Нов бран руски напади во Украина, борбите на истокот во „ќорсокак“

Последици од ракетниот напад Киев, 29 декември 2022 година

Во новиот бран руски напади кој утринава ги погоди градовите низ Украина, повредени се неколку лица во главниот град, а западниот град Лвив остана речиси без струја. Од украинската војска соопштија дека неутрализирале поголем дел од проектилите избегнувајќи многу поголеми оштетувања.

Аларми за воздушен напад можеа да се слушнат низ целата земја, а претседателскиот советник Олексиј Арестович на Фејсбук напиша дека имало повеќе бранови проектили.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, пријави три повредени лица од рускиот ракетен напад.

Видете и ова: Дали системот Патриот може да го промени текот на војната во Украина?

„Во моментов има три жртви во Киев. Меѓу кои и едно 14-годишно девојче. Сите се хоспитализирани“, напиша тој на Телеграм.

Спасувачите продолжуваат со операциите за пребарување и спасување.

Кличко предупреди на потенцијални прекини на електричната енергија и ги повика жителите да складираат вода.

Покрај Киев, цел на бранот напади беа и вториот по големина град во Украина, Харкив и црноморскиот пристанишен град Одеса.

Поголемиот дел од Лвив, каде што руските напади се ретки, остана без струја, рече градоначалникот Андриј Садовиј.

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов изјави дека во градот имало бројни експлозии.

Струјата беше прекината во регионите Одеса и Дњепропетровск, со цел да се намалат потенцијалните штети на електроенергетската инфраструктура.

„Непријателот ја напаѓа Украина од различни правци со воздушни и морски крстосувачки ракети од стратешки авиони и бродови“, соопшти украинската воздушна одбрана на социјалните мрежи, опишувајќи го нападот како „масовен“.

„Според првичните податоци, лансирани се вкупно 69 проектили. Беа соборени 54 непријателски крстосувачки ракети“, изјави главниот украински командант, генерал Валериј Залужниј.

Претседателскиот помошник Михајло Подољак претходно рече дека биле истрелани повеќе од 120 проектили.

Во текот на ноќта, руски беспилотни летала-камикази ја гаѓаа инфраструктурата во регионите Харкив, Запорожје и Дњепропетровск, но повеќето од нив беа соборени од украинската војска, соопшти Генералштабот на 29 декември.

„Руските окупатори уште еднаш ја погодија енергетската инфраструктура на Харкив, користејќи 13 ирански беспилотни летала Шахед-136 во нападот. Украинската одбрана собори 11 од овие беспилотни летала“, се вели во утринскиот извештај на Генералштабот.

Пет беспилотни летала беа соборени во регионот Дњепропетровск, се вели во соопштението.

Видете и ова: Можни ли се преговори за ставање крај на војната во Украина?

Гранатирањето на периферијата на Запорожје во текот на ноќта оштети електрични линии, гасоводи и куќи.

Додека тешките борби во регионот на Донбас продолжија без значителен напредок на двете страни, украинската војска соопшти дека руските сили исфрлиле голем број ракети долж целата линија на фронтот на исток, додека се обидувале да продолжат со нивната закочена офанзива во Бахмут и Авдијевка, областите на Донецк.

Шефот на украинската разузнавачка служба Кирило Буданов изјави за Би-Би-Си дека борбите на истокот се во ќор-сокак, бидејќи ниту Украина ниту Русија не можат да постигнат значителен напредок.

„Ситуацијата е заглавена. Не мрда“, вели Буданов во интервјуто.

Русите продолжуваат да го напаѓаат Бахмут, но на други места се чини дека се во дефанзива.

Почетокот на студената сезона, исто така, го забави темпото на украинските копнени операции по линијата на фронтот долга 1.000 километри.

„Не можеме сеопфатно да ги победиме во сите правци. Ниту тие можат“, изјави Буданов за Би-Би-Си.

Буданов додаде дека Русија претрпе многу значителни загуби, но украинските сили сè уште немаат ресурси за да напредуваат во повеќе области. Тврдењата не можеа да бидат независно проверени.