Нови санкции на ЕУ кон Русија – Од кинески компании до РТ Балкан

Билборд на „РТ Балкан“ на зграда во Белград, декември 2022 година.

Главната вест од единаесетиот пакет санкции на ЕУ кон Русија е дека Брисел предлага казнени мерки за трети земји кои намерно ги заобиколуваат санкциите на Унијата. Се предлагаат мерки против кинески компании и Раша Тудеј, Балкан.

Европската комисија минатиот викенд им го испрати на земјите-членки на Европската унија (ЕУ) најновиот предлог за санкции против Русија.

Единаесеттиот пакет казнени мерки, од инвазијата на Украина во февруари 2022 година, прв пат официјално беше разгледан од 27-те амбасадори на ЕУ во среда, на 10 мај, во Брисел.

Се претпоставува дека мерките ќе бидат усвоени во втората половина на мај, што е многу брзо според стандардите на ЕУ.

Има две причини: прво, затоа што Европската комисија од крајот на април веќе ги информираше амбасадорите за содржината на пакетот.

Овие предлози се речиси идентични со пакетот санкции што стигнаа до главните градови на членките на ЕУ. Тоа значи дека мнозинството, ако не и сите земји-членки, во основа се согласуваат со презентираните предлози. Во спротивно, предлозите никогаш не би успеале да стигнат до хартија и да циркулираат меѓу членките на ЕУ.

Друга причина, зошто овие санкции можат релативно лесно да бидат одобрени во наредните недели, е тоа што тие се слаби. На многу начини, тие ги следат истите модели како и последните пет пакети казнени мерки против Русија договорени од Брисел од минатото лето. Тие во голема мера ги пополнуваат празнините со разјаснување на веќе договорените одредби, „затегнување на шрафовите“ и воведување мерки кои нема значително да и наштетат на руската економија.

Нафтовод Дружба

Со други зборови, не се на удар рускиот гас, распространетата руска нуклеарна индустрија, вклучително и нејзиниот државниот гигант Росатом. Дури и руската трговија со дијаманти со ЕУ не е на мета на санкциите.

Ова главно се должи на фактот што некои земји, на чело со Унгарија, совршено јасно ставија до знаење дека повеќе нема да се согласат на санкции во енергетскиот сектор. Ова е позиција која ќе остане непроменета сè додека цените на енергијата се високи и постои ризик тие повторно да се зголемат оваа есен и зима, за што се уште има прилично добри шанси.

Новина во овој предложен пакет санкции е што всушност има одредби насочени кон руската енергија, кои Будимпешта и некои други земји лесно би можеле да ги прифатат, бидејќи нивниот опсег е тесен и не ги засега повеќето членки.

Во предлогот се наведува дека треба да се стави крај на привременото ослободување на Германија и Полска од снабдување со сурова нафта со нафтовод од Русија преку северниот дел на гасоводот Дружба (Пријателство).

Берлин и Варшава го прифаќаат ова, бидејќи сè уште веруваат дека можат да ја добијат оваа енергија од други извори, но не очекуваат дека Унгарија и другите централноевропски земји без излез на море ќе инсистираат на запирање на протокот на руска нафта низ јужниот дел на гасоводот Дружба.

„Секундарни санкции“ против трети земји

Инаку, главната вест од овој пакет е дека Брисел предлага казнени мерки за трети земји кои намерно ги заобиколуваат санкциите на ЕУ. Со други зборови, ова е обид на ЕУ да започне со таканаречените „секундарни санкции“ кои САД веќе подолго време ги применуваат на глобално ниво.
Но, прашање е колку силно и брзо ќе се спроведе оваа потенцијална нова мерка. Нацрт-регулативата, во која имаше увид Радио Слободна Европа (РСЕ), најавува некои чекори што треба да ги преземе Брисел пред да наметне каква било казна.

Во текстот се наведува дека „за да се спречи заобиколувањето на рестриктивните мерки преку јурисдикцијата на трети земји, Унијата треба да ги насочи своите напори на зајакнување на билатералната соработка преку дипломатски ангажман и давање техничка помош за предметните трети земји“.

Исто така, се забележува дека „пред да се стави трета земја на листата опфатена со оваа мерка, Унијата треба да информира и да побара ставови од нејзината влада врз основа на прелиминарните наоди од техничката анализа и предвидените корективни мерки“.

Видете и ова: Европскиот парламент ги осуди блиските односи на Србија со Русија


Сето ова значи дека ЕУ првично ќе има мек пристап и дека веќе подготвениот анекс на целните земји ќе остане празен уште некое време.

Санкциите за кинеските воени компании остануваат предизвик

Можеби најтешкиот аспект ќе биде санкционирањето на осум кинески воени компании за кои европскиот блок верува дека и помагаат на воената машинерија на Кремљ.

Иако овие компании не се баш големи - „празни школки“, како што ги опиша еден од изворите на РСЕ, сепак можеби е премногу за некои членки на ЕУ да прифатат казнени мерки бидејќи сè уште не сакаат да ја антагонизираат Кина.

Другите предлози се однесуваат на „затегнување на шрафовите“. Забраната за извоз од ЕУ во Русија веќе опфаќа илјадници артикли.

Сега ќе бидат додадени повеќе, особено кога станува збор за спречување на Москва да произведува микрочипови со забрана на извоз на различни европски полупроводници, производство и тестирање опрема за електронски интегрирани кола, хемиско оружје, оптички компоненти, навигациски инструменти и метали што се користат во поморската војна.

Видете и ова: Извештај на ЕП: Русија создава тензии во државите од Западен Балкан

Забрана за емитување на РТ Балкан во ЕУ

Секоја продажба на правата на интелектуална сопственост ќе биде забранета, иако повеќето такви трансфери се веќе стопирани.

На руската државна телевизија „Русија денес Балкан“ (РТ Балкан) ќе и биде суспендирана лиценцата за емитување во ЕУ, по низата други канали на РТ кои ја доживеаја истата судбина.

Камионите регистрирани во Русија, кои превезуваат стока по патиштата во ЕУ, ќе имаат забрана за транспорт, а истото важи и за увоз на челични производи од трети земји доколку содржат компоненти од Русија.
Тоа не е безначајно, но тешко дека ќе ја принуди Русија да се врати на преговарачка маса.