Николовски: АРТОПИЈА со искреноста во изразот боде во очите на оние кои креираат неразумни политики

Сцена од претставата „Да го поздравиш и да ми го бациш“

Со четири претстави и два меѓународни проекти кои ја крепат идејата за поинаков театар, „Да го поздравиш и да ми го бациш“ како темелник на потребата да се говори смело од сцената, АРТОПИЈА успеа да се наметне како храбар концепт за артикулација на гневот против негативните општествени појави.

Најнапред концептот за невладината организација АРТОПИЈА, за еден поинаков театар, за медиум кој олицетворува крик на група млади луѓе против негативните општествени појави, беше промовиран со „Да го поздравиш и да ми го бациш“ претстава што ја потпишаа актерите Симона Спировска Костовска, Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ и Ненад Митевски заедно со режисерката Билјана Радиноска. И се разбира со Радослав Гугушевски и продуцентот Филип Николовски. А, по овој артикулиран творечки крик во петте години „артописки бунт“ следуваа и „Експеримент“ на Јане Спасиќ , „Ужегнатост“ работена по текст на Иван Вискочил и со Владимир Милчин како режисер и „Кожурец“ со текст и драматургија на Билјана Радиноска и Верица Недеска. Згора, два меѓународни проекта „Поетика на срамот“ и „Д Шииит“ работени со партнери од Италија и од Турција, учества на регионални фестивали и награди ... и над се искрена доверба од публиката. Онаа која најдиректно ја прима емоцијата од сцената. И, крикнатите пораки, се разбира.

А, изминатава половина декада, ја превртуваме наопаку со продуцентот Филип Николовски, оној што се зафатил ненаметливо да го придвижува тркалото. Неможното да го стори реално. Инаку, роден во Скопје 1984 година Николовски скоро две децении, со одредени прекини, е дел од тимот на Младински културен центар – Скопје. Најнапред како волонтер, потем хонорарец, па уредник на програма и конечно програмски координатор. Во меѓувреме бил и во екипата на културниот центар ЦК, вклучен во основањето на МакеДокс, Здружението на културни промотери КП и секако во АРТОПИЈА.

Поминаа пет години од создавањето на АРТОПИЈА како невладина организација, но уште повеќе како еден поинаков концепт за организација на културни настани и за театар. Од една временска дистанца од каде идејата и потребата за такво нешто?

- Идејата и потребата за создавање и продуцирање независен или алтернативен театар постои одамна, уште во 70-тите години на минатиот век оваа форма на делување е иницирана на овие простори и со одредени подеми и падови успешно опстојува до денес. Артопија е логична генеза на овој развоен процес и искористувајќи го театарот како медиум, олицетворува крик на група млади луѓе против негативните општествени појави. Би рекол идејата за АРТОПИЈА не бликна во „балтазаровски“ стил, туку е сплет на околности од лоши општествени дејанија, гнев и креативна инспирација сето тоа да гласно да се изговори пред публика.

Филип Николовски, продуцент

Како започна приказната за АРТОПИЈА? Кој се ја прифати идејата за своја и како течеше нејзиниот развој?

- Приказната беше започната уште пред формално да се формира здружението, само ние не знаевме. Групата од млади ентузијасти со исти или слични ставови и погледи на светот во која беа актерите Бојан Кирковски, Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Симона Спировска Костовска и Мартин Јорданоски од Театарот за деца и младинци, еден наш пријател Радослав Гугушевски и јас како продуцент, функционираше, соработуваше и се дружеше уште пред формално да добие печат и статут. Сепак, во Март 2016 година, решивме герилскиот начин на функционирање да го институционализираме. Нудејќи искреност во изразот и отвореност за соработка, приказната ја препознаа и прифатија и луѓето од фелата (театарска и воопшто културна), но и публиката, која е наш главен мотиватор и поддржувач.

Ако темелникот го исправи денес веќе култната претстава „Да го поздравиш и да ми го бациш“, која несомнено ја освои публиката и не само во рамките на проектот „Театар во движење“ туку и на случувања како ДримОн или Д Фестивал, беше ли полесно натаму да се развива концептот?

- Има една изрека која се користи во музичкиот свет, ќе ја парафразирам „Во моментот вредиш колку што ти е добар последниот издаден албум“. Водејќи се од овој став, се трудиме да не живееме во минатото, на стара слава, туку да продуцираме нови и нови квалитетни продукти, бидејќи и политичката и општествената ситуација во државата не мирува, не се подобрува, туку за жал инспирира. Инспирира секојдневно, веќе триесет и кусур години и сеуште не го гледаме светлото на крајот од тунелот.

Да го поздравиш и да ми го бациш“ дефинитивно не е заокружена сторија ниту за нејзините творци, актерите и режисерката - Билјана Радиноска, ниту, пак, за АРТОПИА како продукција. Напротив. Кога ќе биде следната изведба и какви реакции очекувате од публиката?

- Секако дека не е. Иако поминаа пет години, околу 80-тина изведби, повеќе од 7000 гледачи, домашни и меѓународни фестивали и награди. Актуелноста на текстот е свежа како лепче штотуку извадено од фурна, искреноста во изразот сеуште боде во очите на оние кои креираат неразумни политики, а публиката сеуште ја препознава таа емоција и тој став.

Следејќи ја ситуацијата во соседството, сфаќаме дека „Да го поздравиш и да ми го бациш“ допрва станува актуелна во поширок балкански контекст. Тоа секако ќе го продолжи животот на претставата, но ќе отвори и можност истата да биде креирана и од други творци кои во моментот ги засегаат истите јадови.

Што се однесува до нови изведби, во меѓувреме АРТОПИЈА доби принова, Симона стана мајка, а останатите во екипата вујковци и тетки, па по надминување на рехабилитацискиот период колку и да трае во нејзиниот случај, планираме враќање на сцена. Секако се надеваме дека наскоро ќе помине ковид лудилото и ќе можеме да продолжиме со регуларна репертоарна динамика и со исполнети капацитети.

Како втора претстават ја работевте „Експеримент“ со Јане Спасиќ како режисер и која премиерно беше изведена на фестивалот „Здраво млади“ во 2017 година. Колку оваа драма која се бави со начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијаат на дехуманизација и деиндивидуализација на индивидуата успеа да допре до јавноста во нашата зовриена општествена стварност?

- Ре-креирајќи историски настани и експерименти, потенцирајќи ја нивната улога во градењето на човековата свест, со „Експеримент“ на Спасиќ се обидовме да направиме паралела на „минатиот труд“ со денешната општествена реалност и човекова емпатија. Резултатите секако беа поразителни, негативните појави повторливи, надградбата на човековата совест и емпатија ја забораваме зад аголот на секоја пречекорена улица, а тоа им одговара на политичките елити. Тенденцијата секако не ни беше да наметнуваме ставови, туку да предизвикаме критичка мисла кај публиката, да поттикнеме гласен говор против дехуманизација и деиндивидуализација на човекот како индивидуа.

Во локален контекст ситуацијата е „копи-пејст“... едни протести се заменуваат со други, спорот со Грција го замени спорот со Бугарија, Фиром беше заменет од Северна, каубојци и индијанци упорно се заменуваат со македонци и албанци, еден неуспешен министер за култура од претходната влада, со четири (досега) во новата... Проблемот е што не создаваме системски решенија и професионализам, кои би продуцирале квалитет и континуитет во работата, туку се се базира на партиска трговија и политикантство. А историјата токму тоа не учи... системски решенија исполнуваат долгорочни цели и нудат напредок, партиски мешетарења само чмаење и забава во мочуриштето.

И, по две вакви претстави скокнавте со „Ужегнатост“ работена по текст на Иван Вискочил и со Владимир Милчин како режисер со идеја да се проговори за една „социјално-политички ангажирана тема која ја разглобува всушност пресијата од авторитетите“. Ја заокруживте ли со тоа сопствената идеја дека треба и натаму да се продолжи со ваквата форма на ангажиран театар, неопходно потребна овде и сега?

Кога професорот Милчин ни пристапи со идеја дека би сакал да работиме текст кој е пишуван во Чехословачка, во 50-тите години од минатиот век, за момент сите помисливме дека тоа не е „наша шоља чај“. Но, читајќи го текстот кај сите се разви тоа чувство дека Вискочил живее некаде во Карпош 4, во кулите, во 2018 година. Милчин тоа веќе го имаше апсолвирано и чекореше низ процесот водејќи ги актерите до претстава која предвиде случувања на македонската политичка сцена. Кога велам предвиде, не го велам тоа во контекст на обложувачки коефициент за победник на следни локални избори или пак број на пратеници фотељирани во законодавниот дом, го велам во контекст на повторливост на некои несакани појави кои се фолклор при „револуциона“ промена на власт, а за жал сеуште се присутни во нашето секојдневие.

Овој факт, непобитно ја потенцира потребата од продолжување на формата ангажиран театар. Имаме уште многу работа за сработување.

Кожурец“, пак, ја работевте по вистинска приказна, со текст и драматургија на Билјана Радиноска и Верица Недеска. Идејата беше преку театарскиот израз да говорите за комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето. Да донесете на сцена своевиден емотивен пејсаж на една траума. Еден истражувачки процес. Колку сево ова оди во дослух со идејата за силно ангажиран театар денес? Има ли простор за негов растеж кај нас во ова зло-време?

- По првиот успешен обид со Билјана, креирајќи ја „Да го поздравиш и да ми го бациш“, повторно се одлучивме за тема која ја бранува јавноста. Во моментов тоа е скандалозната „Јавна соба“ и случајот со родилката на која и беа отстранети здрави органи. Во минатото го имавме девојчето во Штип кое беше шамарано пред камера од двајца идиоти и уште мал милион ситуации со кои се полнат насловни страни, но виновниците остануваат неказнети.

„Кожурец“ во основа се бави со жртвата и нејзината траума, а во суштина е врисок кој го повикува општеството и надлежните органи да реагираат при вакви девијантни појави.

Токму во ова зло-време наша задача е да реагираме на овие појави и да бараме нивна санкција, не на социјалните мрежи, туку во живо, на сцена, каде што емоцијата е најгласна и најискрена.

Со какви погледи ја пречекувате втората половина од декадата на АРТОПИЈА? Што е она што ќе ве преокупира во претстојниот период?

- Па веројатно со заматени, неизвесни... но, со надеж дека работата ќе не доведе до подобрување на диоптријата, погледите ќе се избистрат, а до крајот на нашиот животен век ќе ги „намонтираме“ и фамозните розови очила.

Ако во првата половина од декадата успеавме да продуцираме четири претстави и два меѓународни проекти, „Поетика на срамот“ и „Д Шииит“ работени со партнери од Италија, односно, од Турција, ќе се потрудиме во втората половина од првата „артописка“ декада да останеме доследни и да продолжиме со создавање ангажиран театар кој ќе биде коректор на негативата во општествената и политичката реалност. Уште поважно, се надеваме дека овој театарски израз ќе допре до општествените и политички авторитети и конечно ќе ни се случи промената по која сме тргнати и која сите толку многу ја посакуваме.