Никој ништо не прифаќа - вие коментирате

Опозициските забелешки за новиот предлог закон за обвинителство и за тоа кој да го води предизвикало најмногу коментари на социјалните мрежи. Фановите на РСЕ го коментирале и неделното интервју со претседателот Стево Пендаровски.

„Ти си братче ситна риба, само скокаш по песокот, а никако да влезеш во водата“ – вака гласи коментарот на Алекс Алексов на нашата ФБ страница по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека Заев се лаже ако мисли дека законот за ЈО ќе го донесе без нив. И другите постови се во овој стил. Стевче Стојановски прашува: „До кога народот ќе дозволува бандата наречена ВМРО да ја уништува и краде Македонија?“, а Суки Меси му реплицира на Мицкоски: „И ти се лажеш ако мислиш дека државата е во твои раце, ти си исто... како Никола Груевски“. Пост на Орце Цветковски: „Кој си па ти фактор забеган, само сопки ставаш на државата“. Но, Ниметула Ејупи има забелешка за двете најголеми партии – за владејачката и за опозициската: „Дали има во нашата златна Македонија добри луѓе што стварно ќе ја водат државата по прав пат. Голем срам до сите партии, срам да ви е...“

Видете и ова: Владин предлог за спас или за укинување на СЈО

Можноста обвинителката Вилма Русковска да го води новото Јавно обвинителство е „далеку од прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ“, го предизвикало Ангел Кими да се смее: „Хахах, еднаш вака еднаш така...“ Олга Долица напишала: „Ништо не е прифатливо за ДПМНЕ, оти самите не се прифатливи и само квичат“, а Благоја Мицкоски забележува: „Само Зврле е прифатлив за ДПМНЕ на чело на СЈО, а и Панчевски и Вангеловски во тимот. Тогаш за криминалците кои сега се гонеле ’политички‘ ќе има правда“. Зоран Димитриевски резигнирано го коментира ставот на ВМРО-ДПМНЕ: „Дали барем има нешто досега што било и е прифатливо за опозицијата? Неодговорно, несериозно и безобразно!“

Инаку, редовното неделно интервју на РСЕ на македонски е со претседателот на државата, Стево Пендаровски, во кое зборува за октомвриските очекувања од ЕУ, за СЈО и опасноста Охрид да го изгуби статусот во УНЕСКО. Коментарите и постовите од посетителите на ФБ страницата на РСЕ, меѓутоа, се толку полни со лични навреди, говор на омраза и пцовки што не ги цитираме согласно нашите професионални стандарди.