Никој не кажува од каде пари за повисоки плати и пензии

Илустрација

Предложеното покачување пензии и плати во јавниот сектор може да го чинат буџетот уште неколку стотини евра. Нема одговор од каде да се најдат овие пари во услови кога владата лани потрошила 630 милиони евра повеќе од што има, а јавниот долг надмина рекордни 7 милијарди евра.

Сите ветуваат покачување пензии и плати за администрацијата, но никој не кажува со кои пари ќе се платат. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара покачување на пензиите за 20 отсто или во просек за 3000 денари по пензионер, додека синдикатите бараат да се почитуваат колективните договори, што ќе значи скалесто покачување на останатите плати, откако минималната плата беше зголемена на 18 илјади денари. Власта вели дека прави анализи.

Видете и ова: Минималната плата се зголемува на 18 илјади денари

Во услови кога фирмите се сериозно погодени од ковид-кризата и се противат на зголемување на даноци, а државата е веќе рекордно задолжена, нејасно е од каде би се нашле пари за зголемување на платите и пензиите.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред неколку дена до Собранието поднесе Предлог закон кој предвидува зголемување на пензиите за 20 отсто. Со оглед на поскапувањата и растот на минималната плата, треба да се покачат и пензиите, за пензионерите да може да ги покријат основните трошоци за живот, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Тој, сепак, призна дека немаат целосна пресметка колку тоа ќе го чини буџетот.

Многу прашања, малку одговори

„Ние знаеме дека ќе има оптеретување на буџетот. Немаме направено целосна пресметка, меѓутоа она што морам да го кажам е дека една минимална пензија изнесува околу 10.500 денари. И сега кога ја зголемуваме минималната плата на 18 илјади денари, сметам и прашувам дали еден пензионер нема право на достоен живот и нема право да зема онолку средства што се околу минималната плата“, рече Мицевски.

Премиерот Димитар Ковачевски го оцени предлогот на ВМРО-ДПМНЕ како паушален, затоа што, како што изјави, не се базира на никакви анализи и методологија. Тој рече дека се прават анализи за зголемување на пензиите, а најавува и финансиска помош за пензионерите за полесно справување со енергетската и економската криза.

Само за исплата на пензии годишно се трошат околу 1 милијарда евра. Половина од овие пари се собираат од придонесите за пензиско осигурување на вработените, а околу 500 милиони евра доаѓаат од државниот буџет. Ако пензиите се зголемат за 20 отсто, тоа ќе значи уште 200 милиони евра годишно од буџетот.

За плати и надоместоци во јавниот сектор исто така од буџетот се трошат околу 500 милиони евра.

Видете и ова: Државните претпријатија со долгови до „гуша“ и партиска превработеност

Тоа значи дека околу 1 милијарда евра, односно скоро 30 отсто од државниот буџет оди на исплата на плати и пензии.

По зголемувањето на минималната плата, синдикатите бараат да се почитува законот и скалесто да се зголемат и останатите плати. На пример, според колективниот договор за образование, еден наставник треба да има 2,5 пати повисока плата од минималната, односно треба да зема плата од околу 45 илјади денари, што е скоро двојно повеќе од тоа што го земаат сега. Претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати Благоја Ралповски вели дека сега сме доведени во ситуација една третина од јавниот сектор да прима минимална плата, без разлика на работната позиција. Тој вели дека му даваат шанса на социјалниот дијалог за да постигнат договор со власта.

„Државата го праша ли приватниот сектор дали има пари или сакаше да го субвенционира од буџет. На прашањето уште едно прашање. Ако бараш од некого нешто да оствари, треба прво да тргнеш од себе дали имаш средства тоа да го сервисираш“, вели тој.

Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека е отворен за комуникација и оти се разгледуваат неколку можности за покачување на платитe.

А буџетот кнап!

Академик Абдуменаф Беџети вели дека барањата од опозицијата за зголемувања на пензиите без анализа од каде да се обезбедат пари се целосно неодговорни и деструктивни.

„И вака буџетот е веќе кнап. Од една страна велат да ги покачиме сите овие давачки, вклучувајќи ги и пензиите за ненормални 20 отсто, а од друга страна велат не смеат да се покачуваат даноците и критикуваат за зголемување на јавниот долг. Па има ли поголема нелогичност од ова“, прашува Беџети.

Јавниот долг на крајот на минатата година достигна рекордно ниво од 7.135 милијарди евра, односно 60,9 отсто од БДП-то. Само изминатата година државата потрошила 630 милиони евра повеќе од што собрала од даноци и други давачки.