Над 8000 слики и видеа со детска порнографија пронајдени кај браќа од Битола кои вршеле нивна дистрибуција. Кривична пријава против 18-годишник од беровското село Русиново за производство и диструбуција на детска порнографија. Кумановчанец доби кривична пријава за дистрибуција на детска порнографија. Ова се само неколку случаи во изминатите три години во кои осомничени се товареле за истото дело за кое сега се гонат креаторите на групата „Јавна соба“ , а законот предвидува високи казни, но, до сега никој не е осуден.
Најмногу рекации во јавноста предизвика токму „Јавната соба“ на интернет платформата Телеграм, која по една година од нејзиното откривање повторно стана активна. На мрежата со илјадници членови се споделуваа експлицитни фотографии од жени и девојки, а за ланската група во притвор на 30 дена завршија нејзиниот креатор и администратор. За новата група пак МВР приведе 4 лица, а се трага и по останати осомничени. Во меѓувреме се дозна и за случај во Гевегелија каде две девојки чии фотографии биле споделувани без нивна дозвола во слична група, седум месеци чекаат МВР да преземе мерки.
Колку од ваквите случаи кои се однесуваат на производство и диструбуција на детска порнографија завршиле во Кривичниот суд. Статистиката вели само пет, а за три од нив се чека разрешница, втора или трета година по ред.
„Во Основниот кривичен суд Скопје, по поднесен обвинителен акт, предлог или приватна тужба, заведени се 5 предмети за посоченото кривично дело, од кои еден од 2012 година е правосилен со одлука со која се одбива обвинението, еден предмет е отстапен на понатамошно постапување пред надлежен суд во Кралството Норвешка и три предмети од 2019 и 2018 година се уште се активни и се постапува по истите“, велат од Кривичниот суд за РСЕ.
Видете и ова: Кревкото мнозинство и натаму стабилноСекогаш кога правдата е спора тоа дозволува да се повторуваат одредени настани и кривични дела, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, кој пред се вината ја лоцира кај обвинителството. Според него, треба да се гонат и членовите и има и други кривични дела, бидејќи неовластено се споделуваат фотографии и на возрасни лица.
„Целта на казнувањето е да се влијае воспитно и на обвинетиот, но да се влијае воспитно и на широката околина за да не се повторуваат исти или слични дела. За осуда, за обвинение е надлежно прво и основно обвинителството, ако тоа затајува тогаш имате вакви ситуации пред судовите. Пречката е во прогонот и она што значи откривање на таквите дела иако тие се на социјалните мрежи, бидејќи денеска поготово во фаза на техниката не е проблем тоа да се открие“, вели Илиев.
Во Кривичниот закон се наведува дека казните за ова дело се движат од пет до осум години, односно во членот 193- а пишува:
(1) Тој што произведува детска порнографија со цел за нејзина дистрибуција или ја пренесува или ја нуди или на друг начин ја прави достапна детската порнографија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.
(2) Тој што набавува детска порнографија за себе или за друг или поседува детска порнографија, ќе се казни со затвор од пет до осум години.
(3) Ако делото од ставовите (1) и (2) на овој член е сторено преку компјутерски систем или друго средство за масовна комуникација, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку осум години.
Видете и ова: Како се справуваат луѓе со губењето работа поради пандемијатаОд МВР и од обвинителството се уште не добивме одговор колку вакви случаи биле пријавени во изминатите години и за колку од нив било поднесено обвинение.
Илиев додава дека се потребни измени на Кривичниот законик согласно времето во кое живееме.
„Во Кривичниот законик треба да се измени казнената политика. Затоа се предвидуваат и други мерки не само осуда, туку и заплени, одземања или сторителите да бидат под надзор. Кривичниот законик да се дотера на новото време. Тој закон е дваесет и неколку пати менуван, а во суштина не го погаѓа она што е актуелно во сегашните услови на 21 век. Таму стојат дела кои никогаш од развојот на државата не се применети“, смета тој.
Министерот за правда Бојан Маричиќ неодамна најави измени на Кривичниот законик со кои ќе се вметнат делата „демнење“ и „полово вознемирување“ за поголема заштита на жртвите.
Минатата недела се одржа и протестен марш во Скопје на кој се побара целосно расчистување на случајот со „Јавна соба“ и казнување на одговорните за злоупотреба на лични податоци и фотографии.