Ескалира конфликтот меѓу градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и градските функционери од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
По серијата разрешувања од страна на Арсовска, денеска оставки даваат други членови на партијата кои се раководители на градски претпријатија. Соопштенијата за оставките ги објави самата ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата која застана за кандидатурата на Арсовска на изборите во 2021 година, сега тактизира околу повлекување на поддршката за градоначалничката.
Од една страна велат дека не се задоволни од нејзината работа, а од друга дека нивните советници ќе гласаат за проектите на Арсовска кои се дел од концептот за модерно Скопје.
„Поддршката која ја дадовме на почетокот на Арсовска е темелна на принципи и секако ние таа ќе ја повлечеме тогаш кога ќе видиме дека тие принципи не се почитуваат“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ на денешна прес-конференција.
Функционерите кои денеска поднесоа оставки, директорот на ЈП Градски Паркинг Скопје Бојан Христовски и директорот на депонијата Дрисла Јане Мицевски, рекоа дека е нарушена тимската работа и координацијата меѓу Арсовска и јавните претпријатија на Град Скопје.
Арсовска, пак, вели дека директорите добиле понуда да си дадат оставки или да бидат разрешени поради несоодветно работење, но прстот го вперува и во партијата и во лидерот Христијан Мицкоски.
“Градот Скопје е град на сите скопјани, затоа сите носители на овие одговорни раководни функции во градот се должни да даваат отчет пред граѓаните, а не пред партиските лидери“, напиша Арсовска.
- Арсовска - Оставка или разрешување им беше опцијата на двајцата директори на скопските претпријатија
Но, ваквите несогласувања ќе бидат на штета на граѓаните. На тоа укажуваат и поранешни функционери кои биле дел од ВМРО-ДПМНЕ, како и аналитичари.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Најголемата штета од актуелниот конфликт е тоа што граѓаните и натаму ќе чекаат реализација на проекти како пречистителна станица, смета Ѓулистана Марковска - поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2002 година.
Таа потсетува дека Арсовска на локалните избори победила поради огромната поддршка од членството на ВМРО-ДПМНЕ и ветувањата за зелено Скопје, чиста вода и запирање на бетонизацијата.
„Во овој случај ништо од тоа немаме. Ова ќе влијае страшно на граѓаните“, вели Марковска.
Арсовска вчера ги разреши од функциите секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација Златко Перински поради несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во тендерот од 136 милиони евра за изградба на Пречистителна станица во Скопје.
Видете и ова: Пластичното лоби и (не)успесите во рециклирањетоПо разрешувањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски им даде поддршка на Перински и Велковски и рече дека верува во нивното чесно работење. Во врска со соработката со Арсовска тој рече дека постојат моменти кога очекувањата нема да се исполнуваат.
„И тогаш патиштата може едноставно да ви се разотидат“, рече Мицкоски.
Краток беше патот од нема ништо лошо да соработуваме, до патиштата ни се разидуваат. На Арсовска не и пречеше кога Мицкоски бараше понуди за автобуси, но сега очигледно нешто не се договориле, вели Марковска.
Градоначалничка функција во Скопје е доста висока и од обврски и по права, додава таа, а ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што е голема партија, не успеа да најде човек кој е член на партијата да биде кандидат за градоначалник, туку играа во стилот дајте „ново дете“ кое ќе биде послушно.
„Сега очигледно нешто не се договориле меѓу себе, за тоа кој ќе биде носител на тендерската дејност, што во краен случај за нас граѓаните е небитна работа, освен да имаме квалитетен водовод, градби, патишта и да немаме се ова што е на ниво на импровизација“, вели Марковска.
Политичкиот аналитичар Сефер Селими на ситуацијата гледа на неуспешен „партиски пазар“ меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ.
„Локалната самоуправа во која спаѓа Град Скопје и другите општини, се институции кои се поблиску до потребите и проблемите на граѓаните и можат да решат допирливи секојдневни проблеми со кои се соочуваат. Така што, секое изразување на вакви кризи и неусогласувања, негативно ќе се одразат кон секојдневниот живот на граѓаните“, вели Селими.
Данела Арсовска беше избрана за градоначалничка на Град Скопје на локалните избори во 2021 година како независен кандидат поддржана од ВМРО-ДПМНЕ. Таа беше и претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија.