Осум министри првпат ќе седнат во министерските столчиња, девет беа и во претходниот владин кабинет, а еден е рекордер по бројот на министерства кои ги раководел, но во влада предводена од Зоран Заев првпат добива министерска позиција. Вака сублимирано според искуствата и биографиите на предложените кадри ќе изгледа новата влада. Таа заедно со премиерот Заев ќе има вкупно 19 члена, за седум помалку од претходниот состав, откако коалиционите партнери се договорија да нема министри без ресор.
„Македонските граѓани ќе добијат стабилна, ефикасна и одговорна Влада која ќе гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети: членство во НАТО и Европската унија, добри меѓусоседски и меѓуетнички односи, внатрешна кохезија, справување со светската пандемија на коронавирусот и нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции“, рече мандатарот Зоран Заев.
Тој денеска во Собранието, придружуван од вицепремиерите и министрите кои ги предлага го достави составот на владата. Рече дека очекува, претседателот на Собранието, Талат Џафери, да даде доволно време пратениците добро да се запознаат со предлог програмата, но и со биографиите на предложените кандидати, дека очекуваа квалитетна дебата во Собранието.
Кои се министрите?
Министри кои првпат ќе дојдат на таква позиција се досегашните пратеници Артан Груби, Ирена Стефоска, Јагода Шахпаска, градоначалникот на Штип Благој Бочварски, потоа досегашниот советник на премиерот Бојан Маричиќ, генералниот секретар на Беса Аријанит Хоџа, Фатмир Битиќи, претседател на Комисија за финансии на СДСМ и Јетон Шаќири од ДУИ.
Видете и ова: Нова влада со старо нов состав
На истите позиции остануваат Венко Филипче како министер за здравство, Радмила Шекеринска во министерството за одбрана, Горан Милевски во министерството за локална самоуправа и Насер Нуредини и Крешник Бектеши како министри за животна средина и за економија. Оливер Спасовски кој беше технички премиер, се враќа онаму од каде што дојде на позицијата, како прв човек на Министерството за внатрешни работи, а Мила Царовска, која досега беше министерка за труд и социјална политика и вицепремиерка, сега ќе биде министерка за образование.
Ротацијата на позициите има меѓу Никола Димитров и Бујар Османи, па сега Димитров ќе биде на чело на Секретаријатот за европски прашања, а Османи ќе биде министер за надворешни работи, единствената позиција од осамостојувањето до денес која никогаш не ја раководел Албанец. Фатмир Бесими, пак, кој сега ќе раководи со министерството за финансии, е рекордер по бројот на министерства кој ги водел- досега во различни влади беше министер за економија, за одбрана и вицепремиер за евроинтеграции.
Инаку по изборите што се одржаа на 15 јули, претседателот Стево Пендаровски му го даде мандатот за состав на новата влада на Заев чија коалиција „Можеме“ освои 46 пратенички места. Тој минатата недела се договори со лидерот на ДУИ Али Ахмети, чија парија освои 15 мандати за формирање на мнозинство кое земајќи го предвид и едниот пратеник од ДПА, кои се дел од владината коалиција, ќе има вкупно 62 пратеници.
„Меѓународната пракса, а богами и домашната пракса од 2017 година покажа дека со 62 пратеника се формира стабилна влада и не само стабилна, туку и подготвена за сериозни и храбри одлуки од интерес на граѓаните. И во многу други земји парламентарното мнозинство не е огромно“, рече Заев.
Процедура за гласање влада
Според Уставот, мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Тој рок истекува на втори септември. Владата, пак, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Според собранискиот деловник, претседателот на Собранието, предлогот за состав на Владата и програмата, ги доставува на пратениците веднаш, а седницата за избор на Владата се одржува во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за состав на Владата и програмата. По програмата на мандаторот и предлогот за состав на Владата, Собранието води единствен претрес кој може да трае најмногу два дена. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24,оо часот.
Видете и ова: Џафери избран за претседател, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти салата
Засега не е јасно како ќе се постави опозицијата во Собранието на седницата за избор на владата. ВМРО-ДПМНЕ кои освоија 44 пратеници, Алијансата за Албанците и Алтернатива кои имаат 12 и Левица која има двајца, на досегашните собраниски седници, за изборот на претседател на Собранието, верификација на мандатите на новите пратеници и за утврдувањето на бројот на собраниски потпретседатели имаа многу забелешки, а повремено и ја напуштаа собраниската сала.