Нови програми за средно стручно образование

Ученици на прв школски ден

Министерството за образование и наука (МОН) планира реформи во средното стручно образование, од аспект на нови наставни програми од почетокот на оваа учебна година. Овие програми ќе бидат насочени кон стекнување вештини на знаење на учениците за профилот за кој се запишани.

Ова го истакна министерот за образование и наука Арбер Адеми на конференцијата „Реформа на техничкото образование во стручните училишта во Република Северна Македонија“ што денека се одржа во Скопје.

„Оваа учебна година ни започнува со имплементација на еден од најголемите реформски процеси направени во нашиот образовен систем. Имаме целосно нов наставен план и нови наставни програми за двегодишното и тригодишносто стручно образование со над 100 нови програми, а за четиригодишното стручно образование над 1.000 нови модуларни наставни програми. Соодносот на предметите е 55 отсто стручни и 45 проценти општо образовни предмети“, рече Адеми.

„Уште од моето доаѓање на функцијата ветив дека средното стручно образование ќе биде приоритет и ќе се промовира повеќе. Годинава почнавме кампања за промоција од која веќе ги имаме првите позитивни резултати од аспект на афирмација и објаснување на приодобивките од овој тип на образование. Истовремено вложуваме и инвестираме во ваквото образование. Се повеќе и повеќе училишта веќе имаат формирано реални училишни компании за чие оформување МОН им даде финансиска помош и поддршка. Децата сега можат да почувствуваат што значи да си дел од една реална училишна компанија и да имаат придобивки од нејзината рентабилост“, посочи Адеми.

Вложуваме, додаде Адеми, и во опремувањето на средните стручни училишта.

„Повеќе од 400 илјади евра МОН вложи особено во земјоделските училишта кои се опремени со трактор, плугови и друга опрема се со цел да се реализира наставата на што поквалитетен начин“, изјави Адеми на конференцијата „Реформа на техничкото образование во стручните училишта во Република Северна Македонија“.