Вработените во јавната администрација ќе добијат зголемени плати овој месец, а тоа ќе може да го видат во сметките во втората недела од октомври. Практично со оваа владина одлука се зголемува септемвриската плата која се исплаќа во ноември.
„Зголемената плата од 5 отсто за административците е онаа септемвриската која ќе биде исплатена во законски предвидениот рок до 15-ти октомври“ изјави пратеничката од СДСМ Јагода Шахпаска.
Видете и ова: „Дајте поголеми плати, не национализам“ - Вие коментирате
Таа дополни дека владата предводена од СДСМ за ова покачување на платите и за подобрување на животниот стандард има обезбедено финансиски средства.
Претходно Невенка Стаменковска - Стојкоски, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ рече дека се покачувањето на платата за јавниот сектор било ветување кое според СДСМ требало да се оствари уште од јануари годинава.
До зголемувањето на платите доаѓа во време кога со години во континуитет се кажува дека администрацијата е преобемна и оти на земјата и е потребна мала, но ефикасна администрација.
Професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје, вели дека платите во јавниот сектор генерално се ниски, но недостасуваат квалитетни анализи за движењата на примањата и оти тие вообичаено растат од едни до други избори.
„Факт е дека денес во државата ако сакаш нешто да оствариш, од пари за лубеници, па до сливи и тутунари, кој што си сака да си оствари оди да протестира и ќе си добие. Доаѓаат избори и сите желби се задоволуваат, а државата како ќе ги намири тие трошоци не знам, не сум економист. Секој кој демонстрира добива, тоа не добра работа, без квалитетна анализа без да се испита дали има потенцијал или не. На сите платите им се мали. Ако одиме по таа логика, во високото образование не е зголемена плата 25 години, но што да се прави“, вели професор Борче Давитковски.
Во изминатиот период за 10 проценти беа зголемени платите на медицинските сестри и 15 отсто на докторите специјалисти, а за 5 проценти покачена е платата во образованието.
Но, во јавноста има реакции дека овие зголемувања на платите не се доволни за живот.
Видете и ова: Независниот синдикат на полицијата по протестите на средби во Влада
Платите се ниски за сите
Вработените во образованието во септември излегоа на предупредувачки штрајк барајќи зголемување од дваесет и пет проценти, а еден месец подоцна на протест излезе и Независниот синдикат на полицијата барајќи поголеми плати.
Економистите велат дека платите во јавниот сектор се ниски, но оти нивно зголемување може да се очекуваат само кога во државата ќе има поголем економски раст. Професорката на ФОН, Марија Зарезанкова - Потевска, вели дека зголемувањата на платите се прави без стратегија и поттикнато од незадоволството на граѓаните.
„Сите бараат покачувања бидејќи животниот стандард опаѓа. Факт е дека администрацијата е преголема, сите овие години се зборува да се намали, но се зголемува зашто партиите си бараат гласачи. Од друга страна буџетот е лимитаран, се задолжуваме, не произведуваме колку што трошиме“, вели професорката Марија Зарезанкова - Потевска.
Таа дополнува дека има потреба од сериозна реорганизација во целата администрација и во други области за да се обезбеди правец на развој.
„Но тоа останува нерешено прашање и со право административците бараат зголемување, исто и просветарите итн, а државата нема можност тоа да го обезбедува и настануваа тензија. Треба да се размислува за трaјни решенија, особено за економски развој на државата, но факт е дека тешко оди и потребно е време“, вели професорката Зарезанкова -Потевска.
Во врска со најавите на владата за префрлање на вработени од администрацијата во приватниот сектор Зарезанкова вели дека подобро решение е да има предвремено пензионирање, но не очекува тоа да се случи. Според неа, најголем проблем е што администрацијата од избори до избори со години наназад се полни со луѓе кои се блиски на партиите на власт.
Инаку според она што засега е познато приватниците кои ќе преземат административци би добиле субвенции, а државата би ја плаќала и нивната преквалификација.