испраќа пораки за плаќање само за време на работни часови, напиша Марија Шагина, соработник во Центарот за источноевропски студии на Универзитетот во Цирих, во објава претходно оваа година.

Русија и Иран и нивните ограничувања за економско заздравување

„СПФС, исто така, има пократки ограничувања за големината на пораките. Русија „технички“ може да направи транзиција доколку биде отсечена од СВИФТ, „што не беше случај во 2014 година“, вели Рибакова која оценува дека тоа сепак ќе биде огромен шок за системот за одреден временски период.

Видете и ова: Борел - Русија ќе се соочи со големи последици доколку ја нападне Украина

„Русија би можела да се обиде да го прошири СПФС на меѓународно ниво како можно решение за прекугранични трансакции“, вели О'Тул.

Кина, чија економија е далеку поголема од руската, исто така развива алтернатива на СВИФТ.

Во 2015 година, Пекинг го лансираше прекуграничниот меѓубанкарски платен систем за да помогне во интернационализацијата на употребата на кинеската валута, јуанот. Некои кинески функционери повикаа на користење СПФС наместо СВИФТ за заштита на банките на нацијата од закани за прекин.

Банкарски санкции: погубни?

Додека некои официјални лица и аналитичари го нарекуваат СВИФТ „нуклеарна“ опција, О'Тул вели дека тоа е претерување. На Русија сепак ќе ѝ биде дозволено да врши меѓународни трансакции преку други комуникациски платформи, иако помалку ефективни.

„Ако го исклучите СВИФТ од рускиот банкарски систем без да правите ништо друго, сè што правите во суштина е да го принудите да користи конкуренти на СВИФТ “, оценува О Тул, наведувајќи: „Не забранувате трансакции. Едноставно ги правите побавни“.

Тој смета дека Белата куќа треба да се фокусира врз санкционирање на руските банки.

Видете и ова: Американски санкции против четворица Украинци, меѓу кои двајца пратеници, за соработка со руски служби

„По кои финансиски институции ќе тргне администрацијата ако Русија ја премине границата? Мислам дека тоа е релевантното политичко прашање“, рече тој.

Соединетите држави би можеле да ги таргетираат државните финансиски институции поврзани со руската елита, како што се банката ВЕБ и Рускиот фонд за директни инвестиции, вели О Тул, додавајќи дека тоа би можело да биде „повлијателно“ од отсекувањето на целиот руски банкарски систем од СВИФТ.

ВЕБ делува како развојна банка и платежен агент за руската влада. Рускиот фонд за директни инвестиции, пак, е суверен богат фонд на нацијата и е тесно вклучен во проекти за странски престиж на Кремљ: како што е промовирањето на вакцината против коронавирус Спутник V.

Може ли руската економија да ги издржи превирањата?

Од 2014 година, Русија ја зајакнува својата одбрана од заканата од поголеми санкции на САД.

Покрај развивањето алтернатива за СВИФТ, како и алтернатива за обработка на плаќања на Visa и Mastercard, руската влада цврсто држеше капак на трошењето, дури и објавувајќи буџетски суфицити, што е реткост во западните демократии.

Владата, исто така, ги изгради своите девизни и златни резерви, кои надминуваат 620 милијарди долари, што ја става во иста позиција со Индија на четвртото место во светот.

„Доколку се исклучат какви било санкции, руските резерви би можеле да пораснат уште за 20 милијарди долари оваа година“, вели Рибакова, заклучувајќи: „На руската влада од секогаш ѝ виси има ваков Дамоклов меч од санкции. И мислам дека тоа навлегува во сите аспекти на нивната макроекономска политика, Тоа е дел на оваа стратегија за тврдина Русија, и тие се држат до неа, бидејќи тоа добро функционира за нив“.